Од:

Мистериозен грабеж:Укради струја од ЕВН и лежи повеќе од грабеж на НЛБ

Кражба има,  крадците наводно се фатени, но  пари нема. Грабежот во НЛБ банка останува мистерија проследена со многу контрадикторности во јавните обраќања на институциите. НОВАТВ ги анализираше соопштенијата на полицијата и обвинителството и утврди низа нелогичности во нивните одговори.

Сите луѓе од грабежот

Б.С. – вработен во трезорот и осомничен за кражбата во Тутунска банка

Г.С.  – брат на Б.С. кој му помагал во депонирање и во изнесување на парите од банката

Е.П. – вработена како банкарски комерцијалист – помагала во префрлањето на парите во трезорот и вадење на парите од трезорот

Б.М. – Другар на Б.С. кој ги пренел парите преку граница

Четворица осомничени, 2.000.000 швајцарски франци и 640.000 илјади евра кои се уште не се знае каде се- тоа е епилогот од најголемиот грабеж кој се одвивал 4 дена во една од најголемите банки во Македонија. Во тие четири мирни и навидум здодевни работни денови, од 6 до 10 април крадците изнесоа многу пари од НЛБ банка. Во овој грабеж немаше филмски драми, немаше спектакли во кои што се вадат пиштоли, се онеспособуваат аларми или се држат заложници.

Едноставно – се случи мирен трансфер на пари од банката во непознат правец и токму ова го прави грабежот од нашата приказна сепак спектакуларен. Ова е и најголем грабеж во историјата на Македонија и е проследен со низа сомнителни околности и контрадикторности. Сите информации кои доаѓаат до новинарите се од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на Република Македонија, а според информациите на НОВА во НЛБ, на вработените и на директорите во банката им е забрането да даваат било какви изјави или информации околу грабежот.

Главен осомничен за грабежот е Б.С.- вработен како трезорист во банката. Според досегашните информации, тој го направил „мастер планот“ и ги ангажирал другите околу него да му помогнат. Тој е осомничен за кривично дело „затајување“.

Останатите, меѓу кои и неговиот брат Г.С., другар му Б.М. и комерцијалистката во банката А.П., се осомничени за кривично дело помагање во затајување.

Целиот случај беше полн со нелогичности, уште кога МВР излезе со првични информации, а како се прошируваше истрагата, работите стануваат само позамрсени.

Кога ќе се споредат двете соопштенија кои досега МВР ги објави за случајот, како  и неофицијалните информации кои протекуваат од Министерството, излегуваат еден голем број потпрашања на кои засега никој не дава одговор.

КАКО ИНФОРМИРАА ИНСТИТУЦИИТЕ

На 12.4.2017 година, МВР излегува со првични информации според кои од банката недостигале 2.000.000 швајцарски франци и 643.000 евра. Парите од банката биле изнесувани сукцесивно, од 6 до 10 април.

Според информациите, првата сума од 100.000 франци била украдена на 6.4.2017 година, а операцијата се одвивала на овој начин: првоосомничениот Б.С. од пратка од милион швајцарски франци кои требало по авион да бидат пратени на одредена дестинација,  земал 100.000 франци.

Но, после пет дена, МВР излегува со второ соопштение и тогаш велат дека постои проширена истрага, во која братот на Б.С. на 4.4.2017 година (два дена пред парите формално да бидат украдени) дошол во банката со 95 илјади евра и побарал  да му бидат конвертирани во швајцарски франци. Шалтерската работничка, која е исто така осомничена, ги конвертирала парите во франци,  но не му ги дала, туку неговиот брат- Б.С, се понудил сам да ги извади од трезорот и да ги врачи на второосомничениот Г.С.

Но, Б.С. не извадил франци од трезорот за да му бидат дадени на братот, со што всушност, шалтерската работничка имала вишок пари во благајната.

Според МВР, Б.С. со парите кои неговиот брат ги уплатил, ги надоместил оние пари што му недостигале при порамнување на сумата која претходно ја имал украдено. Но сепак се поставува прашање како може МВР да тврди дека претходно Б.С. имал украдено пари кога според нивното соопштение, кражбата се одвивала од 6 до 10 април.

Токму заради тоа, се поставуваат неколку прашања на нелогичните официјални информации понудени од надлежната институција- МВР. На нив досега нема одговор, и покрај упатените прашања на НОВА, токму до МВР.

Според неофицијални информации, пратката со парите, за која не се знае дестинацијата, од страна на Банката била планирана кон крајот на претходниот месец – март и уште тогаш Б.С. оние 100.000 франци ги чувал скриени во трезорот, а со парите од брат му се погрижил да нема кусок во трезорот.

Следното прашање кое се поставува е како Б.С. сам влегувал во трезор и криел пари без никој да го види, а за влез во трезорот се потребни два клуча? Според МВР, Б.С. сам во трезорот влегол и на 7.4.2017 година и тогаш извадил 375.000 евра.

Во најмала рака, требало да има помош од другиот трезорист кој го имал вториот клуч, но според досегашните информации, таков осомничен нема.

ИЗВАДОК ОД СООПШТЕНИЕТО НА МВР ОБЈАВЕНО НА 19.4.2016

На ден 04/04/2017 година Б.С. околу 17 часот на шалтерот на кој работела пријавената Е.П. се информирал за курсот на еврата и швајцарските франци, со образложение дека некој негов пријател сакал да направи конверзија на евра во швајцарски франци, но наводно не знаел кога истиот би ја извршил конверзијата. После половина час, првопријавениот Б.С. заедно со неговиот брат Г.С. пристапиле кон шалтерот при што од страна на Г.С. на пријавената Е.П. и биле предадени 95.000 евра заедно со негова лична карта, за да преку неговата трансакциска сметка изврши конверзија на наведените девизи во швајцарски франци. Откако вработената ја направила потребната нарачка со електронски налог до трезорот, Б.С. и’ кажал дека парите (100.000 швајцарски франци- конвертирани 95.000 евра) тој лично ќе ги земе од трезорот без да ги пушти по воздушната цевка како што била процедурата. Од страна на Г.С. биле потпишани сите потребни документи за паричните средства, а Е.П. ги задржала 95.000 евра во благајна, по што по завршување на смената истата заради обезбедените банкарски исправи, уредно попишани дека извршила конверзија, немала кусок на благајната, ниту пак имала вишок парични средства. Од извршениот увид во снимките од видео надзорот во банката, констатирано е дека додека Г.С. е на шалтерот на банката и се врши наводната конверзија, а кога на смена во трезорот е и неговиот брат пријавениот Б.С.  од трезорот ниту се изнесуваат 100.000 швајцарски франци ниту пак Е.П. му исплаќа пари на Г.С. ( наводните 100.000 швајцарски франци) како би се завршила конверзијата. Всушност на овој начин е овозможено затворање на претходно настанатиот кусок од 100.000 швајцарски франци во трезорот направен од првопријавениот (првиот затаен износ од авионската пратка од вкупно 1.000.000 швајцарски франци.

КАДЕ СЕ ПАРИТЕ

Последната сума пари која Б.С. ја украл, биле 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра. Според МВР, Б.С. овие пари ги зел од трезорот, ги ставил во ќесе за подароци и ги изнел од банката каде што му ги дал на брат му, кој пак му ги предал на Б.М, кој му е другар на Б.С. и е последниот осомничен.

Следниот ден околу 14 часот, Б.М. со кола парите ги изнел преку граничниот премин Табановце. За парите од МВР се уште нема ниту збор, дали се пронајдени, каде се пронајдени и колку точно пари биле пронајдени.

По неколку преписки со МВР за да ни кажат каде е уапсен Б.М. и дали парите биле пронајдени кај  него, од Министерството ни одговорија дека Б.М. бил уапсен на Табановце, а за парите не препратија да се обратиме во надлежното обвинителство, од каде на ова прашање не добивме никаков одговор.

НОВА ТВ од извори кои инсистираа на анонимност дознава дека Б.М не е уапсен, туку преку Интерпол е распишана потерница – во случај тој да биде пронајден на териториите на Србија, Хрватска, Словенија и Италија, да биде лишен од слобода и да биде извршен преглед на возило.

МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВОДАТ ИСТА ИСТРАГА ЗА РАЗЛИЧНА СУМА НА ПАРИ

Најголема контрадикторност во овој случај е тоа што МВР и Јавното обвинителство на РМ (ЈОРМ) истрагата околу случајот ја започнале истиот ден. На 12 април беа објавени соопштенијата и на двете институции, но сумите за кои се води истрагата се различни.

МВР истражува каде се 2.000.000 франци и 640.000 евра, додека ЈОРМ истражува недостиг од 2.000.000 франци и 270.000 евра. (н.з. што значи ЈОРМ води истрага само за последната сума пари што се украдени на 10 април) Со тоа во истрагата на ЈОРМ недостигаат околу 500.000 евра.

За објаснување се обративме и во двете институции. Од МВР за одговор не препратија во Обвинителството, од каде пак не ни одговорија на конкретното прашање, туку се повикаа на целосна транспарентност:

„Со самиот тек на истрагата , со откривањето на нови податоци и материјални докази во постапките,  се утврдуваат и нови моменти кои и се соопштуваат на јавноста во континуитет. Тоа и е причината за податокот во врска со различната вредност на средствата кои недостигаат, објавена во различни соопштенија на различни институции.

Истрагата ја води надлежно обвинителство и се уште траат дејствија за расветлување и утврдување на фактите во предметот“, пишува во одговорот кој го добивме од обвинителството.

ПОТЕШКА КАЗНА Е ДА КРАДЕШ  СТРУЈА ОТКОЛКУ ДА ЈА ОГРАБИШ НЛБ 

НОВАТВ со експерти го разгледуваше  Кривичниот  законик  и членовите кои ги определуваат казните за кражби. Трезористот Б.С. се чини дека ќе се извлече со помала казна бидејќи истрагата против него е поведена за сторено кривично дело „затајување“, а не „кражба“. На пример, ако украдете струја од ЕВН според Кривичниот законик можете да добиете затвор од 3 до 5  години. Додека за кривичното дело затајување казните се движат од парични, три месеци или три годии затвор до пет години затвори.

Адвокатот Филип Медарски во изјава за НОВА ТВ вели дека осомничениот за кражбата во Тутунска банка е привилегиран со тоа што го гонат за кривично дело затајување, наместо за тешка кражба. Според Медарски, делото затајување воопшто не е во согласност со овој случај.

 „За да биде квалификувано како кривично дело ’затајување’ мора да се работи за предмети кои нему му биле доверени во врска со работата. Евентуално може да биде осомничен за кривично дело ’тешка кражба’“, вели Медарски.

Јавното обвинителство информираше дека истражната  постапка која ја покренува против вработениот во трезорот е по основ дека сторил кривично дело Затајување по член 239 став 5, а во врска со ставовите 3 и 1 и со член 45 од Кривичниот законик.

Член 239 , став пет вели: Тој што противправно ќе присвои туѓ подвижен предмет што го нашол или до кој случајно дошол, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Став 1 пак вели: Тој што противправно за себе или за друг ќе присвои туѓ подвижен предмет што му е доверен, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

И Став 3 вели дека: Ако делото од ставовите 1 и 2 го стори старател или лице на кое во правното лице предметите му се доверени во врска со неговата работа, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.

Доколку против Б.С. беше покрената постапка користејќи се со член 236 којшто идентификува тешка кражба би можело да го чека затвор до 10 години.