Од:

Москва им верува на солзите на Груевски

Груевски низ московските улици ќе се препотува од сомнеж дали да и верува на сопствената сенка која му надвиснала да го поклопи.

Се е прашање на милост, во време на очигледен лудачки сјај во очите за одмазда. Земете го ова сведоштво за време на чешкиот комунистички режим, кога апсењата на интелигенцијата се прашање на чест на диктатурата, се поинаку би било библиски потоп за џелатите.

Марта Хубишова, икона во секоја смисла, не само како уметник, туку и како интелектуалец, потписник на Повелбата 77 и оттука гонета, забранувана, распнувана.

Ја прашуваат како се чувствувала кога ќе ја виделе на улица, но да, кога добро ќе ја виделе и ќе ја препознаеле и затоа и ќе ја преминеле другата страна од тротоарот. Може ли на тие луѓе да им прости?

Што вели милоста од неа: “Само што јас не знам кому да му простам. Отсекогаш слабо сум гледала и не ги распознавав луѓето подалеку од два метри. Дури пред две години направив ласерска операција и конечно добро гледам. Така што, фала Богу, тогаш бев доста кусогледа”.

Оваа приказна ги отвора сите морални и идиотски прашања во исто време: кому мора да му се прости кога најмногу не смее?

Пред ова прашање е исправен и Никола Груевски, таткото на непростувањето и одмаздата кога се во прашање критичарите, за него смртни непријатели, а во исто време, тој е  синот на топлата прегратка на заборавот на народот на кој се повикува со години.

На што се надева навистина тој- на зрнце милост, ако не го заборават критичарите, судовите, правдата дури и после 20 години.

Онака како што ја избегнуваа казната низ годините чуварите на Треблинка или Аушвиц, или можеби ако сакате Пиноче, токму онака како што премалени и свиткани седнуваа на обвинителната клупа и велеа дека не се сеќаваат, но тие злодела секако не ги сториле, а ако се вистинити, тогаш сепак не се сеќаваат.

Постојат разни приказни кои кружат низ годиниве, откако бомбите на Заев беа послужени, особено испорачани до вулгарниот во секој поглед, не само естетски или морално, нов дом на ВМРО. Приказни за милост, со која како со орден, ќе биде одликуван Груевски.

Една од омилените приказни на моите раскажувачи е и онаа, за лесниот пат во иднината на Груевски, неговите идилични денови откако СЈО ќе покрене обемен дел на истраги.

Дека неговото прибежиште би била прекрасната Москва, студена и без милост за дисидентите и критичарите на Путин, но граблива и раскошна во гостопримството на Мира и Марко Милошевиќ или еден Сноуден, каква иронија за последниов, кој во гради се удираше дека е бескомпромисен борец за правда и демократија, а сега се огледува во ситните, лукави очи на Путин, совршено деформирани од несовршеноста на ботоксот.

Вистинското место за истомислениците, добродушната Москва за сите путинисти, надарена со историја на мајчински инстинкт кој никогаш немал милост ни кон сопствените деца. Само таму Груевски, низ московските улици кои р’жат гласно од претпазливост колку е политички коректен тој што ги чекори, само таму ќе се препотува од сомнеж дали да и верува на сопствената сенка која му надвиснала да го поклопи. Кутрото посвојче на Милошевиќ,  не знае дека сенката е само грамадната Мира Марковиќ, која го земала под свое и го тетоши, дека мирот е се што сега ќе им треба, но никогаш нема да има кој да го дофати.