Од:

Можно е до 31 јануари да се изберат претседатели на Кривичен и Врховен

Се надевам дека претседатели на Кривичниот  и Врховниот суд ќе се изберат најдоцна до крајот на месецов, рече претседателот на Судскиот совет, Жарко Караџоски по завршувањето на денешната седницата на Советот.

„Конечно не можам да кажам, можеме само да прогнозираме, но не сакам да манипулирам. Се надевам дека до крајот на месецот евентуално ќе може да се изберат – рече Караџоски.

На седницата денеска се разгледуваа и приговорите за оценување на кандидатите за претседатели на судовите, а како што информираат од Советот, дел од приговорите биле прифатени.

Советот ги прифатил приговорите на кандидатите за претседатели на Основниот, Врховниот и Апелацискиот суд во Штип.

Утрово, пред почетокот на седницата на Советот, поранешната претседателка на Врховниот суд, Лидија Неделкова писмено побара точката на дневен ред на која ќе се разгледува нејзиниот приговор да биде јавна, но Советот не го прифатија барањето.

„Кога веќе почнуваме јавно да се надмудруваме, требаше да ми дозволат да присуствувам на седницата, само на оној дел во кој се зборува за мене. Сакам да слушнам зошто не ми ги дале сите бодови на вонредното оценување. Сметам дека во вакви ситуации, особено кога самата ќе побарам, треба да биде дозволено“ , вели Неделкова за НОВА.

На ова Караџоски рече дека барањето на Неделкова е неосновано и дека секој кандидат ако сака, може јавно да ги објави бодовите и оценката.

„Судската функција е јавна, но согласно Законот за Судски совет и Деловникот за работа, мора да се испочитуваат одредбите за нејавност на седниците во овој дел, особено што решенијата кои се изготвуваат со оцените се од доверлив карактер. Секој судија си ја добива оцената во затворен плик, лично од претседателот на конкретниот суд“, рече Караџовски.