Од:

Мурињо: Преку Лига Европа да се вратиме во Лига на шампиони

Лига Европа е најсигурниот начин за Манчестер јунајтед за враќање во Лигата на шампиони за наредната натпреварувачка сезона кога станува се поизвесно дека преку Премиерлигата е тешко изводливо. Евентуално освојување на трофејот на 24 мај во Стокхолм против Ајакс би било и совршен крај на тековната сезона за „црвените ѓаволи“.

„Оваа сезона беше многу тешка за нас. Ќе биде неверојатно ако го освоиме пехарот во Лига Европа. Имаме шанса за тоа, но и прилика да се вратиме во Лигата на шампиони“, рече Жозе Мурињо.

Јунајтед одигра 1:1 против Селта на „Олд трафорд“ во реванш полуфиналните 90 минути, но продолжи кон големото финале благодарение на минималниот триумф (1:0) во првиот меч во Виго. И покрај „тенката“ партија против шпанскиот претставник, португалскиот менаџер упати пофалби до своите фудбалери.

„Покажавме менталитет, карактер, желба и заедништво кога беше тешко, кога беа подобри од нас, кога бевме во проблеми и кога не игравме добро. Едноставно се боревме до крај“, додаде „специјалниот“.