Од:

На 23 април, референдум за спас на Гевгелија

На 23 април во Гевгелија ќе се одржи референдум, дали сте за или против отворање нa рудници на металични суровини кај Коњско. Оваа одлука ја донесе Советот на општина Гевгелија на синоќешната седница.

За првпат на овие седници советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ беа едногласни дека граѓаните на општината мора да одлучат за тоа дали да се даде концесија на канадската компанија „Невсан“, која три години имаше концесија за детални геолошки истражувања и сега одлучи да поднесе барање за концесија за експлоатација.

Геолошките истражувања покажале доволни резерви на злато и бакар за исплатливост на рудниците со примена на таа метода.

Канадската компанија „Невсан“, преку нејзината македонска компанија „Резервоар минералс“, има две концесии за такви испитувања – Коњско и Двориште, кај Бучим.

– Ако тука почне да се вади златото и бакарот, преку т.н. метода лужење, со цијанид, тогаш Гевгелија треба да ја избришеме од картата на Македонија. Тоа ќе значи смрт за градот, за општината и за пошироката околина. Ни се заканува огромна катастрофа, вели Ангел Наков, основачот на ски-центарот на Кожуф и дел од граѓанското здружение „Спас за нас“.

Во Гевгелија право на глас имаат 19.300 граѓани запишани во единствениот избирачки список. Референдумот за или против изградба на двата рудника ќе биде успешен ако на гласачките места излезат 50 отсто плус 1.