Од:

На лагата и се кратки нозете

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Лажго лажго (Игран филм со Диме Спасов)

Има лаги, има големи лаги и има лаги на Диме Спасов. На човекот му беа потребни шест дена да поверува во сопствената лага, да научи напамет невозможно сценарио и да се охрабри да излезе пред јавноста за да ја каже неговата “вистина”.

Да ги погледнеме најпрвин неспорните факти. Господинот Дополнителен заменик министер за труд и социјална политика заедно со неговата сопатничка биле излезени во доцните вечерни часови со службено возило на Агенцијата за вработување. Прво прашање, што бара човек низ град во полноќните часови со службено возило во нешто што јасно изгледа дека била приватна работа на излегување и забавување?! Никој не кажува дека младиот заменик министер не може да се забавува, иако кога си јавно лице и за тоа има ред како и каде се прави, но сепак, тоа да се прави со службено возило и истото да се вози во наводно алкохолизирана состојба претставува тешка злоупотреба на неговата положба. Второ, се случуваат две сообраќајки во кои младиот господин не застанува туку продолжува да се движи и кога на крај сепак бил сопрен, истиот го напушта местото на настанот, бега од полицијата, оставајќи ја сама својата сопатничка, што освен што е човечки неприфатливо однесување, се коси и со кривичната одговорност како што ќе се објасни понатаму. Трето, во нејзината прва изјава сопатничката јасно кажува дека со возилото управувал Спасов и дека никој не ги следел, барем не на таков драматичен начин како тоа го опишуваше подоцна самиот Спасов. Четврто, на местото на настанот се појавува шоферот на младиот господин кој широкоградо ја презема вината и тврди дека возел тој, меѓутоа, не знае да кажува што точно се случило и лесно се утврдува дека всушност дава лажен исказ.

Овие се непобитните факти кои се утврдиле таа ноќ и за што постојат и официјални записници. Истите факти не се демантираат ни од страна на самиот Спасов на кого како што кажав му требаше малку подолго време да се отрезни и да ја научи неубедливата верзија за случајот со која после излезе на планиран исповед да одговори на досега најсилното новинарско прашање поставено за оваа работа: “Кој и зошто ве намести?”. Многу “силно” интервју, навистина бесконкурентно интервју на наместениот Диме Спасов, во кое тој зборуваше за некаков неверојатен научно-фантастичен акционен филм во кој тој како главен протагонист е следен од криминалци од кои тој бега и пред кои не знае како да постапува бидејќи “никогаш немал работа со криминалци” (ова ми е најсмешно од целата негова изјава, бидејќи како што се гледа, злосторничкото и мафијашко здружение на кое Спасов припаѓа, очигледно за него не е криминално). Притоа, новинарката пропушта да му ги постави најсуштинските прашања, од типот: Зошто бегавте од полицијата ако се чувствувавте загрозен од некакви “криминалци”? Зошто ја оставивте сопатничката сама? Ако навистина бегавте од некакви криминалци, дали знаете дека оставањето на блиското лице во нивните раце исто така опфаќа кривична одговорност, бидејќи постои нешто во кривичното право што се вика “нужна помош” и предвидува дека на лице кое е противправно нападнато должни сме да му укажеме помош? И тоа не е само работа на џентлменство туку и обврска за секое лице. Понатаму, новинарката не постави прашање ниту за првичниот исказ на сопатничката, ниту пак за причината зошто шоферот на Спасов се појавил да даде лажен исказ. Ептен јако истражувачко новинарство, нема што. Сите овие непобитни факти не добија место на ексклузивното интервју на кое главниот акцент беше ставен на “криминалците” Албанци кои бесмислено и бесповодного следеле невиниот млад дечко дополнителен заменик министер и сакале да го убијат, онака за ќеф. Во меѓувреме, во друга телевизија се појавуваат ексклузивни снимки од УБК од безбедносните камери кои би требало да го докажуваат тоа што младиот заменик министер го кажуваше во ексклузивното интервју. Многу е нејасно како тие снимки се појавија во една телевизија кога знаеме колку е тешко да се зема било каква информација од УБК и кога постојат судски наредби за тоа. Истотака, многу е интересно како тие безбедносни камери функционирале беспрекорно за овој случај а не функционирале во други контроверзни случаи како што се убиствата на Мартин Нешковски и Никола Младенов или убиствата кај Смилковското езеро. Како тоа камерите така селективно работат а одредени снимки за кои уште и се тврди од самото МВР дека се монтирани се појавуваат како такви по телевизии поврзани со владејачката партија?!

Поуки од акциониот научно-фантастичен филм

Од сите контроверзии кои беа споменати погоре од кои во една нормална држава политичката кариера на одредено лице би била целосно и завршно запечатена и осудена на пропаст, може да се извлечат неколку заклучоци:

  1. Минатата недела го објаснив казнено-правното начело “In dubio, pro libertatem” штовопреводзначи “при сомневање, одлучи за слобода”. Меѓутоа, во оваа наша чудесна земја, за која музичката група од 90тите “Меморија” пееше “Македонија ти нуди љубов и се”, всушност постои сосема друго начело кое се повторува од година во година, од ситуација во ситуација, и гласи вака: “Кога си сам, и тажно е се, обвини ги Албанците…”. Не знам дали Спасов бил сам во таа мрачна ноќ, бегајќи безнадежно од полицијата на кој не му верувал, не знам ни дали бил тажен, но едно е сигурно, тој ги обвини Албанците како дежурни криминалциза тоа што му се случи, и во тоа го основи целото свое објаснување за настанот, сигурно, инспириран од погрдните зборови со кои Албанците се опишуваат од поранешната министерка Јанкуловкса. Па имал младичот од кого да учи!Непосредно по тоа објаснување, исказите на другите лица вклучени во целата работа се сменија по три пати и се впуштија од една во друга нелогичност. Всушност, објаснувањето кое може да се изведе од погоре споменатите непобитни факти е многу јасно: Пијан човек удрил во две возила со службената кола која противправно ја употребувал за лични работи, потоа побегнал од полицијата, а покасно го натерал или поттикнал неговиот возач да ја преземе вината преку давање на лажен исказ а сведокот на настанот ја натерал три пати да го смени својот исказ. Ова го прави само мртов пијан човек, а не човек кој бега од некакви “криминалци”. И петгодишно дете ако му ги кажете двете верзии на случајот ќе поверува во логичната верзија наместо во акциониот научно-фантастичен филм.
  2. Друга работа која треба да се примети е начинот на кој деловите од државните институции кои се и понатаму под контрола на владејачката партија, експресно приложија докази за другата, помалку веројатна и многу контроверзна верзија на настанот. Во некои други времиња во кои кулминираше МВРО начинот на управување со Министерството за внатрешни работи, работите ни од блиску немаше да излезат вака од контрола, Диме ќе си спиеше мирно дома по лудата ноќ, Туарегот ќе беше уредно паркиран пред неговиот дом, никој немаше ниту да знае за неговите полноќни лудувања по главниот град, а доколку ќе имаше било каква неконтролирана вест околу настанот, “криминалците” Албанци кои се “огрешиле” пред законот и пред Диме, веќе ќе беа во притвор со сигурни затворски казни кои само ќе се потврдуваа пред “чесниот” суд. Убаво е што МВР на крајот почна да признава дека има и монтирани видео снимки за кои Албанците одамна говорат и се жалат.
  3. Трета работа која треба да се примети е начинот на кој одредени лица толку лесно би признавале вина за да заштитат нивен шеф па дури давајќи лажен исказ и самоволно носејќи ги последиците на нечии лудории. Таквото лојално постапување одамна личи на постапувањето на криминално-мафијашките структури кај кои секогаш има по некое лице кое оди во затвор наместо шефот, синот на шефот или некој друг негов близок човек. Таква робовска лојалност на сопствена штета не се приметува ниту во робовладетелските односи од стариот век. А многу е интересен и исказот или исказите на девојката напуштена среде настан, препуштена во рацете на криминалците или полицијата, оставена сама среде ноќ во скопските улици. Неа пак ич не ја разбирам. Прво кажала возел Спасов и не биле следени, после кажала не возел Спасов, за на крај да каже дека сепак Спасов возел ама биле следени. Три пати драстично изменет исказ за лице кое ја оставил така, сама да се справи со целата работа. Е сега човекот или возел или не возел, може детаљ од исказот да биде сменет, ама вакво менување се коси со логиката и станува бесрамно навредувачки.

Целата работа е толку надвор од контрола и секаква логика што веќе излегува од реалната и влегува во суреалната димензија.

Што е уште полошо за власта, ова не е единствената работа која е надвор од контрола. Слушам вести во кои прва вест се лудориите на Спасов и последователните случувања околу нив, втора вест е Братучедот на судење за Трезор, трета вест е кривичната пријава за Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Скопје за нелегално градење. Со Претседателот на судот се поврзува и друга лага на кои веќе и се гледаат кратките нозе. А тоа се поврзува со друга кривична пријава поднесена од судија за незаконско влијание и притисок од друг судија, прва таква пријава со што веќе се појавува доказ дека притисоците врз судството не се само измислени работи на некои луѓе туку се реални работи кои секојдневно се случуваат. Таа кривична пријава е преседан за кој многу ќе се зборува и дебатира, но кој всушност потврдува дека досегашните упорни тврдења дека судството ни е независно и дека никој не влијае врз судиите се една голема дебела лага!

Работите навистина се излезени од контрола и владејачката партија тоне од срам во срам. А сепак е уверена дека сево ова ќе успее да го легитимира со гласот на граѓаните на 11 Декември, на начин на кој Панчевски би ја легализирал својата дивоградба. Ако е во ред да се легализираат дивоградби зошто не би се легализирало и противправното владеење преку избори?! Зошто не би можело да се легализира самоволието на неодговорни министри и функционери, неказнивоста на криминализираните владејачки структури, и целосното суспрендирање на владеењето на правото?! Зошто не би можело целата држава да стане една голема легализирана дивоградба во која ние среќно ќе живееме во “Љубов и се”.

Јас не сакам да живеам во дивоградба. И затоа знам што ќе направам на 11 Декември!



Comments are closed.