Од:

Надеж за правда

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Годината 2016 ќе биде запаметена во правната историја на Македонија како година на големи правни скандали. А истата започна со ехото на студентските протести кои ги одбележаа претходните години со нивната општо-прифатена парола “Нема правда, нема мир”. Навистина, за каков вид на мир или стабилност може да се зборува ако правдата не функционира? Дали таков мир е воопшто можен или се работи за затишје пред бурата? Едно е јасно, правдата не може да се игнорира, ниту пак бескрајно да се жртвува за било каква политичка “стабилност”. Вистинскиот спокој и вистинската стабилност се можни само во општество каде што владее правото и каде што институциите кои треба да споделат правда функционираат врз основа на закон, а лицата кои извршиле кривични дела, за истите одговараат пред објективен и непристрасен суд.

2016 година започна со саботирањето на работата на Специјалното јавно обвинителство. Тие што ја создадоа оваа институција која ужива највисока доверба од граѓаните за разлика од другите државни институции, навидум ја подржуваа нејзината работа, а зад кулисите ги злоупотребуваа сите свои привилегии и влијанија за да ја блокираат. Така, Советот на јавни обвинители упадна повеќе пати во утврдувањето на надлежноста на СЈО иако законот на најјасен начин посочува дека оваа институција има ексклузивно право да бара од редовното Јавно обвинителство на РМ да и достави предмети, при што последнава е должна истите да и ги достави директно на СЈО (Советот на јавни обвинители никаде не се споменува во овој процес), по што СЈО одлучува во рок од осум дена дали е надлежна да постапи по тие предмети или не. Логичното прашање кое се поставуваше беше, за кого работат Јавното обвинителство на РМ и Советот на јавни обвинители, кога на таков отворен и очигледен начин ги прекршуваат важечките закони на оваа земја преку нивните противзаконски дејствија?!

Како тоа да не е доволно, во март 2016 година Уставниот суд на РМ, спротивно на сите правни аргументи и телеолошки (целисходни) толкувања, спротивно на самиот Устав на РМ кој јасно уредува дека Претседателот има право да дава помилување во согласност со закон (што подразбира дека со закон се уредуваат кривичните дела а и условите врз основа на кои се дава помилување), го укина како неуставен Законот за измена и дополнување на законот за помилување од 2009 година со цел да овозможи претседателот да помилува кого сака и за кои дела сака без никакво образложение. Од правен аспект ова остана невозможно, бидејќи Уставниот суд може да укине закони, но не може да донесе нови правни решенија ниту пак да ги врати старите, тоа е чиста уставно-правна наука. Но второто логично прашање што се поставува сега е, за кого работи мнозинството на судии на Уставниот суд, кога на таков отворен и противречен начин укинува важни одредби со точно определена цел, без солидна правна аргументација и со тесно мнозинство 5:4?!

Ова Одлука на Уставниот суд овозможи во Април 2016 година Иванов, во улога на Претседател на РМ да донесе 41 незаконски помилувања, основани во непостоечки член 11 кој беше избришан уште во 2009 година со измените на Законот за помилување. 41 незаконски помилувања, со чиста цел, да овозможи бегство од правдата за лицата кои се гонат од СЈО, и кои еден ден правдата сепак ќе ги стигне. Третото прашање кое се поставува е за кого работи институцијата Претседател на РМ, кога со такво срамно помилување го укина целиот правен систем на земјата, конечно ја уништи идејата за правна држава, и отворено се потруди да го бетонира недопирливоста на лицата обвинети за тежок криминал?!

Сите знаеме што следуваше. Тие одлуки за помилување беа неприфатливи за многу граѓани кои создадоа нов концепт на отпор кон ова континуирано и координирано лудило, концепт кој го доби името Шарена револуција. Одлуките за помилување беа катализатор на созревањето на граѓанската свест во Македонија, сепак тие истовремено беа и блокатор на работата на СЈО, која за три месеци се соочи со дополнителни проблеми во работата како последица на овој правно неприфатлив чин на една државна институција. Поради огромниот притисок од сите страни, јасно беше дека се потребни решенија за проблемот. Решението беше видливо но сепак се игнорираше. Незаконски донесената одлука за помилување е ништовна, и како таква треба да се прогласи и да се повлече. Сепак, во обид да се зачува непостојниот интегритет на институцијата која ја создаде целата таа правна катастрофа, се вклучи друга државна институција наречена Собрание на РМ, која во Мај 2016 година донесе нов Закон за измена и дополнување на законот за помилување, во кој се надгради непостоечкиот член 11 и се создаде потполно контроверзна можност за повлекување на законско дадени помилувања наместо незаконските помилувања да бидат прогласени за ништовни. И пак се поставува четврто по ред прашање, за кого работеше Собранието на РМ кога донесе такво потполно противречно решение одејќи во спротивна насока од логиката, науката и здравиот разум?

Следеше делумно па потполно повлекување на помилувањата и носителот на функцијата претседател на државата ниту си поднесе оставка, ниту пак се извини за својот неприфатлив чин, туку напротив, истиот и понатаму се потруди да го оправда со некакви високи ризици кои и се закануваат на земјата со што продолжи да сее страв меѓу граѓаните, онака режимски, без никаков доказ и со цел народот да се држи под контрола. Јасно е дека најлесно се контролира народ кој е преплашен од непостоечки опасности и непријатели. Тоа го видовме и од резултатите на изборите. Не е знаењето сила и моќ во оваа држава, напротив, стравот е сила, стравот е моќ, за тие кој што сакаат да владеат со сеење страв.

Следуваше втор Пржински договор, нов критичен извештај на Европската комисија, и конечна одлука за датум на предвремените избори.

Во меѓувреме, кривичниот суд Скопје 1, Скопје, цврсто го држеше бастионот на борбата против СЈО, одбивајќи 99% од нивните барања за притвор и други мерки, а прифаќајќи 97% од барањата за притвор на Основното јавно обвинителство и Јавното обвинителство за организиран криминал, не прифаќајќи барања на СЈО за изведување на докази во постапката а прифаќајќи идентични барања од редовното јавно овинителство, спуштајќи се во граматичко толкување на насловот на Законот за СЈО во обид да се спори надлежноста на оваа институција преку толкување на сврзниците во насловот на законот, и ред други работи работи. Дотолку повеќе, во расправата за првите две обвинителни предлози на СЈО, случајно избраните судијки имаа интересен и порано невиден однос кон СЈО кое е сепак јавно обвинителство во оваа земја. Така,  специјалните обвинители кои се појавуваа пред судот, кои се сепак обвинители избрани според законите на земјава, се среќаваа со различни шиканирања и закани дека ќе бидат отстранети од судница, им се земаше зборот и се третираа како обвинети додека пак обвинетите де се викаа осомничени, де не се легитимираа и се третираа како заштитени сведоци, за кои пак законот никако да се измени во однос на потребите истакнати од СЈО… И еве го и петтото прашање: За кого тоа работат судовите во РМ, особено кривичниот суд Скопје 1, кога така отворено се спротивставуваат на воспоставувањето на прада и на гонењето на криминалот во земјата?!

И на крај, започна изборната кампања. Говор на омраза, сеење страв кај граѓаните од непостоечки ризици, закани со ликвидација, и полно други конкретни дела на омраза кои се појавија но не наидоа на никаков одговор од надлежните институции, што повторно ги поставува сите претходно наброени прашања во овој текст. Деновите кои следуваа после изборите, кога се чекаа одлуките на ДИК за приговорите, кои патем се законски средства предвидени во Изборниот законик на земјава, ја излеаја чашата полна со омраза која достигна невидени размери, во кои лицата кои во 90тите бараа “гасни комори” и “сатари” за “шиптари” повторно слободно пееја за “клетите шиптари”, додека пак претставници на државни институции зборуваа за ноќ на ножеви и им се закануваа на акредитирани амбасадори.

И во целото тоа лудило, резултатот од изборите беше речиси нерешен, па затоа сега треба стрпливо да го чекаме почетокот на 2017 година за да дознаеме што точно ќе се достигне со тој резултат.

2016 беше мачна година. Меѓутоа беше година на созревање, не само на граѓаните и на граѓанското општество на Македонија, туку помалку но сигурно и на државните институции. Граѓаните својата зрелост ја покажаа на избори, додека пак државните институции срамежливо почнаа да покажат први знаци на отпор. Така, уште при донесувањето на одлуката на Уставниот суд во Март, имаше четири судии кои не гласаа за таа одлука туку доставија свое издвоено мислење во однос на укинувањето на измените на Законот за помилување. Неколку јавни обвинители членови на Советот за јавни обвинители се дистанцираа од ставот на овој совет во однос на одлучувањето по надлежноста на СЈО да преземе предмети од редовното јавно обвинителство. А пак во ОС Скопје 1, се појави за прв пат кривична пријава за досегашниот претседател Панчевски од негов колега судија, па петиција потпишана од повеќе судии, тужба за нелегално градење а и приватна тужба за мобинг. Тоа јасно покажува дека стравот кој на многу судии им беше влезен во коски, полека почнува да пука, и дека во наредната година може да се очекува некаков пресврт најмалку во начинот на водењето на најголемиот кривичен суд во земјата.

Тоа што е важно е дека луѓето почнаа да зборуваат за неправилностите во нивните работни места и институции, и за големиот проблем што сите го имаме а сепак досега го игнориравме, слонот во собата, очигледното, а тоа е дека сите погоре поставени прашања: за кого работат наведените државни институции, имаат конкретен одговор: тие очигледно не работеле за граѓаните на оваа земја туку за некои други политички и мафиозни структури кои имаат силно истакнат фашизоиден и шовинистички карактер.

Првиот чекор во решавањето на еден проблем е прифаќањето дека истиот постои. Таквото прифаќање ни одзеде многу време и не донесе до очај. Сепак, 2017 година, со овој тесен изборен резултат, со ваквото очигледно будење на граѓаните и со бавното и срамежливо будење на државните институции, влева надеж дека правдата еден ден ќе биде реалност во оваа земја, и дека конечно истата достојно ќе се спроведе еднакво за сите.