Од:

Наместо да биде готов, нема ниту траг од новиот Клинички центар

Ниту градежна механизација, ниту работење на мајстори не се слушнаа на местото каде што на 2 јануари 2014 година требаше за започне изградбата на новиот Клинички центар. Наместо тоа, на местото каде што требаше да никне капиталниот објект вреден 70 милиони евра, цели три години стои само дупка.

Точно пред три години,министерот за здравство Никола Тодоров и екс премиерот Никола Груевски за најголемата инвестиција во здравството најавија дека ќе биде готова на почетокот на 2017 та година.

Тогаш беше речено дека е предвидено рушењето на старата зграда да трае три месеци, по што работите ќе продолжат со изградбата на новиот грандиозен објект. Стартот на изградбата беше постојано одложуван, а самиот проект кој беше  обвиен со мистерија, го следеа контраверзии и  скандали.

Во август 2013 година беше најавено дека идејното решение ќе го изработи италијанската проектантска куќа Арен СРЛ за шест месеци и дека ќе чини 1, 3 милиони евра. Парите за целиот објект требаше да бидат обезбедени од кредит од Банката на Советот на Европа.

Точно на овој датум пред две години НОВА објави дека архитектот на новиот Клинички центар Антонио Савоино од италијанската фирма Арен Срл која го доби тендерот за изработка на главниот проек,  бил вмешан во серија корупциски скандали во Италија пред една деценија и бил два пати апсен во неговата држава.

Проектанската куќа Арен Срл тендерот го добила во конзорциум со две македонски фирми Ин Пума и Прототип. Но, постои и третата фирма преку која одела координацијата на работите, која не беше спомната во јавноста, тоа е Студио Круг ДООЕЛ. Првите две фирми, Ин пума и Прототип повеќе не се вклучени во проектот. Во Ин пума потврдија дека од непознати причини се отстранети од проектот, а Прототип си го завршиле својот дел од работата. Во третата фирма Студио Круг ДООЕЛ за НОВА тврдеа дека работат на проектот и дека имаат капацитет да реализираат објект со површина од 61 200 метри квадратни. Иако фирмите сите си го добија својот дел од парите, изградбата не мрдна од место.

Во октомври минатата година беше објавен нов тендер за изградба на Клиничкиот центар. Но, отворањето на понудите на 5 декември не се случи, а Министерството за здравство го одложи изборот за најдобар изведувач на работите. Новиот рок кој што го најави Владата е, Клиничкиот центар да биде изграде во наредните пет години.



Comments are closed.