Од:

НАПАД НА ПАНИКА: Алергиите на обвинетиот мандатор кон СЈО

Таа алергичност кон СЈО како институција на правосудството во РМ која моментално ужива највисока доверба е разбирлива кога доаѓа од обвинет мандатар кој претходно беше петпати помилуван па одмилуван за дела кои ги гони СЈО и тоа од страна на Претседател на држава кој пред само неколку години учествувал на бордот на Институтот Отворено Општество, инаку главната “соросоидна” алатка во земјата, против која обвинетиот мандатар прогласи отворена војна. Основната работа која се открива во состојба на паника е контрадикторноста со самиот себеси!

Пишува: Беса Арифи, , Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Кој е наједноставниот начин да дознаете од што се плаши еден човек? Буквално ништо да не направите, да го оставите да зборува и да го забележите моментот кога тој, без никој да го праша, ќе каже дека не се плаши од некоја работа, па дури и ќе измислува секакви оправдувања дека одредени негови дејствија не претставуваат страв туку храброст и пркос. Е тогаш можете да бидете сигурни дека човекот е во паника!

 

Невозможно е да не се забележи таквиот гол страв во Соопштението со кое ВМРО-ДПМНЕ одговара на условите кои нивниот досегашен коалициски партнер ги прогласи за услови за кои не преговара и дека истите треба да бидат прифатени за да може воопшто да се зборува за било какви преговори. Невозможно е да не се види стравот од името што се споменува во четвртиот услов, стравот од страотната можност да и се продолжи мандатот на таа институција чие име влева паника кај ВМРО-ДПМНЕ, стравот од тие три всушност најнормални а за нив страшни букви, СЈО.

 

Оттука веќе и докажано може да се тврди дека ако уште на почетокот продолжувањето на мандатот на СЈО се наметнуваше како предуслов за било какви преговори, немаше да има никакви дилеми околу можностите за коалиција. Имено, јасно е како бел ден дека најнеприфатливиот услов за мандатарот во овој момент е продолжувањето на рокот за покренување на обвиненија на СЈО. Убедена сум дека спроведувањето на итните реформи од извештајот на Прибе како и воспоставувањето на веродостојна правда за случаите Сопот, Бродец, Куманово и Монструм кои за непознати причини не се најдоа како предуслови во соопштението на ДУИ се исто така неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ, а тие услови се неодложни за да може владеењето на правото да почне да функционира во оваа држава. Ако се има предвид дека интеграцијата на РМ во НАТО и Европска унија е непосредно поврзано со владеењето на правото а преку тоа, со спроведувањето на реформите на Прибе и работењето на СЈО, разбирливо е дека без прифаќање на овие услови, зачленувањето на РМ во НАТО и ЕУ е едноставно невозможно. А ДУИ од нејзиното постоење во продолжение повторува дека нивната главна цел е интеграцијата во НАТО и ЕУ, дури зборот “интеграција” е составен збор од насловот на таа партија. Епа сега веќе е појасно од било кога дека таа возвишена цел на интегристите нема да може да се оствари со овој мандатар и партијата која тој ја води и во овие услови кога владеењето на правото се заканува и понатаму да биде укинато а земјата да продолжи да се идентификува како “заробена држава”. Е сега ќе се увериме уште еднаш, дали евро-атлантските интеграции се навистина бескомпромисна цел на ДУИ, или пак истите само декларативно стојат во нивниот статут, и бесцелно се повторуваат од митинг во митинг.

 

Интересно е дека во Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ не се зборува посебно за првиот приоритетен услов поставен од ДУИ, а тоа е “еднаквоста во службената употреба на албанскиот јазик”. Некаков одговор за оваа прашање е лајтмотивот што се повторува низ целото соопштение а и во последователните изјави на челници и претставници на ВМРО-ДПМНЕ дадени во изминативе денови: “ВМРО-ДПМНЕ повторува и потврдува дека не се согласува, нема да преговара и нема да дозволи промена на Уставот со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО”. Е сега, “промена на Уставот со цел двојазичност на целата територија” е една работа а “еднаквост во службената употреба на албанскиот јазик” е друга работа, зависно како тоа го разбираат досегашните коалициски партнери. Јасно е дека во овие услови во Собрание не постои мнозинство гласови кои би овозможиле промени на Уставот, меѓутоа тоа не значи дека подобрувањето на употребата на албанскиот јазик во условите кои засега ги овозможува Уставот на РМ е невозможно. Меѓутоа, се наметнуваат следните прашања: Дали подобрувањето на службената употреба на албанскиот јазик во рамки на сегашниот Устав на РМ е доволно за да се пристапи кон формирање на нова влада помеѓу досегашните партнери без притоа да се прифаќа продолжувањето на мандатот на СЈО и другите услови поврзани со владеењето на правото во една земја? Дали службената употреба на било кој јазик може да го замени владеењето на правото и функционирањето на државните институции во согласност со Уставот и законите? Дали воопшто е важно на кој јазик се зборува во една земја ако во истата се владее арбитрерно автократски и недемократски? Дали употребата на јазикот е замена за слободата како клучно човеково право? Дали било кое колективно право е замена за правото на правично и непристрасно судење кое е незамисливо во услови во кои не постојат независни и непристрасни органи на правосудството?

 

На овие прашања требаше да побара одговор ДУИ но и другите албански партии во оваа држава при определување на нивните приоритети во врска со составувањето на следната влада. На овие прашања тие се должни да внимаваат при било какви преговори. Службената употреба на мајчиниот јазик, како и другите колективни права, се премногу важна работа чие спроведување е невозможно во држава каде што правото не функционира. Затоа, службената употреба на јазикот под никакви услови не може да биде цената која ќе овозможи понатамошно арбитрарно, незаконско и противуставно владеење какво што имавме до сега.

 

Всушност, до сега требаше да биде многу јасно дека фактот што поставувањето како услов на продолжувањето на мандатот на СЈО поттикна таков арогантен одговор од мандатарот каде јасно се гледа алергијата кон институцијата во која веруваат над 60% од граѓаните во Македонија, несомнено покажува дека било какви преговори со таков мандатар и таква политичка партија која стои зад тоа Соопштение се залудни, ако се има за цел воспоставувањето на владеењето на правото во оваа земја а со тоа и напредокот во интегративните процеси. Таа алергичност кон СЈО како институција на правосудството во РМ која моментално ужива највисока доверба е разбирлива кога доаѓа од обвинет мандатар кој претходно беше петпати помилуван па одмилуван за дела кои ги гони СЈО и тоа од страна на Претседател на држава кој пред само неколку години учествувал на бордот на Институтот Отворено Општество, инаку главната “соросоидна” алатка во земјата, против која обвинетиот мандатар прогласи отворена војна. Основната работа која се открива во состојба на паника е контрадикторноста со самиот себеси!

 

Разбирлива е таа алергичност кон владеењето на правото од страна на политички субјект кој веќе десет години упорно и без никаква одговорност отворено ги крши Уставот и законите на оваа земја и тоа продолжува да го прави а бесрамно бара да му се овозможи истото и во иднина да го направи беспрекорно. Имено, тие кои цел ден се повикуваат на Устав и закони, не се во можност да дадат оставка од нивните министерски фотељи кога истовремено се избрани и за пратеници во Собранието на РМ, со што отворено ги кршат Уставот и законите на оваа земја. Како е тоа можно, за некои да важат законите и истите безмилосно да се спроведуваат, а за други, кои треба истовремено да седнат у две фотељи, тие закони да не важат? За каква еднаквост пред законите зборуваме кога некој скапа по затвори во не до крај разјаснети случаи, а некој друг се поставува над правото и истото го избегнува на сите можни подли начини?

 

И во целава ситуација, СЈО била крива, бидејќи таа, според Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ “нема никаква врска со правдата, тоа е политички инструмент во рацете на еден центар на моќ и нивните домашни инструменти за уцена на секој политичар кој ќе се бори за националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Македонија, и нејзините граѓани”. И одеднаш, целата битка за воспоставување на правдата во оваа држава се пренасочува во друга димензија, таа на одбрана на националните интереси на македонскиот народ. А владеењето на правото не е ли интерес на македонскиот народ, почитуван обвинет мандатару? Кои се тие патритоски интереси на кои се повикувате за да можете и понатаму да владеете како и до сега, да ви се множат милионите во прекуокеанските сметки па да купите со нив плацеви на Водно? Затоа ли го поистоветувате со ѓаволот единствената институција која се осмелува во име на правдата да ви го расипе тој идиличен филм, бидејќи очигледно е дека од другите, уставни и редовни институции како што се на пример редовното јавно обвинителство и судовите на оваа земја не чувствувате никаква закана за било каква последица за досегашното незаконското работење?

 

СЈО било копче кое ќе биде стиснато секогаш кога било кој ќе се осмели да не игра така како што некој од надвор му сервира и диктира, така ли обвинет мандатату? А зошто не зборувате за тие други копчиња кои ги стиснувате секогаш кога ви е потребно некого да обвините, некого да осудите, на некого да му ја урнете зградата со динамит, а друг да легнете на земја народ да го гледа? Зошто го премолчувате фактот што заради сите тие ваши “копчиња” денес се соочуваме со целосно нарушен правен, политички и морален систем? И самиот знаете дека работата на СЈО е клучна за излез од таа криза а вие отворено се залагате функционирањето на истата што побргу да се оневозможи за да не гони и да не ги дознае сите ваши валкани работи кои толку убаво ги скриете зад рувото на голем патриот, бранител на македонските интереси.

 

Велите, никогаш нема да се согласите Македонија да продолжи да се држи во заложништво и да постои инструмент за дисциплинирање на секој оној кој се бори за заштита на националните и државните интереси, и во паниката на стравот кој го чувствувате, тоа го нарекувате храброст и пркос. Од кога работењето против владеењето на правото и разјаснувањето на коруптивните скандали е храброст и пркос а уште и бранење на било какви национални и државни интереси? Каква перверзија е лицето кое те држи во заложништво десет години да ти кажува дека нема да дозволи да бидеш држен во некое имагинарно заложништво па затоа ќе направи се од себе тој лично да продолжи да те држи во своето вистинско заложништво? Оти неговото заложништво е барем патриотско а другите “заложништва” се странски, предавнички и спротивни на националните интереси!

 

Тоа што на Македонија и треба е да и се тргнат канџите на таквото заложништво за да може слободно да дише. Кога слободно ќе дише, многу полесно ќе види во какво заложништво живеело, кој го држел како заложник и за што изгубило десет прескапи и бесценети години од својот век. Било какви преговори за продолжување на таквото заложништво се не само бесмислени туку и уништувачки за оваа земја.