Од:

Напади наместо одговори од Кривичниот суд на новинарските прашања

Кривичниот суд од Скопје по написите на медиумите за прераспределбите на судии објави соопштение на својата веб страница во кое што наместо одговорите кои новинарите цел ден се обидуваат да ги добијат од Судот, се содржат кфалификации и напади врз медиумите кои прашувале.

НОВАТВ утрово од Советникот за односи со јавност во Судот Дејан Ристовски побара (усмено и писмено) да одговори каков е новиот годишен распоред на судии, откако во јавноста протекоа информации дека се распределени голем број на судии, а меѓу нив и оние ретките кои издаваа наредби за претреси на СЈО. Наместо одговори на прашањата, тој испрати линк до соопштението објавено на страницата на Судот. Тоа соопштение не ги содржи бараните одговори.

Соопштението посочува и кои се медиумите кои барале одговори, а потоа вели дека објавиле неточни и непроверени информации, но не објаснува кои се неточните и непроверени информации.

ВД Претседателот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје во текот на вчерашниот ден, на колегиум на сите судии при овој суд, согласно Законот за судови, по претходно произнесување на секој од судиите на Колегиум за прибавување милење со изјава за определба за специјализација од секој судија, а со оглед да се работи за единствен суд во Р.Македонија кој работи исклучиво на кривична и прекршочна материја, а со цел исполнување на функцијата како сервис на  граѓаните на Скопје и Р.Македонија и во рамките на потребите на судот за распределба на судиите по оддели и одделенија во кривичната област, утврден е и доставен до сите судии годишниот распоред за работа на ВД Претседателот и судиите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје за 2017 година, се вели во соопштението и овој дел од соопштението е единствениот кој посочува каква таква информација и ги потврдува смените кои се случиле.

Понатаму во соопштението Судот изразува чудење што новинарите воопшто решиле да се занимаваат со оваа тема бидејќи, според нив, смена на голем број судии во најголемиот суд во државата каде што тековно се судат предмети за топ корупција на високи функционери е дел од “редовната работа“ на судот.

Зачудува интересот на поединци и објавувањето на невистините и непроверени инфромации во однос на Годишниот распоред за кој согласно Законот за судови, Претседателот или ВД Претседателот на секој суд е должен да го утврди, како би се исполнила функцијата на судот и изршителите на судската функција. Секој судија во овој суд е избран за судија на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, а не за оддел или одделение во кое ќе биде распореден да постапува, па нејасна е квалификацијата на „подобни и неподобни“ судии и нејасно е за кого и во кој контекст. Проценката кој судија во кој оддел или одделение ќе биде распоред е законски утврдена и е право на Претседателот или ВД Претседателот на судот, па од таму нејасни се објавените дезинформации за некакво задоволување на желбите или „чистка“ на одредени судии. Годишниот распоред се утврдува единствено во функција за ефикасно работење на судот, а пред се да се задоволат потребите на граѓаните, вели Судот во соопштението.

Судот на крајот на соопштението изразува зачудност зошто ова воопшто би било вест. И секако, бараат ова да биде објавено во целост.

За судот е нејасно каква екслузивна вест претставува Годишниот распоред за работа во судот, кога таков распоред се утврдува секоја година и секоја година се вршат распределби и прераспределби на судии по оддели и одделенија зависно од потребите на судот за што и досега јавно и трансапретно сме известувале. Бареме соопштението да биде презмено и објавено во целост.

НОВАТВ бара од Судот да одговори на нашето прашање со конкретни одговори – кои се прераспраделените судии, а не да не упатува да чекаме ажурирање на веб страницата. (исто така од соопштението кое што во целост можете да го прочитате овде).