Од:

Не е потребен мандат од Иванов за продолжување на собраниската седница

По средбата на Заев и Ахмети зачестија информациите дека неделава се подготвува свикување на Собранието. За продолжување на прекинатата седница на која беа верификувани пратеничките мандати, не е потребен мандат од Иванов, бидејќи на оваа седница нема да се гласа влада, туку избор на нов претседател на Собранието, велат правните експерти.

„Собранието е веќе оформено и крајно време е да продолжи неговата Прва и незавршена седница“, вели за НОВА, Воислав Стојановски, доктор на правни науки и правен советник во Хелсиншкиот комитет.

Стојановски вели дека на првото продолжување на седницата, преостанати се две точки на дневен ред – избор на составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, и избор на нов претседател на Собранието. Бирањето на нова влада би се правело на друга седница, која треба да ја закаже новоизбраниот претседател на Собранието.

„Избраниот претседател на Собранието во најкус можен рок ќе треба да закаже следна седница на која ќе се донесе одлука за избор на Влада, дури и доколку Претседателот го нема дадено мандатот на кандидатот зад кого стои мнозинството во Собранието. Недавањето на мандатот претставува очигледна злоупотреба на уставните надлежности на Претседателот и е спротивно на основниот демократски принцип на формирање Влада од страна на мнозинството пратеници во Собранието“, вели Стојановски за НОВА.

Поранешниот судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска вели дека прв чекор кој сега мора да се направи е да продолжи собраниската седница, на која ќе се избере претседател на Собранието.

„Тука е многу јасна ситуацијата. Едно е да се избере Влада, друго да се избере претседател на парламентот. Парламентот е веќе конституиран, Собранието ја одложи седницата во моментот кога требаше да се бира претседател и тоа нема никаква врска со состав на владата. Сега треба да се продолжи работата на Собранието и да се избере оној кој ќе биде претседател, кој е еднаков со сите, кој има свои обврски и свои надлежности во водење на седници на Собранието“, вели Цаца Николовска.

Според неа, постапката за продолжување на седницата може да ја предложи или претходниот претседател, Трајко Велјановски, или пак 20 пратеници кои ќе дадат предлог Собранието да продолжи со работа.

Одлуката за избор на Влада, може „да ја урне“ Уставен?

Постои можност ако пратениците во Собранието изгласаат формирање на нова влада без доделување на мандатот од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, оваа одлука да биде оспорена пред Уставниот суд.

Воислав Стојановски вели дека кога во април минатата година беа распишани предвремените избори, Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да ја оценува Одлуката на Собранието.

„Сепак, кога изборите беа распишани за јуни 2016 година, Уставниот суд повторно ја оценуваше одлуката на Собранието и за неполни три месеци донесе дијаметрално спротивна одлука, односно ја поништи Одлуката на Собранието. Ова претставува негативен преседан во работата на Уставниот суд и е јасен индикатор за неговата политизираност. Ваквиот преседан отвора можност за оспорување на евентуалниот избор на нова Влада без даден мандат од Претседателот“, додава Стојановски.

Иванов, пред да отиде за Азербејџан соопшти дека според него пречките за доделување на мандатот за состав на влада, се уште не се отстранети. Вчера пак, лидерите на СДСМ и ДУИ, Заев и Ахмети на средбата разговарале за евентуалното свикување на Собранието во следните денови.

Ахмети потоа во интервју за Алсат М изјави дека за продолжување на конститутивната собраниската седница треба да се постигне согласност со сите политички парии. Според него, дури по изборот на спикер, може да се работи на формирање Влада.

„Сите напори се во насока да се стави во функција Собранието и да се избират собраниските органи, да се направи официјално барање од Собранието, од претседателот на Собранието на Македонија до претседателот на државата, за да му даде мандат за формирање на новата влада. Не може да се зборува за конституирање на еден орган, без да се има мандат. Значи, во прв ред треба да му се даде мандатот на мандатарот и потоа да се водат преговори за ресорите. За нас е малку важно управувањето на ресорите, за нас е поважно да му се даде мандатот на новиот мандатар и потоа да се зборува за поделбата на ресорите“, изјави Ахмети за Алсат М.