Од:

Емисија ЈАВНО: Македонската енергија е на небото, не под земја

Монтажа: Дарко Груевски

Снимател: Трајче Антоновски

Термо соларна електрана во Мароко. Чинела околу 600 милиони евра. Нешто како нашето Скопје 2014. Oваа модерна и еколошка централа произведува струја. И, за разлика од фотопанелите, ја складира енергијата и ја претвора во струја кога нема сонце.

Noor1

Ноор1, мароканската термо сончева централа.

Сонцето е голем адут за земјите каде тоа великодушно грее. Тие земји се вртат кон неговата моќна топлина. Произведуваат енергија и го намалуваат загадувањето од фосилните горива. Шпанија почна прва. Италија, Кипар, Грција, Португалија ќе следат.

Македонија, со повеќе од 250 сончеви денови во годината, би била дефинитивно играч. Кај нас енергијата повеќе не е под земја. Тaa e на небото. НОВА дознава дека проектот за термо соларна централа за Македонија веќе постои.

Француската влада во 2011 година му платила на ЕЛЕМ половина милион евра за студија за изводливост и исплатливост на термо соларна централа во Рек Битола. Идејата била на сега екс вицепремиерот Ставревски.

Француската амбасадорка Лоренс Оер ни ја потврди информацијата:

“Тоа е Студија која препорачуваше дека централата на јаглен може да се трансформира во централа делумно соларна и делумно на јаглен. Така таа помалку би загадувала и се разбира би користела нови технологии.”

Но и по пет години Македонија нема соларна електрана, но има многу загадување кое ги вознемирува битолчани. Тие велат дека најголем загадувач на РЕК Битола.

Заклучокот на студијата, изработена од македонски експерти, е јасен: соларната енергија може да се додаде на постоечката термо електрана во Битола и Македонија да добие соларна хибридна централа. Со тоа Македонија би станала прва во Европа со ваква хибридна модерна централа.

Според Студијата за исплатливост, ова ќе ја чинеше Македонија 32 милиони евра. Осумдесет и пет проценти од парите ќе дадеа европските банки, а ЕЛЕМ останатите 15. Или 10 пати помалку отколку што ќе даде за рајската градина. Барокната фасада на ЕЛЕМ и рајската градина ќе ни донесеа една соларна термоцентрала финансирана 100 проценти од граѓаните на РМ без да бараме кредит.

Но, Македонија од инвестиции ја одбра градината, а од технологии наместо кон сонцето остануваме на јагленот – и тоа оној со низок квалитет кој драматично загадува.

téléchargement

Дуле Груевски од битолската невладина За нас се работи вели:

“Тоа не е тврдење на граѓанските здруженија, тоа е тврдење на Министерството за животна околина кое самото признава дека Битола е најголем загадувач и тоа признание стои на нивниот сајт. Тука е прашината со која се соочуваат сите од овој регион кој ја храни цела Македонија а ако не повеќе тогаш барем луѓето од овој регион.”

Според студијата на организацијата Еко-Свест насловена “Колку чини животот”, емисиите на загадени честички во Македонија ги надминуваат сите дозволени лимити.

Невена Смилевска од Еко-Свест:

“За ПМ10 честичките, според Светската здравстена организација, препораките се 50 микро грами на метар кубен дневно е граничната вредност но не смее да се надмине повеќе од 35 пати во годината. Како што знаеме, кај нас во Македонија поголемиот дел од времето овие лимите се надминати.”

НОВА сакаше да дознае зошто соларната централа останала досега само на хартија. Во ЕЛЕМ ни одговорија дека не се откажале од проектот. Но, во моментов приоритет е јагленот. РЕК Битола се ревитализира за да продолжи да работи на јаглен.

“Првата фаза со автоматизација и модернизација на термоблоковите е целосно заокружена , а во моментов течат активностите за целоснo завршување на втората фаза преку модернизација на котлите, како и третата фаза од модернизацијата која ги вклучува процесите десулфуризација и прибирање на прашината од термоелектраните.  Со реализација на оваа фаза, во наредните две години се очекува емисијата на прашина да биде сведена во рамките на дозволените граници во согласност со европската директива”, вели ЕЛЕМ.

Илија Балтовски, претседател на невладината За нас се работи, не верува во оваа прогноза на ЕЛЕМ:

“Ако сега одите во РЕК, ќе видите ридови, брда цели со пепел. И кога и да дувне мал ветер тоа е катастрофа, пепел лета и сите околни села тоа го дишат. Иако многу од овие села е исселени откако работи РЕК. Тоа според мене е поголем проблем, отпепелувањето, отколку ова што се инвестира сега во ревитализација на блоковите.”

ЕЛЕМ вели дека се работи и на топлификациски систем кој треба да го подобри квалитетот на воздухот. Откако ова ќе биде завршено ќе се размислува за соларната централа.

“Според техноекономската анализа, заштедата на јаглен на годишно ниво би изнесувала 20-30.000 тони јаглен, што како количество е доволно за ден до ден и половина работа на трите термоблокови во РЕК Битола. Со оглед на релативно малите заштеди на јаглен, приоритет е даден на проектите кои веќе се во тек на реализација. По завршувањето на веќе започнатите проекти, како  и по дополнителната изработка на анализи  за ефектите од изградбата на концентрирачка соларна електрана ќе бидат одлучени и понатамошните чекори околу предметниот проект. “

Во основа на нашата енергетска политика е Стратегијата за развој на енергетиката до 2030 година изработена од МАНУ. Таа вели дека “максимално искористување на обновливите извори на енергија спаѓа во приоритетните активности на подрачјето на енергетиката”.

Но ова се само воведните зборови на стратегијата. Визијата за развој на енергетиката до 2030 година како да заборавила дека во воведот зборува за обновлива енергија. И набројува три сценарија: нови две централи на јаглен во Мариово и Неготино, нуклеарна централа во Мариово и нови хидро централи во двата наведени случаи. Јагленот повторно ја игра главната улога. Со 70 отсто учество во енергијата додека ЕУ планира до 2050 тотална декарбонизација на енергетскиот сектор.

Инвестициите во обновливи извори на енергија во Македонија занемарливо мали. Засега има една мала централа на ветер во Богданци. Според стратегијата на МАНУ хидроцентралите се најдобриот обновлив енергетски извор за земјава. Експертите велат дека водата е доста несигурен извор на енергија поради сушните периоди.

983_Energija

Невена Смилевска од Еко-Свест вели дека е “потребно значително ослободување од јаглен и да се оди кон декарбонизација на енергетскиот микс. Обновлива енергија претежно од сонце и од ветер. Помалку од вода. Ние имаме потенцијали за хидро енергија но нашите потенцијали за сончева енергија се далеку поизразени”.

Истражувањето на европската организација Хил вели дека балканските централи на јаглен се помеѓу најголемите загадувачи во Европа. Секоја година централа на јаглен ослободува илјадници тони загадувачи на воздухот како ПМ честички, сулфур диоксид и озон кои во воздухот се претвораат во нови ПМ честички.

Рекот, како што нагалено го викаат Битолчани, произведува 70 проценти енергија во Македонија. Ја поболува Македонија но и цела Европа.

Ан Стауфер, директорка на европската организација Хил која го истражувала овој проблем, за НОВА вели:

“Откривме дека централите на јаглен во Македонија прават здравстени трошоци за Европа од 720 милиони евра од кои околу 200 милиони за Балканот. Ние сметаме дека ова се значителни здравствени трошоци и тие треба да бидат земени во предвид кога се одлучува на енергетските опции во Македонија.”

Невена Смилевска:

“Ние имаме направено неколку калкулации во студијата “Колку чини животот”. Според која во моментов РЕК Битола и Осломеј на ниво на Европа 447 смртно случаи се предизивка аод овие две наши термоелектрани. Доколку се усогласат овие две термоелектрани во директивата на ЕУ за индустриски емисии ќе се заштедат 411 смртен случај. Исто така, годишно поради овие две термоелектрани во Македонија 60 деца заболуваат од брохнитис. Доколку се услогласат со дозволените емисии, тогаш само 5 деца годишно би добиле бронхитис”.

Невладината За нас се работи очајнички се обидува да ги натера одговорните да реагираат.

Илија Балтовски:

“Бевме присутни на една дебата кога се носеше државната стретегија за енергетска ефикасност до 2030 година. Луѓето кои беа пристни како академици, инсистираа на јагленот оправдувајќи се дека тоа е најисплатива варијанта и се друго би било прескапо за нашата држава. Пресметани се човечки животи во оваа стратегија. За мене и нашата организација тоа е недозволиво. Ако е така тогаш треба да бидат транспарентни и да им кажат на луѓето дека ете, ве пресметуваме како жртви за енергетска ефикасност”.

Ан Стауфер:

“Ако зборуваме за цената на обновливите извори на енергија мораме во предвид да гo земеме токму трошокoт за здравствените проблеми. Луѓето најчесто не мислат на тоа кога зборуваат за цена. Истражувањата за прочистување на воздухот велат дека бенефитите секогаш се поголеми од цената на инсталирање на филтери или слични технологии. Јасно е дека чистиот воздух и мерките за чист воздух секогаш се исплатливи.”

Споменатата стратегија на МАНУ нема ни збор за обновливиот извор на енергија како нашето сонце. На кое цела Европа ни завидува. И кое гордо се вее на нашето знаме. Во Македонија како да нема уво што може да ги чуе европските препораки.

Ан Стауфер:

“Ние на македонската влада и препорачуваме да почне со фази за излегување од централи на јаглен. Нашите истражувања покажуваат дека јагленот не е ефтина енергија токму поради здравствениот трошок што го плаќаат луѓето во регионот и во Европа или што го плаќа здравството. Сметаме дека Македонија не само што не треба да гради трета ваква централа туку дека треба да ги затвори двете постоечки и да инвестира во обновливи извори на енергија и штедење на енергија.”

Му веруваме на ЕЛЕМ дека хибридна соларна централа сигурно нема одеднаш да го реши проблемот со загадувањето. Но нема сомнение дека тоа бил одличен потфат кој би одбележал период на транзиција од јаглен кон сонце. И фантастичен сигнал дека нашата земја тргнала по вистинскиот пат на екологијата и модерната технологија. Пат по кој Македонија, порано или подоцна, ќе мора да тргне.

Во моментов, за жал, Французите ќе градат соларни централи на некое друго место, поподготвено да гледа кон иднината.



Comments are closed.