Од:

Невладините организации имаат право „да се мешаат“ во политики

Невладините организации имаат право да бидат вклучени во градење и „мешање“ во политики, исто како и граѓаните. Ако некоја невладина работи во екологијата, медиумите, образованието, корупцијата, здравството, таа де факто работи и влијае на политиките во овие области.

СОРОС, СОС, Стоп за СОРОС. Ѓаволот, демонот, баба рогата која ги плаши граѓаните со години. Општеството се опседна со моќта на овој светски милионер, надворешен непријател чија главна мисија е да ја разнебити и уништи Македонија. Таргет на овие напади секако е граѓанскиот сектор, особено оној дел од него кој за децениското владеење власта никако не успеа да го стави под своја контрола. Освен што се демонизираа оние кои земаат грантови од фондацијата „ФООМ“ која е дел од мрежата на Џорџ Сорос, со преценувањето и преувеличувањето на интересите на овој човек во земјава, се правеа напори да се поврзат сите невладини организации со некаква „сомнителна“ антидржавна дејност.

Успешната пропаганда на власта и партијата ВМРО-ДПМНЕ низ годините бара сериозна и долтротрајна анализа, за која веројатно еден ден академци и експерти од повеќе области ќе пишуваат томови книги, со детални комуниколошки, психолошки, антрополошки истражувања. Но особено интересен и актуелен момент во целата приказна е наративот кој полека но сигурно го создаваат провладините медиуми и нивните мегафони, а тоа е дека невладините организации немаат зошто да се мешаат во политиката/политиките.

Во атмосфера на целосна демонизација на граѓанскиот сектор се повеќе се промовира ставот дека здруженијата на граѓани немаат право да се занимаваат со политики и тие како што вели еден познат провладин водител „би требало да се задржат на помагање на постари лица да поминат преку улица“. Освен што за последното навистина не Ви е потребна невладина организација, секако овие коментари не се случајни и како дел од процесот на „десороизација“ имаат за цел да ги дисциплинираат здруженијата кои смеат да се бават само со теми кои не и пречат на власта. Или пак теми со кои самата не сака да се занимава, како на пример со сиромашните и најзагрозените.

Но невладините организации имаат право да бидат „политички“. Невладините организации имаат право да бидат вклучени во градење и „мешање“ во политики, исто како и граѓаните. Политиката не е само и исклучиво работа на партиите. Имаше тука значаен коментар на темата на социјалните мрежи од Јордан Шишовски, дека не треба да се меша зборот ’политика’ (politics) и ’политики’ (policy). „Партиите се бават со политика, со власт и борба за власт, граѓанските организации (треба да се бават) со креирање и истражување на политики, вели тој, што е точно.

Но ако некоја невладина работи во екологијата, медиумите, образованието, корупцијата, здравството, таа де факто работи и влијае на сите политики во овие области. Оцрнувањето по основ „невладините се мешаат во политика“ и советите до нив да се занимаваат само со хуманитарни теми е пропаганда и ВМРО-вски наратив, како политичкото да им припаѓа само на нив и по малку на останатите партии како СДСМ, ДУИ и други. Борбата за власт секако е работа на партиите но борбата за политичкото и политиките може да биде работа на сите граѓани. Невладините организации може да бидат фронтови за политички, општествени и други интереси и нивната разновидност е значајна за едно граѓанско општество.

Политичките права, исто како и граѓанските права се дел од основните човекови права на граѓаните. Се е политика, рекол Томас Ман.

Уставот на граѓаните им гарантира слобода на здружување „заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања“.

„Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост“, се вели во Уставот.

Се додека некој на суд не докаже дека некоја невладина организација го прави претходното, не докаже корупција или друга злоупотреба, се останато е пропаганда, шпекулации и празни обвинувања.

Според Законот за здруженија и фондации, невладините не можат да вршат активности на политичка партија, односно не можат да обезбедуваат директно или индиректно финансирање на конкретна политичка партија и да влијаат на изборите. Тие не смеат да учествуваат во избори и изборна кампања за одредена политичка партија и директно или индиректно да финансираат изборна кампања на партии.

Но од друга страна во следниот член на истиот закон се вели дека организациите „можат слободно да ги искажуваат и промовираат своите ставови и мислења за прашања од нивен интерес, да поведуваат иницијативи и да учествуваат во градење на јавно мислење и креирањето на политиките.“

Очигледно финансирањето на избори е забрането, но оставено е на толкување до каде може да оди влијанието во промоцијата на одредени иницијативи пред и по избори и градењето на јавното мислење во насока која им одговара на самите невладини организации или одредени групи граѓани.

Во Германија на пример, дел од фондациите се и партиски поврзани, и во тоа нема ништо чудно, секоја партија има фондација блиска до неа – Конрад Аденауер, Фридрих Еберт, итн. Голем број од овие фондации си бараат партнери според нивните идеолошки убедувања и ги поддржуваат, што секако не значи дека не би поддржале и некој кој не се согласува со одредени нивни гледишта. Едните поддржуваат десничарски, демохристијански вредности, други поддржуваат социјалдемократски, трети левичарски…И во тоа нема ништо проблематично, нелегално или чудно, луѓето се здружуваат и поддржуваат според принципите и вредностите во кои веруваат и ги споделуваат.

Факт е дека во Македонија голем број организации се блиски до една или друга идеолошка матрица, до една или друга партија, но има и многу организации кои не се.

Би било од помош доколку невладините организации во целиот овој процес на промени и борба за ослободување на државата од партијата, излезат со повеќе конструктивност, идеи и предлози за подобрување на политиките во многу области, а помалку да се занимаваат со дневно политички флоскули како во некои случаи.

Авторитарноста на власта кон невладините организации е приоритетен проблем но предизвик имаат и дел од самите здруженија кои треба да созреат и да се претворат во организации кои генерираат конкретни предлози за решавање на проблемите на граѓанството.

По промената на власта, граѓанскиот сектор треба отворено и без ракавици да ги отвори овие дилеми. Во атмосфера на прогон и ширење омраза кон здруженијата, секако нормална и вистинска дебата е невозможна. Можеби треба да се размисли за промени според примерите од други западни земји, со кои невладините јавно и транспарентно би ги кажувале и нивните идеолошки црти. Нема причина зошто за некоја организација би било табу отворено да каже каква идеологија застапува. Отворањето на овие прашања дополнително ќе придонесе да се демистифицираат создадените митови, табу теми и анатеми за граѓанскиот сектор и да се одбрани нивното право и правото на граѓаните да се занимаваат со политики.