Од:

Нова надеж за обединување на Кипар

Лидерите на кипарските Грци и Турци се на добар пат да најдат излез од 42годишниот конфликт за овој поделен остров. Двете страни преговараат во Женева со посредство на Турција, Грција и Велика Британија која беше во минатото колонизаторот на островот.

Северот на Кипар е под турска окупација од 1974 година а границата е под контрола на Обединетите Нации (ОН).

Преговорите треба да траат три дена а потоа, од четврток, е закажана конференција за Кипар.

Се чини дека двајцата преговарачи, Мустафа Акинчи лидерот на кипарските Турци и Никос Анастасијадес, претседател на кипарските Грци имале добар контакт на првата неформална средба.

Според ОН постои вистинска шанска 2017 година да биде годината во која Кипар ќе одлучи да ја сврти страницата на конфликтот.

На последните преговори во 2015 година мировниот процес не успеа.

Сепак, иако постои добра волја помеѓу двете страни, секоја останува засега на својата позиција околу клучната точка – територијални и безбедносни прашања.

Кипар, со милион жители, е поделен од 1974 година кога турската армија го зазеде северниот дел на островот како реакција на пучот на кипарските Грци чија цел беше да ја припојат земјата на Грција што создаде сериозен удар за турскиот дел од населението.

Денес Република Кипар е член на ЕУ од 2004 година но во неа живеат само кипарските Грци додека на север кипарските Турци прогласија Турска Република Северен Кипар која е признаена само од Анкара.

Мировниот план предвидува федерална држава од два дела, еден грчки и еден турски а делот на територијата што е под контрола на Турците треба да им биде вратен на кипарските Грци. Кипарските Турци претставуваат 18 отсто од населението и контролираат 36 отсто од територијата.

Околу ова се уште нема договор и токму на таа тема се разговара во Женева.

На последните преговори Анастасијадес предложи идниот турски дел на Кипар да добие 28.2 отсто територија додека турската страна бара 29,2 отсто.

Постојат и други несогласувања. Кипарските Грци бараат заминување на турските војници стационирани на северот додека кипарските Турци сакаат оваа војска да остане.

Двајцата преговарачи се обврзаа да излезат со предлог на 11 јануари.

Секој договор треба да биде ставен на референдум.