Од:

НОВА останува да биде критички медиум во служба на принципите

Редакцијата на НОВА ги поздравува промените кои се случија и за кои се залагаше од нејзиното  основање пред 4 години. Нашите заложби за промени беа раководени од принципите за градење на модерно и демократско општество во кое институциите се сервис на граѓаните, а не нивни тутори.

Нашата работа беше често дискредитирана од страна на пропагандната машинерија на ВМРО ДПМНЕ, со обиди во јавноста да не‘ препознаваат како гласило кое работи во служба на една политичка партија. Се соочувавме и со низа на други притисоци, чија цел беше да не обесхрабрат во нашата намера да го разобличиме малигниот корупциски систем воспоставен во државните институции, кој ја голташе  нашата и иднината на сите граѓани во Македонија.

Актуелната промена на власта на никаков начин не менува ништо во принципите и вредностите врз кои се темели уредувачката политика на нашата редакција. Од новата власт како и сите други граѓани, очекуваме создавање на атмосфера во која рамноправно ќе можеме да се натпреваруваме на пазарот, без фаворизирање на којбило субјект.

Како медиум ќе продолжиме критички да ги опсервираме сите активности на новата Влада и новоизбраните функционери. Секој од нив кој ќе отстапува од начелото да биде “слуга на граѓаните” и ќе се обиде граѓаните да ги приморува да му бидат слуги ќе биде изложен на критики од наша страна.

Пред оваа Влада се бројни предизвици, но ниту еден кој може да послужи за оправдување доколку веднаш не бидат воспоставени клучните постулати на демократското општество какви што се транспарентноста и отчетноста пред граѓанството, исто како и активно стимулирање на дебатата како важен институт кој ја гарантира посветеноста на демократските вредности.

Подеднакво важно за нас ќе биде и посветеноста на оваа Влада на евроатланските интеграциски процеси кои се најзначајниот кохезивен фактор во нашето мултиетничко и мултиконфесионално општество. Во таа смисла, редакцијата на НОВА во детали ќе го следи процесот на имплементацијата на ургентните реформи зацртани во документот кој на јавноста и е познат како Извештајот на Прибе .

Не помалку важно за нас е да се компромитираат сите појавни форми на национализмот, ксенофобијата, говорот на омразата и другите феномени, особено ако доаѓаат од самите институции. Сведоци сме на случувањата од  блисково минато за тоа како овие ретроградни појави можат да ја  загрозат безбедноста на нашата држава.

Почитувани читатели и гледачи на НОВА, примете искрени честитки за сите ваши залагања да дојдеме до овие промени кои ни нудат неповторлива шанса да изградиме општество по мерка на секој од нас. Успехот на таа шанса зависи пред се од нас самите.

НОВА Ве повикува на соработка со нашата редакција секогаш кога ќе забележите било какви и било од кого отстапувања од вредностите за кои се залагаме, да споделите таква информација со нас.

НОВА останува да биде критички настроен медиум во интерес на вредностите кои сакаме да ја раководат Република Македонија.