Од:

(ВИДЕО) Новата влада ќе го преиспита договорот за Клинички

-Владата со технички овластувања нема овластување да потпишува вакви договори на неколку дена пред заминување, изјави  портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање, откако денеска министерот за здравство во заминување Никола Тодоров,  потпиша договор за изградба на Клинички центар со три компании, вреден 72 милиони евра.

-Најавуваме дека ќе има ревизија на работењето на Владата со технички овластувања во заминување. Меѓу другото ќе бидат преиспитани и процедурите преку коишто во последен момент, пред трасферот на власта, Тодоров и соработниците влегоа во договор за изградба на нов Клинички центар што треба да се реализира во иднина, изјави Шилегов.

Тој најави дека нов Клинички центар во Скопје ќе изгради новата реформска Влада, постапката на изградба ќе се одвива на транспарентен начин, не како сега, низ политиканство и на крајно сомнителен начин.

Овој договор кој се потпиша во свечената сала на Владата, се случува во исто време кога во тек се преговорите за состав на новата влада предводена од СДСМ. Се очекува градежните работи да траат 45 месеци од почетокот на градбата.

Во првиот ред на потпишувањето на договорот беше премиерот во заминување, Емил Димитриев, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.