Од:

Нови детали од истрагата за гинекологот: каде е мистериозната сестра

Лекарската комора формирала комисија за вонреден стручен надзор која треба да го испита работењето на гинекологот Никола Дамчевски, кој беше обвинет од пациентка дека девет месеци ја манипулирал и лажел дека е бремена, информираа за НОВА од комората. Дознаваме дека денеска била повикана да даде исказ пациентката, која пред комисијата составена од неколку лекари раскажала низ што се поминала со лекарот. Деновиве ќе биде повикан и гинекологот Дамчевски, кој треба да даде свој исказ за случајот. Доколку констатираат дека она што го работел гинекологот се коси со медицинската пракса и протоколите, може да му биде одземена лиценцата за работа до судската разрешница.

Јавното обвинителство пак, ја прошири истрагата и на други случаи кои се јавија со слични искази откако НОВА ја објави сторијата за македонскиот доктор Менгеле, како што го нарекуваат пациентите.   Нов момент во истрагата може да бидат и матичните клетки кои биле чувани во болницата„Св. Лазар“. Неколку жени кои се породиле таму се јавија во редакцијата на НОВА и сакаат да знаат  што се случило со матичните клетки на нивните бебиња кои биле замрзнати и чувани во болницата.

Истрагата треба да покаже што се случило со матичните и јајце клетките кои останале замрзнати

Матичните клетки  кои се вадат од папочната врвца при раѓањето  со помош на криопрезервација биле оставени да стојат таму, за доколку има потреба при сериозен здравствен проблем да им се најдат во текот на животот. За оваа постапка секое од овие семејства платило по 1500 евра.

„Таму ги доверивме матичните клетки од син ми кога се роди. За тоа имаме и документ. Сакам да знам што се случи со матичните клетки од кога пропадна болницата“, изјави за НОВА скопјанка која се породила во оваа болница.

Исто се однесува и на јајце клетките за кои една 36 годишна жена која донирала за своја пријателка, јавно праша каде се. На неа и биле извадени 17 јајце клетки, од кои се направиле шест ембриони. Според  жената која сведочеше пред камерата на НОВА, во процедурата  биле употребени само три ембриони. Таа јавно праша каде се останатите три ембриони кои биле замрзнати и 11 јајце клетки, дали се фрлени или злоупотребени и дали можеби некаде има потомство.

Колеги на гинеколот сакаат да помогнат во истрагата 

Еден од гинеколозите кој работел во болницата во исто време со Дамчевски изјави дека ниту тој не знае што се случило со јајце клетките и ембрионите. Овој доктор кој работи на вештачко оплодување во своја ординација откако си дал отказ во болницата „Св. Лазар“, сакаше да не го објавиме неговото име јавно, но потенцира дека доколку е потребно ќе помогне во истрагата со тоа што ќе даде исказ во обвинителството.

„Шокиран сум. Ова што правел гинекологот Дамчевски е играње со природата и не е познато во медицинската пракса. Тоа може да направи голема штета на пациентките, но и на медицината. Ние работевме во различни смени и тој вешто се криел од мене. Сепак, бев сведок на неколку манипулации и го предупредив на тоа. На пример, тој не водеше медицински и финансиски извештаи во компјутер и за тоа сигурно постојат докази иако болницата повеќе не постои,“изјави за НОВА, овој лекар.

Сопственикот на ординацијата каде што Дамчевски работел како надворешен соработник, каде што и била правена последната Ин витро процедура на пациентката изјави дека не знаел ништо од тоа што го правел гинекологот.

„Ние сме изненадени и шокирани од се што прочитавме. Немаме сознанија што правел со пациентките. Гинекологот никогаш не бил вработен тука, доаѓаше со пациентки и по извршената пункција си заминуваа и двајцата“, изјави сопственикот кој исто така не сакаше да биде спомнат со име и презиме.

Тој тврди дека таму с е правело се според протоколи и дека често имаат контроли од Фондот, така што доколку имало нешто сомнително досега ќе се откриело.

Која е мистериозната медицинска сестра Лиле 

Скоро сите пацинетки кои имале лошо искуство со гинекологот ја спомнуваат медицинска сестра по име Лиле. Жената која сега е на постара возраст, се претпоставува дека веќе е во пензија. Пациентките кои се лекувале од стерилитет раскажуваат дека често комуникација одела преку сестра Лиле. Таа била во салата во текот на интервенцијата, неа ја гледале прво кога ќе се разбуделе, на неа често и ги давале парите на рака.

Испровоцирана од случувањата и големиот број на пациентки кои се пожалија на гинекологот Никола Дамчевски една 36 годишна жена која е и самата медицинско лице, а во болницата донирала јајце клетки за своја пријателка го опиша нејзиниот контакт  со сестра Лиле која и од претходно ја познавала.

„Процедурата ја работеше гинекологот Никола Дамчевски, заедно со медицинската сестра Лиле која беше со него во салата. Кога се разбудив, сестра Лиле ми кажа дека ми биле земени 17 јајце клетки, а по два дена соопшти дека биле оплодени шест. Од шесте ембриони три беа ставени кај мојата пријателка, а три останаа замрзнати. Сакам да знам што се случило со останатите 11 јајце клетки и трите замрзнати ембриони, каде се тие. За цело време се прашувам дали некаде имам потомство или пак се можеби фрлени, дадени на некоја друга жена и злоупотребени“, раскажува пред камерата на НОВА оваа млада жена.

Истата медицинска сестра во своите изјави ја спомнаа многу пациентки. Сите тие ќе дадат свои изјави во обвинителство без разлика што немаат медицински документи или фискални сметки. Тие ќе бидат дел од истрагата на првиот случај за кој веќе има поднесено кривична пријава против гинекологот.

Останува мистерија зошто досега не се појави медицинската сестра по име Лиле која долго време работела тимски со гинекологот Дамчевски. Прашање е зошто досега молчи, сака ли да помогне во истрагата или и таа е замешана во сето ова. На потег е обвинителството.



Comments are closed.