Од:

Новинарката Менче Точи наградена за известување за бегалците

Прогласени се победниците на „ Јавниот повик за доделување на награда за професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2015 година во Македонија”.

Првите три награди во категоријата емисија, прилог или краток документарец ги добија Зорана Гаџовска од Радио Слободна Европа, Милка Смилевска од Ал Џезеира и Менче Атанасова Точи од НОВАТВ. Во категорија напис или серија написи наградите ги добија Горан Адамовски од Утрински весник, Синиша Станковиќ од Гласот на Америка и Слободанка Јовановска од Утрински весник.

nagrada3 20 06 2016

Македонското здружение на млади правници во соработка со Здружението на новинарите на Македонија и Високиот комесаријат за бегалци при ОН -УНХЦР,  го направи изборот меѓу 110 пристигнати трудови. Во изборот одлучувачки бил целокупниот опус и следењето на проблематиката со бегалската криза во текот на цела 2015 година, рекоа организаторите.

Наградите беа доделени во присуство на бегалци кои се наоѓаат во нашата земја и голем број активисти вклучени во бегалската криза. Беше поставена и изложба на цртежи направени од бегалците. Воведно обраќање имаше Мохамед Ариф, претставник на УНХЦР во Македонија.

На 20 јуни се обележува Светскиот ден на бегалците. Преку 60 милиони луѓе се раселени низ светот, ниво кое што никогаш порано не било забележано од основањето на УНХЦР досега.

Земјава покажа огромна поддршка за значителниот број бегалци и мигранти коишто поминаа низ регионот. За пофалба е како се справи со кризата, иако се работи за мал дел од бројот на бегалци коишто приморани од насилство и прогон се движат низ светот. Повеќе од 60 проценти се жени и деца, вклучувајќи и мали деца коишто патуваат сами или разделени од своите родители, на кои е потребно да им се посвети посебно внимание“, велат во УНХЦР.