Од:

Од декември ќе се користат банкноти од 200 и 2.000 денари

Од 15 декември годинава, Народната банка на Република Македонија ќе пушти во оптек книжни пари од 200 и 2.000 денари, а истовремено ќе ги повлече од оптек банкнотите од 5.000 денари.

НБРМ информира дека одлуката за издавање книжни пари од 200 и 2.000 денари е произлезена од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.

– Постоечката апоенска структура на книжните пари што се во оптек од 8 септември 1996 година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена, велат од НБРМ.

Оттаму дополнуваат и дека книжните пари од 5.000 денари не биле прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена е застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата и нивната примена во секојдневните трансакции била незначителна.

И банките немале интерес за парите од 5.000 денари. Од година во година наместо да се зголемувала корисноста, таа постојано опаѓала.

Деловните банки ќе ги заменуваат книжните пари во вредност од 5000 денари од 15 декември 2016 година до 28 февруари 2017 година, а од 1 март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.