Од:

Од државни институции протекуваат информации за постапки на СЈО

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил откри дека Специјалното јавно обвинителство од надлежни органи бара податоци за тоа дали е тој сопственик на авион и на фирми. Тој ги објави барањата упатени до Агенцијата за цивилно воздухопловство и до Централниот регистар за предистражна постапка што ја води СЈО.

 

Специјалното обвинителство од Агенцијата за цивилно воздухопловство бара податоци за тоа дали Милошоски од 1 јануари 2008 година до 31 декември 2015 година бил сопственик или корисник на воздухоплови. А, од Централниот регистар, за истиот период се бара преглед на правни и физички лица каде Милошоски бил сопственик, управител или овластено лице.

„СЈО продолжува со нарачаниот притисок врз неистомисленици на Аболицираниот. После моите настапи на Топ тема контра Оливер С. и во Собранието против Заев, прво стигна предупредување од пратеник од СДСМ дека многу зборам, а сега и истрага од Катица Јанева, која ги бара моите авиони и фирми кои ги немам! Само продолжете, нема да нѐ замолчите!“, напиша Милошоски.

По ова протекување на податоци од двете државни институции се огласи СЈО, кое вели дека се водат повеќе предистражни постапки кои за цел имаат спроведување на финансиски истраги против поголем број на физички и правни лица. Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење.

„Недозволиво е државни институции да им овозможат увид на лицата за кои се вршат проверки во видот и карактерот на проверките кои ги врши ова Јавно обвинителство, согласно законските овластувања и прописи“, велат од СЈО.

Ова не е прв пат државни институции да издаваат доверливи информации поврзани со предистражни постапки. Пред две години на провладините медиуми беше објавена снимка помеѓу лидерот на СДСМ Зоран Заев и друго лице, во случајот познат како „Пуч“. Снимката беше дел од предистражна постапка против Заев, за која тој тврдеше дека е излезена или од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски или од МВР.

Минатата година од Управата за јавни приходи протекоа даночни пријави на политички неистомисленици на власта и беа објавени во провладините медиуми во хајката што ја водеа како„Платеничка револуција“.