Од:

Одбраната тврди дека притворот на Кочан е напад врз слободата на говор

„Притворањето на Кочан ја повредува слободата на мисла и на говор“, ова е еден од аргументите против притвор кои што одбраната на бизнисменот Сеад Кочан во моментов ги образложува пред Апелациониот суд.

Адвокатот на Сеад Кочан, Никола Додевски изјави:

“Нема потреба од притвор. Единствената потреба за притвор е тој да биде затворен, а неговиот медиум замолчен. Не знам од кои причини. Обвинителството бара притвор за Сеад Кочан затоа што тој е сопственик на Телевизијата Нова, а не затоа што учествувал на тендер“, рече адвокатот на Кочан, Никола Додевски.

Додевски вели дека работата за која е добиена јавната набавка е завршена и за сите, освен за СЈО, било ирелевантно дали машините кои ги понудило конзорциумот биле земени на лизинг, позајмени или купени. Важно било дека работата е завршена. Адвокатот рече и дека бројот на работници кои требало да ги има фирмата што ќе го добие тендерот бил двојно поголем, а не помал . Додевски рече и дека СЈО извадиле погрешна дробилка од интернет, но дека онаа која ја дал Кочан била според спецификациите во тендерот.

„СЈО имаше дискриминаторско однесување кон обвинетите. За Кочан се бара притвор, а за другиот осомничен само мерки. Но причината зошто обвинителството сака Кочан да го стави во притвор е затоа што тој е сопственик на Телевизијата Нова. Не заради машините. Ако сакате неосновано да затворите сопственик на медиум без оглед поради која причина, го прекршувате членот 10 од ЕКЧП за правото на изразување“, им рече Додевски на судиите од Апелација.

Претходно судијата додека ја читаше жалбата рече дека според одбраната, со притворањето на Кочан кој е сопственик на телевизија се прекршувал член 10 од ЕКЧП и се повредувала слободата на говор и изразување.

Јани Нича, Лилјана Шопова и Африм Фидани се судиите кои ќе одлучуваат по жалбата на одбраната на Кочан за притворот кој беше доделен од Кривичниот совет и нивната одлука ќе биде конечна. Притворот за Кочан го побара Специјалното јавно обвинителство во врска со случајот „Труст“ каде што тој како овластено лице на семејната компанија „Трансмет“ се сомничи дека го оштетил буџетот на државата за 17 милиони евра.

Мерката притвор му беше одредена минатиот четврток, а истиот ден неколку часа претходно на Кочан му се губи трагата и не е достапен за истражните органи. МВР по него распиша потерница, додека адвокатот Додевски тврди дека е на службен пат.

 



Comments are closed.