Од:

Одложено рочиштето за „Тврдина 2“, Грујовски на боледување

Рочиштето за случајот „Тврдина 2“ на СЈО, во коj се работи за уништување на службена документација од УБК е одложено за 23.мај.

Причината за одложувањето е што првосомничениот Горан Грујовски не беше присутен на денешното судење.

Одбраната на останатите обвинети, во име на адвокатот Никола Додовски, кој е правен застапник на Грујовски, на судот и обвинителите од СЈО им даде медицински наод од кој може да се види дека Грујовски на 24.април добил двонеделно боледување.

Обвинителите на СЈО истакнаа дека Грујовски бил забележан во кругот на МВР и УБК во време кога официјално бил на боледување.

Тие рекоа дека ќе побараат увид во видео-камерите од УБК и картичниот систем и ако се утврди дека Грујовски бил на работа, СЈО ќе побара тој да биде приведен.

Во овој случај, познат како Тврдина 2, обвинети се поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во УБК. Тие се товарат дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите.