Од:

Охрид ЅОЅ: Хотелот во Лагадин нема да се гради

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам побара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба на хотел во Лагадин, соопшти Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ.

Во меѓувреме, до ова здружение стасало и известување од Државниот инспекторат за животна средина во кое се вели дека општината го усвоила Општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина. Исто така, Инспекторатот ги потврди и нивните констатации дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 м од највисокиот водостој на Езерото.

Државен инспекторат за градежништво

– Овде секако вреди да се спомене и информација која отсуствува во известувањето, а тоа е дека при носењето на тој акт Општината им го попречила пристапот до правда на сопствениците на имоти во Лагадин усвојувајќи јавен документ за кој не се одржала јавна расправа каде што би се чуле гласот и мислењето на засегнатите граѓани, соопштуваат од Граѓанската иницијатива која ја започна оваа правна и еколошка битка, тврдејќи дека незаконскиот хотел во Лагадин што требаше да се гради со одобрение од Општината лажно се претставува како објект во сопственост на ТУИ Холандија.

Охрид ЅОЅ укажува и на известувањето од Инспекцискиот совет на РМ, поради комплексната природа на случајот и многуте прекршени закони, постапката е сè уште во тек и конечното решение по случајот допрва треба да пристигне.

Државен инспекторат за животна средина

Во соопштението тие им се заблагодаруваат на сопствениците на имотите во Лагадин кои активно се вклучија во процесот и не сакаат да дозволат кршење на законите со кое се нанесува огромна штета на природата. Исто така им се заблагодаруваат на сите граѓани од кои во изминатиов период добиле повеќе пораки со прашања во врска со моменталната ситуација во Лагадин, како и на сите службени лица кои одговорно и професионално си ја вршат работата во текот на постапката.

На соопштението на Охрид СОС реагираше Општина Охрид од каде преку соопштение велат дека во целост останува на искажаните ставови од прес конференцијата одржана на 27.12.2016 година, каде на јавноста и беа презентирани сите документи кои се составен дел од постапката.

– Уште еднаш повторуваме дека целокупната постапка за донесување на Општиот акт за Лагадин и издавањето на одобрението за градба на хотелскиот комплекс во населба Лагадин се водени во согласност со законски пропишаната процедура предвидена во Законот за градење и во Законот за просторно и урбанистичко планирање, се вели во соопштението од Општината.