Од:

Опасни (не) времиња – капка по капка, растурена држава

Дваесет и еден живот згаснаа и илјадници луѓе ги изгубија своите домови во завчерашните поплави во Скопје. Невремето не можеше да се спречи. Но можеа да се спречат катастрофалните последици доколку оваа држава функционираше и имавме добра канализација, инфраструктура, зеленило наместо бетон. Ако имавме стручни лица кои ги водат институциите, наместо неспособни партиски послушници.

Фотографија: Роберт Атанасовски, AFP

Фотографија: Роберт Атанасовски, AFP

Вечерта на поплавите беше ужасна. Го споделив и личното искуство од тоа што се случи во нашата зграда на Фејсбук, па нема премногу да навлегувам во детали. Десетина куќи и згради во Козле, Карпош беа опколени од вода, откако улицата буквално се претвори во река. Подрумите на нашата зграда, а и на зградите околу нас, се наполнија до кровот и за неколку минути водата започна преку скалите да се качува кон становите. Дојде на неколку сантиметри од нашиот стан на приземје. Чувството на беспомошност додека гледаш како водата оди нагоре и се полни цел мезанин, беше страшно. Да не беа дел од моите соседи, денеска веројатно ќе престојувавме на некое друго место. Како во работните акции од социјализмот (претпоставувам), се наредивме во човечки воз и со кофи, една по една, најбрзо што можевме, носевме вода кон другата страна на улицата, или во тој момент, реката. Акцијата беше направена од очај, колку да се спречи да влезе водата во домот и да се спаси она што може, подрумите секако се уништени.

За среќа, некако успеавме да намалиме две три скалила од водата, а и невремето престана во меѓувреме. Ако врнеше силно уште 10 минути, не знам како ќе изгледаа денес нашите домови. Ноќта, никој од државата или институците не дојде да ни помогне. Се јавувавме во пожарна и ни рекоа дека ќе бидеме ставени на листа на чекање. Ѕвоневме на сите можни броеви и сите ни кажаа, сегде е лошо, тоа е, некои дури и рекоа нема шанси да стигне некој со пумпа за вода, да ни помогне. Дојде еден камион за зградата до нас, која исто е во лоша состојба и во сред невреме си отиде, па дури и водата при движењето ја размрда и направи бетер.

Потресена и уморна од она што се случи, кога уклучив компјутер, уште толку удри шокот. Има жртви. Справувајќи се со хоророт дома, немајќи време за информирање, не ни замислив дека во другите подрачја се случила ужасна катастрофа од толкави размери. Повеќе од дваесет лица го изгубиле својот живот, домовите на илјадници луѓе се поплавени, штетата е огромна.

tr

Стајковци, Серава, Бутел, Лисиче и други населби, уште се преполни со вода, смет и кал, која во толкави количини има тежина на бетон. Како можеше да ни се случи ова во 2016-та? Дали можеа да се спречи загубата на толку многу животи и домови?

Мозаик од неодговорност

НОВА објави дека и по два дена, причината за смртта на загинатите, уште не е позната. Дали се удавиле, повредиле, од природна или насилна смрт, се уште не знаеме ништо.

Неверојатно е дека јавен обвинител воопшто не излегол на терен за време на поплавите, иако бил повикан да изврши увид на местата каде што биле пронајдени телата на загинатите. Од МВР соопштија дека обвинителот давал насоки за начинот на постапување на полициските службеници во делот на идентификување на настраданите лица.

И не само тоа. Д-р Ивица Милевски од Институтот за географија добро лоцира дел од причините за последиците од поплавата, во неговата анализа достапна на овој линк. Најмногу вода дошло од падините на Скопска Црна Гора, кои низ годините се во голема мера неплански соголени и урбанизирани.

Дополнителни причини се запуштените канали полни со ѓубре кои не се чистат доволно и редовно, неквалитетното градење на обиколници и објекти, кои предизвикуваат собирање на вода, како и преголема покриеност на бетон во градот Скопје, со што нема доволно вегетација и земјиште кое би ја апсорбирало водата.

Скопје е бетонирано, се изградија илјадници нови згради во сите населби, а „Скопје 2014-та“, како посебна непогода, да не го ни споменуваме. Веќе има експертски мислења дека и изградбата на скопската обиколница има голем удел во поплавувањето на Стајковци.

Скопскиот систем на канализација е целосно запуштен. Или како што вели професорот Грчев, „она што се случува со атмосферска канализација во Скопје не може доволно да се објасни со зборот „запуштеност“, тоа е темелна цивилизациска запуштеност – директен производ на политичко и општествено малоумие“.

На пример, на мојата улица во Козле (Карпош), ние со години молиме да се стави подобра и поквалитетна канализација, за веќе да не се поплавуваме, но нашите барања никој не ги слуша.

Малата цевка во шахтата која треба да собере вода од десетици згради и куќи во Козле

Малата цевка во шахтата која треба да собере вода околу повеќе згради и куќи во Козле.

Згора на сите овие проблеми, државата за време на поплавите ја немаше никаде, или пак тоа беше во недоволен капацитет, брзина и ажурност. Луѓето беа оставени сами да се справуваат со природната катастрофа, додека општините и институциите потфрлија целосно.

Дури и денес, втор ден по поплавите, се уште нема доволно помош со работници и механизација за собирање на сметот и калта која остана после поплавите. На социјалните мрежи постојано граѓаните од поплавените подрачја упатуваат апели дека немаат помош од никого, бараат храна, чиста вода, пумпи за вода и сами се снаоѓаат.

Извор: Слободна.мк

Еве и личен пример, штотуку се јавив во општина Карпош, ако не со друго, барем да ни помогнат со еден контејнер или камион кој би бил донесен пред зградите, за во него да го фрламе целото ѓубре од подрумите кое нема каде да го носиме. Оттаму ми одговорија дека такво нешто не може да обезбедат, и справувањето со упропастените работи во поплавата е наша одговорност. Единствено, од општината дојдоа со пумпите другиот ден, по поплавата за вадење на водата од подрумите.

Вчера пак, на улицата беа испратени седум, осум работници, без камион, само со метли, да ни помогнат во собирање на тињата во купчиња, по што планираа така да ја остават и во идните денови да ја соберат, но не знаат кога.

Поради најавата за нов дожд, калта ако се оставеше така, можеше повторно да предизвика поплава и да ги затне и онака малите шахти. Потребни беа долги расправии со одговорниот од општината на сред улица, за да нареди да дојде камион во кој ќе се собере барем дел од ѓубрето.

Сега, повеќе од било кога, треба да мешаме политика!

Невремето не можеше да се спречи. Но можеа да се спречат катастрофалните последици доколку оваа држава функционираше и имавме добра канализација, инфраструктура, зеленило наместо бетон и стручни лица кои ги водат институциите, наместо неспособни партиски медиокритетски послушници.

Поплавата, буквално ги извади фекалииите на површина и лагите на власта (локална и државна), дека инвестирале во потребите на граѓаните. За жал, целосната неподготвеност на државата и нефункционирање на системот, резултираа и со дури 21 смртен случај.

За ваков ланец на неодговорност прво оставки треба да си поднесат сите градоначалници во општините кои не се справија соодветно со она што се случи и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Истовремено, треба да се истражи евентуална кривична одговорност за тоа како власта и надлежните во институциите е справија со невремето и како биле трошени парите наменети за да не дојде до оваа катастрофа. За жал, сега гледаме каде отишле милијардите на граѓаните, секаде, само не во она за кое се наменети – канализација, инфраструктура, опрема за итни служби, пожарни, водовод итн.

13892348_934024580052874_1028004291943306924_n (1)

Каде одат нашите пари за даноци? Дали државата кон која ние цело време плаќаме разни долгови, има некакви обврски и кон нас, нејзините граѓани?

Појавувањето на Груевски пред камерите, кој веќе не е функционер, како на спикерфон диригира пакети и им дава наредби на премиерот Емил Димитриев и министерот за здравство, Никола Тодоров не е одговорност, туку морбидно реалити шоу и правење циркус од државата, ако воопшто таа може да биде поголем циркус.

Во нормалните држави, на јавноста не и е доволно објаснувањето дека ова е дело на природата. Таму се бара одговорност за мерките кои не биле преземени за да се менаџира кризата и да се заштитат граѓаните.

Во Франција, поранешниот градоначалник на покраината La Faute-sur-Mer, Рене Маратиер, беше осуден на четири години затвор заради игнорирање на ризиците од поплави, пред да дојде невремето во кое загинале 29 луѓе. Судот пресуди дека тој знаел дека регионот бил под ризик од поплавување, но продолжил да дава дозволи за градење и намерно ги сокривал ризиците, за да добие финансиски бенефит. Неговиот заменик е осуден на две години затвор.

Затоа што Французите знаат дека последиците од поплавите немаат врска само со природата, туку и со човечкиот фактор и политиката. Оние кои велат дека сега не треба да мешаме политика, не се во право и си прават огромна штета на себеси и на сите нас, со ваквиот став. Сега повеќе од било кога, мораме да мислиме за политиката, која не доведе до овој степен.

Нестручните лица на чело на клучни институции, надлежни за безбедноста на граѓаните се резултат на нечија политика. Негрижата, аматеризмот,начинот на кои се користеле парите на граѓаните наменети за инфраструктура, сето тоа е политика. Тоа што некој решил да гради Панорамско тркало од десетици милиони евра, наместо канализација е политика. Тоа што имаме барок, а немаме доволно опремени итни служби за вакви природни непогоди е нечија долгорочна политика.

Доколку сега не се мешаме во политика, ние ризикуваме наскоро на Скопје да му се повтори катастрофа од невидени размери со многу човечки жртви, за која природата ќе сноси само половина од вината. Другата половина, треба да ја поделат оние кои ја злоупотребиле политиката за свое лично богатење и со тоа ја загрозиле безбедноста на граѓаните, како и оние кои не се мешале во политика.