Од:

Осмомартовски марш на СДСМ: Заедно ќе го зборуваме јазикот на животот

СДСМ денеска гo одржа традиционалниот марш на жените по повод 8 Март. Маршот годинава беше во Гевгелија.

– Убава е Македонија и заради тоа има женско име, убава е Македонија затоа што ги има најубавите жени на светот, но и среќна е Македонија, заради тоа што има храбри жени, жени борци, борци за својата татковина, им порача на неговите сопартијки, лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Во обраќањето тој оддаде признание на жените во партијата што тој ја раководи, за досегашниот рамноправен придонес во политичката борба.

-Ајде денеска уште еднаш да испратиме порака со лесно, но пред се и со убаво, да направиме промена на власта. Oд овде, од оваа говорница, со оваа прекрасна глетка, ајде на нашите политички противници да им испратиме 20-30 илјади убавини, да ги видат зашто убаво да ја промениме власта. Дозволете со кренати знаменца да направиме една убава слика, со убаво се промени власта. Oваа убавина преточена во слики ќе ја испратиме и кај Никола Груевски и кај Ѓорге Иванов, со убаво ни одат работите, рече Заев.

Тој денешниот марш и го посвети и на една конкретна жена, самохрана мајка, Мира, која како што рече, ризикувала да го изгуби своето работно место, бидејќи и лани стоеше со нив на ова место.

– Благодарение на жените како Мира, во Македонија ќе има флексибилно работно време за самохраните родители. Ќе го воведеме уште во првите 6 месеци од мандатот. Еднородителските семејства со плата пониска од просечната, ќе ги ослободиме од јавните давачки како што се такса, јавен превоз, општински комунални давачки. Нема да плаќаат надомест во градинка и во основно училиште, рече Заев, промовирајќи дел од програмата на неговата партија, кога ќе ја преземе власта.

Потоа тој споменуваше имиња и на други жени – Назифе, Јелена Фатма, Фаница и Александра, на кои како што рече исто така им е посветен овој марш и претстојниот 8 Март.

– Тоа се жените кои заедно чекореа за права и правда сиве овие години. Ги споделуваа солзите по своите деца во странство, зашто болката не познава различност. Денес ја споделуваат радоста на промените, затоа што и насмевките не познаваат различност, рече Заев.

Тој спомена уште неколку мерки, содржани во програмата на неговата партија, кои како што рече ќе се спроведат отокако ќе биде формирана новата влада.

– Никој нема право да оди против волјата на мнозинството граѓани на Македонија. Република Македонија ќе биде општество на еднакви граѓани и тоа никој повеќе не може да го спречи. Демократските процеси се почнати, назад нема!, рече лидерот на СДСМ во обраќањето на осмомартовскиот марш.