Од:

PACTA SUNT SERVАNDA – Договорите мора да се почитуваат

Сега, кога останале само неколку дена пред истекувањето на рокот за формирање на влада, ДУИ се обидува да образложи дека е “врзан” со Мајскиот договор и дека мора да коалицира ро ДПМНЕ заради воспоставениот принцип “победник со победник”. Во целава работа има една голема заблуда. ДУИ постојано се повикува на договор кој ВМРО-ДПМНЕ не признава дека се склучил.

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

“Договорите мора да се почитуваат” гласи еден од најстарите принципи на правото кој во меѓународното право има свое посебно место меѓу “општите начелата на цивилизираните народи”. Правото како и основните вредности на цивилизираното општество се мошне јасни: тоа што е договорено мора да се почитува.

Овој принцип е особено важен кога се зборува за денешната состојба во Македонија и особено кога се прави ретроспектива на сите договори кои биле склучени до сега. Ако се анализира начинот и степенот на нивната имплементација, се забележува дека не сме нешто многу цивилизирано општество.

Така на пример, и после 15 години Охридскиот рамковен договор од 2001 година не е во целост имплементиран, Мајскиот договор од 2007 година останал на пола пат и клучните работи од него никогаш не се имплементирале, а во поновиот период имавме уште два договори познати како Пржино 1 во 2015 година и Пржино 2 во 2016 година кои, исто така, беа константно минирани и блокирани и нецелосно имплементирани особено во делот каде се зборува за одговорноста, правните реформи и напредувањето во евро-атлантскиот интегративен процес.

Меѓутоа, последниве денови во јавноста особено се зборува за одамна склучениот а никогаш јавно објавен Мајски договор од 29 Мај 2007 година. Сега, кога останале само неколку дена пред истекувањето на рокот за формирање на влада, ДУИ се обидува да образложи дека е “врзан” со Мајскиот договор и дека мора да коалицира ро ДПМНЕ заради воспоставениот принцип “победник со победник”. Од друга страна пак, во своето интервју дадено за Дневник на 9 јануари 2017 година, Груевски отворено се заканува инсистирајќи токму на истиот принцип:

„Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата.”

Јасна е дрската намерата изразена како од покер-играч кој сепак знае дека нема многу силни карти на рака и е далеку од суштината на заканата која ја соопштува во вид на блеф.

Во целава работа има една голема заблуда. ДУИ постојано се повикува на договор кој ВМРО-ДПМНЕ не признава дека се склучил. Првиот предуслов за било каков договор да биде почитуван е истиот да биде признат од двете страни. Како може да се спроведе нешто за што страните не се согласни дека се јасно договорени?! За спроведување на каков договор зборува ДУИ кога истиот Груевски го нарекува парче лист, записник од некаков состанок?!

Ставот на Груевски околу Мајскиот договор е јасно видлив во неговото фамозно обраќање во собрание на 31 Мај 2007 година, кога истиот силно негираше било какво договарање за “Бадентерова влада” и за други работи, цитирајќи народни изреки од типот “на лагата и се кратки нозете” како и истакнувајќи дека “вистината е како шило” и дека таа на крај ќе исплива на виделина. И сега, после 10 години, тој јавно се заканува повикувајќи се токму на договорот кој самиот не го признава.

Но што всушност опфаќа тој Мајски договор? Доволно е да се направи кратко истражување на архивските материјали од дневниот печат од тој период за да се идентификуваат петте точки на овој договор кој е анализиран во многу јавно достапни студии:

 

  1. Партиите се согласуваат за список од 46 закони кои ќе се набројат во Деловникот на Собранието како закони за кои се гласа со Бадентерово мнозинство;
  2. Партиите се согласуваат за заменување на еден член на Собраниската комисија за односи меѓу заедниците од ВМРО-ДПМНЕ со член од СДСМ, како и за подготвување на нов закон за составот на оваа комисија;
  3. Партиите се согласуваат да пристапат кон прашањето на обезбедување на материјална и социјална помош на жртвите на конфликтот од 2001 година и нивните семејства со постојни закони и постапки. Партиите се согласуваат на продолжувањето на работата на работните групи во врска со оваа прашање;
  4. Партиите се согласуваат да подготват и да предложат предлог-закон за употреба на јазиците кој ќе биде во потполна согласност со Охридскиот рамковен договор и со Амандманот V на Уставот на РМ. Партиите се согласуваат на продолжувањето на работата на работните групи во врска со оваа прашање;
  5. После враќањето на ДУИ во Собрание, партиите се согласуваат да продолжат со преговорите за прашањето на начинот на составување на владата.

Очигледно е дека практиката на коалицирање победник со победник не е изречно наведен како достигнување на овој договор. Точките 1 и 2 на овој документ беа целосно спроведени. Меѓутоа, точката 3 не беше никогаш спроведена со тоа што никогаш не беше составен официјален систем или механизам за решавање на статусот на жртвите на конфликтот и нивните семејства.

Во однос на точката 4, донесениот Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во РМ во единиците на локалната самоуправа јасно е дека не ги исполнува потребите на граѓаните на праведен и рамноправен начин и е полн со контроверзии и нелогични работи. Така, и покрај Мајскиот договор, овие прашања сеуште остануваат отворени и за истите уште се преговара и се договараат нови платформи и барања.

Договорите треба да се почитуваат, јасно, но истите треба во целост да се почитуваат, а не некои одредби да се спроведат а другите не, според личните ставови на договорените страни и според нивните моментални потреби. Ако од целиот Мајски договор за ДУИ е важен само петтата точка, за која очигледно воспоставиле некоја практика со ВМРО-ДПМНЕ која не се споменува во самиот Мајски договор како таков, тогаш тие сами кажуваат што им е приоритет и за кои одредби самите си одлучуваат да не отстапуваат во било кој случај.

 

Друг многу значаен проблем е легитимитетот на самите страни кои се покажуваат како “победници” и кои очекуваат да коалицираат еден со друг. Имено, самиот Груевски во своето неодамнешно интервју за Дневник кажува дека во 2008, 2011 и 2014 година ВМРО-ДПМНЕ “одлучи да коалира со ДУИ затоа што беше очигледно од изборите дека мнозинството граѓани Албанци сакаат ДУИ да е во влада.” Во состојба кога 600.000 гласачи јасно се изразиле против досегашната власт, во состојба кога ДУИ од 19 паднала во 10 пратенички мандати, во состојба кога преку опозициските партии Албанците имаат 12 пратенички мандати што се повеќе од десетте пратеници на ДУИ, и во состојба кога над 50.000 граѓани Албанци гласале за СДСМ во изборите на 11 Декември, повеќе од јасно е дека според јавно изразената воља на граѓаните Албанци на избори, легитимитетот на ДУИ да се самопрогласи за победник и врз основа на тоа да се повика на принципот “победник со победник” е невалиден.

 

И последен, но не најмалку значаен проблем е селективното почитување на договорите и нивните одредби. Еве да речеме кај Мајскиот договор, првите две точки се исполнети, третата точка не е исполнета, четвртата точка е погрешно исполнета со некаков закон кој очигледно не ги исполнува потребите на граѓаните и е крајно контроверзен и неправеден, а петтата точка се сведува на некој мистериозен устен договор меѓу Груевски и Ахмети.

 

Селективноста во почитувањето на договорите го наметнува и следново прашање: Што правиме со поновите договори од Пржино за чие исполнување очигледно изостанува вољата на Груевски и ДПМНЕ? Најважно достигнување на Пржинскиот договор беше основањето на СЈО чија работа не само што упорно се блокираше, туку ВМРО-ДПМНЕ јасно кажа дека нема да дозволи продолжување на мандатот и се потруди целосно да ја дискредитира работата на ова важна институција. Како со таков пристап ќе се работи кон исполнувањето на Пржинските договори? Има ли ДУИ таков луксуз да избере кои договори ќе ги почитува а кои не според некаков селективен пристап кој го идентификува единствено принципот “победник со победник” кој не е ниту изречно спомнат во Мајскиот договор? Дали сите досегашни договори потпишани со олеснување на меѓународниот фактор се ништовни пред усно изразената добра воља за коалицирање меѓу Груевски и Ахмети дури и во услови во кои им недостига било каков легитимитет тоа да го направат?

 

Останува да се види во наредните денови. А дека вистината е како шило одамна се уверивме, и се уверуваме секој ден кога политичарите ги посочуваат како вистини работите кои сами со години ги негирале лажејќи отворено и владеејќи сосема неискрено со паралелни вистини, една за “меѓу нас” а друга за во јавност. Вистината еден ден исплива во виделина, заедно со парите, како што тоа го истакна Фатиме Фетаи кога ја презентираше истрагата “Трезор”.

 

Денес СЈО отвори две нови истраги. Две нови вистини испливуваат на виделина. Уште колку вистини е потребно да испливаат за да ја разбираме лагата во која живееме?!