Од:

Пандев во емотивен меч во недела: Тоти се повлекува против Џенова

Горан Пандев во недела (18 ч.) ќе ужива во привилегија да биде дел од емотивно попладне на „Олимпико“. Рома ќе биде домаќин на Џенова во натпревар од последното коло во Серија А што ќе падне во сенка на повлекувањето на Франческо Тоти. Иконата римјаните и легенда на италијанскиот и светски фудбал потврди дека викендот се простува од настапите за „волчицата“.

„Нема зборови со кои можам да опишам што значат овие бои за мене и што ќе значат засекогаш. Љубовта што ја чувствувам кон клубот не е исчезната и нема да исчезне. Тоа е страст, тоа е моја страст. Толку е длабока што не можам да престанам да ја хранам. Никогаш. Во понеделник ќе бидам подготвен за нови предизвици“, изјави Тоти.

Франческо Тоти во септември ќе го прослави 41 роденден. Сета своја кариера ја мина во Рома, сега дојде моментот да се повлече, но не открива дали прошталниот меч за „волчицата“ ќе значи и крај на фудбалската кариера.

Дебито за сениорскиот тим го забележа во сезоната 1992/93 во мандат на Вујадин Бошков на клупата. Заигра како 16 годишно момче во триумфот на Рома на гостувањето кај Бреша со 2:0. Првенецот, пак, го постигна во ремито (1:1) против Фоџа во 1994 година. Во изминатите 25 сезони настапи во 785 натпревари во кои прослави 307 погодоци.

„No Totti, no party“, е пораката што симпатизерите на Рома ја истакнуваа  својот миленик на трибините на „Олимпико“ во секоја средба на „волчицата“ на домашен терен.

Во кариерата освои само едно Скудето (назив на шамионската титула во Серија А) во 2001 година и подигна по два трофеја во Купот на Италија и во италијанскиот Суперкуп.

Признание за неговата величина неодамна доби и од навивачите на Лацио, лутиот градски ривал на Рома. Истакнаа транспарент во дуелот со Интер на кој пишуваше „Франческо Тоти, те поздравуваат твоите животни непријатели“.

„Постигна цел што заслужува почит. Ти си единствениот голем шампион што не тргна по патот на парите. Подаваме рака на противникот кој по сите овие години заминува од теренот како најдобар меѓу непријателите“, напишаа меѓудругото фановите на Лацио за Франческо Тоти.