Од:

Пилот проектот „Контравести“ заврши, но не и нашата мисија

Сатиричното шоу „Контравести“ го заокружи пилот- циклусот со последната, шеста епизода минатата недела.

Низ целиот овој период од месец и половина се обидувавме низ духовит, пецкав и сатиричен начин да ги опишеме состојбите во државава, да ја амортизираме воодушевеноста од животот кој фунционира исклучиво низ партиските машинерии, да ја анулираме омразата, да го отфрлиме стравот.

Нашата цел и мисија беа во друга насока: да ги однесеме нашите гледачи и јавноста низ поинакви дестинации-каде секоја власт и моќник се гледаат со сомнеж, со одредена резерва, со дистанца. Онаму каде што се слави човекот и граѓанството, а политиката и елитите се перципираат исклучиво низ поинаква призма-дека се устоличени да им служат на граѓаните, да бидат нивен сервис, да работат исклучиво за интересите на јавноста.

Во исто време, нашата интенција беше да ја поттикнеме јавноста низ поинаква призма, критичка пред се, но со доза на хумор, да ги согледува, дигестира и прима сите вести, состојби и јавни личности, без разлика дали се власт или опозиција, затоа што нема наши и ваши, затоа што тие времиња мора да завршат.

Тоа не беше лесен, ниту лагоден пат низ кој ги правевме овие пионерски чекори, лансирајќи ги „Контравести“. Ги слушавме внимателно сите ваши предлози, сугестии, критики и се обидувавме да ги аплицираме во секоја идна епизода, затоа што „Контравести“ беа вашиот глас кој низ смеа го крева гласот против моќта и моќниците.

Во „Контравести“, НОВА беше продуцент на производот кој функционираше благодарејќи на талентираните уметници: актерите Ирена Ристиќ, Јовица Михајловски и Дритеро Аме, водени од режисерската палка на Васил Христов-Вуси.

Сценариото беше пишувано од талентираните пера на Контрашите, а последниот збор секако дека го имаше публиката, која низ аплауз и негодувања ја моделираше и обликуваше секоја идна епизода.

Продукцијата на НОВА со „Контравести“ го отвори патот за нови подвизи во светот на хуморот и сатирата-затоа што одамна беше време да и кажеме добредојде на смеата, макар биле горчливи тие ситуации, сепак не смее да се одмолчат. Не смее никој да каже дека времињата биле мрачни затоа што ние сме молчеле, да се послужиме со цитат од филмот “Да живее слободата”.

Контравести зборуваа многу, но на поинаков начин-затоа што за да им се спротивставите на мрачните времиња понекогаш е потребно да ги прикажете низ апсурден, забавен начин, за стравот и нелагодата да исчезнат.

Уште еднаш ве водиме кон линковите на епизодите на Контравести:

Прва епизода-гостин амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет:

Втората епизода во која беше гостин Саше Политико:

Трета епизода:

Четврта епизода-гости Студентскиот пленум:

Петта епизода-гостин во ова издание е новинарот Мухамед Зекири.:

Последна, шеста епизода:

Ви благодариме што не гледавте и заедно одевме низ предизвиците низ кои не водеа „Контравести“.