Од:

Плаошник – место на злосторство или гордост за археолозите

“Екологистите се згрозени од уништувањето на боровата шума која е природна атракција и туристички бисер на Охрид. Туристите се згрозени од забранетиот пристап и уништувањето на преубавиот поглед на Плаошник. Верниците се згрозени од сквернавењето на верските симболи. Архитектите се згрозени од бетонски чудовишта кои трајно го цементираат Плаошник. Археолозите се згрозени од уништувањето и засенувањето на вредните археолошки наоди. Експертите за културно наследство и УНЕСКО се згрозени од неподносливата леснотија со која се уништува постоечко и потенцијално културно наследство”, изјави денес во Охрид, на Плаошник, Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.

За него Плаошник е “место на злосторство врз културното наследство и природната убавина на Охрид”.

Поради сето тоа, Алаѓозовски е уверен дека треба да се казнат политичарите кои ја уништуваат убавината и културата на Охрид со “грозоморните градби на „Плаошник“; Наша должност е да ги казниме тие што лажеа дека УНЕСКО било среќно што се гради врз археолошки остатоци”, рече тој.

На ова реагираше Заводот за заштита на споменците на културата и музеј Охрид го обвини Алаѓозовски дека снимал без соодветна дозвола на Плаошник.

Според Заводот уништен е “мал дел од боровата шума која беше неопходно да се отстрани заради изведувањето на систематските археолошки истражувања”. Заводот тврди дека се направени пристапни туристички патеки а археолозите “се гордеат со археолошките истражувања на Плаошник кои се отпочнати уште во 2007 година затоа што тие се изведуваат согласно добро утврдена методологија за изведување на систематски археолошки истражувања”.

Заводот вели дека тие се “експерти за културно наследство” бидејќи “ние сме тие кои од самиот почеток учествуваме како во изведувањето на археолошките истражувања така и во изработката на проектите и во нивната реализација”.