Од:

Пливање: Ангеловски го собори Маленко, па Блажевски го урна Ангеловски

Фото: finawindsor2016.com

Државниот рекорд на Александар Маленко на 50 метри слободно во 25 метарски базен (23,54 секунди) денеска е натпливан. И тоа не еднаш туку двапати. Резултатот што беше актуелен повеќе од една деценија најпрво го подобри Љупчо Ангеловски (19) кој на првата патека во шестата група исплива време од 23,43 секунди на третиот натпреварувачки ден на 13. Светско првенство во пливање во кратки базени што се одржува во Онтарио, Канада. Тоа му донесе 646 ФИНА (Интернационална пливачка асоцијација) поени и 69 место во конечниот пласман во дисциплината.

Три групи по него во базенот влезе и Марко Блажевски (24) кој, пак, беше побрз и од Ангеловски. Делницата во шестата патека ја мина за 23,07 секунди за 677 ФИНА поени и 58 позиција во севкупниот редослед во конкуренција на 137 пливачи.

Светскиот рекорд на 50 метри слободно во 25 метарски базени во машка конкуренција е сопственост на Французинот Флоран Манаду која на СП 2014 во Доха, Катар, оствари време од 20,26 секунди.