Од:

По две години Златеви дознаа каде се документите за донираните бубрези

Повеќе од две години откако ги донирале бубрезите од нивната мајка 59 годишната Верка, братот и сестрата Златеви од Кавадарци се уште немаат никаков официјален документ ниту потврда како доказ дека ги дале органите. Наместо да ја исправат грешката бидејќи телото на нивната мајка не стигнало на погребот, одговорните цели две години се однесувале како овој случај да не постои. Националниот координатор Аспазија Софијанова за првпат, откако НОВА ја објаво сторијата, јавно кажа дека документите се наоѓаат во Министерството за здравство.

„Документите се во Министерството за здравство и можат во секое време да си ги земат. Знаете како, сигурно не може секој да ги земе кога сака, прво треба барање. Нека дојдат, ќе одиме ќе ги побараме“, рече Софијанова за НОВА.

Во ситуација кога земјата се стреми да изгради стандарди, да ја издигне трансплантацијата на повисоко ниво, одговорните очигледно не го испочитувале законот, велат Златеви. Софијанова се правда дека пропустот со телото на жената кое не стигна на закажаниот погреб, требало да биде платен и организиран од државата, не е само нејзин туку на целиот тим.

„ Секој може да каже што мисли, мене луѓето што ме познаваат знаат која сум. Јас за цело време бев во контакт со семејството. Сега јас сум посочена како одговорна иако имаше и други кои беа инволвирани во сето тоа. Јас бев во контакт со судска медицина, тие доцнеа и возилото стигна два часа подоцна од закажаниот погреб. Она што беше неправилно е дека телото не беше облечено. Јас вечерта отидов кај нив дома да се извинам и се се заврши во интерес на семејството“, изјави Софијанова.

Синот на починатата Диме Златев, минатата недела го обелодени хоророт низ кој што поминале откако пред две години ги донирале органите од нивната мајка и со тоа спасиле два живота. Наместо ветувањатата од Софијанова, која е на чело на тимот за трансплатација,  дека ќе биде платен погребот и телото ќе биде облечено  како што доликува на обичаите, погребот бил откажан бидејќи телото се изгубило, па семејството го барале со полиција.

Нивната мајка е една од малкуте чии бубрези се донирани по смртта. Досега во државата има направено само осум трансплантации од мртов донор. Проектот доживеа комплетно фијаско, а наместо Национална кампања се туркаше владина кампања, по што трансплантацијата комплетно замре.