Од:

Победници и губитници, патриоти и предавници

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Изборите во недела и резултатите од нив покажаа многу работи за Македонија, за тоа кој победи, каде и зошто победи, каква Македонија имавме и каква ќе имаме во иднина. Резултатите остануваат неизвесни заради фактот што ниедна од политичките партии не доби апсолутно мнозинство а имаше и видливи промени, порано никогаш видени, кои зборуваат за тоа дека силни ветрови на промена веат во оваа поднебје. Пред изборниот ден, сите се сложивме дека овие избори ќе бидат клучни за понатамошниот развој во Македонија, дека тие ќе одлучат дали ќе ја биде оваа земја или не. Резултатот е неизвесен и уште не знаеме точно дали конечно не биднало или не, но одредени работи можеме да ги прогласиме за сигурни.

Да започнам со очигледните работи. Излезеноста во овие избори беше видно зголемена. Многу луѓе сфатија дека промените нема да дојдат спонтано и сами по себе туку за истите да се случат, треба секој од нас да мрдне… со прст. Тие дополнителни гласови од зголемената излезност направија голема и значајна разлика. Исто така, може да заклучиме дека самиот изборен процес беше релативно мирен, со вообичаени инциденти, но во споредба со тоа што сме го имале претходно, сепак видно помирни. Меѓутоа, иако општо позитивни, првичните оценки на ОБСЕ/ОДХИР зборуваат и за одредени нерегуларности. За конечната оценка во врска со исходот на изборите треба да се дознае во наредните денови, при одлучување на евентуални претставки и поплаки, особено заради индиции за повеќе нерегуларности за кои се зборува на терен. Имајќи предвид колку е тесен резултатот, секоја можна претставка е важна, секој глас е важен. Никогаш порано немало ситуација во која толку очајно се броеле и пребројувале гласовите. Вообичаено, победите биле толку длабоки што големите политички партии не се занимавале со “ситници”. Ама овој пат не ќе да е така.

Да продолжам со друга очигледна работа, бројот на гласовите за поголемите партии. Имено, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ доби 454.253 гласови а коалицијата на СДСМ доби 436.790 гласови. Ситна разлика со мала предност на најголемата владејачка партија. Во споредба со предвремените избори во 2014 година, во кои коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ имаше 481.615 гласови а коалицијата на СДСМ имаше 283.955 гласови, се гледа видливо зголемување на гласовите за опозицијата а намалување од неполни 30.000 гласови за владејачката партија. Тука е првата констатација која треба јасно да се идентификува.

Пред да настапи изборниот ден, најважните прашања кои се поставуваа беа: дали во Македонија ќе се гласа со разум и логика или ќе се гласа од страв, дали ќе се подржи криминалот преку негово легализирање со гласање или истиот ќе се казнува, дали луѓето ќе гласаат за слобода или пак ќе гласаат клиентелистички и робовски за власт за која знаат дека е корумпирана, за што истата се фати на дело. И еве ни го резултатот: 454.253 лица немаат проблем со таквата корумпираност, иако јасно чуле со свои уши што сé правела власта за која тие сепак се одлучија да гласаат. Што е уште поважно, таа бројка јасно укажува дека стравот од Албанците е поголем од разумот во водењето на државата, па ако се има предвид шовинистичката кампања водена од ВМРО-ДПМНЕ, може да се заклучи дека таа бројка на граѓани дури имаат сериозен проблем со омразата кон Албанците што така удобно и безусловно прифаќаат корумпирана власт сé со цел тие да останат во неправедна супремација во однос на другите народи кои живеат во оваа држава. Новинарките Сашка Цветковска и Мери Јордановска пред да започне изборниот молк укажаа на фактот што корумпираноста на едно општество се гледа во начинот на кој тоа општество реагира откако ќе дознае за корупцијата. Епа, ете, 454.253 лица откако дознале за корупцијата на власта, истата ја прифатиле без никаков проблем, и со тоа станале соучесници во неа.

Во Албанскиот блок пак, се случуваше нешто различно, интересно и порано невидено во овие простори. Албанците во овие избори дадоа околу 38% од нивните гласови за партија која до доцна беше само Македонска. Но тоа што е поважно, гласачите Албанци ги преполовија нивните гласови и нивната поддршка дадена за досега најголемите партии во Албанскиот блок. Така, ДУИ од 153.646 гласови во 2014 година се спушти на 86.848 гласови , а ДПА од 66.393 гасови во 2014 година се спушти во 31.027. Двете нови партии формирани кај Албанците успеаја да добиваат околу 90.000 гласови, а сепак, како што реков, повеќето Албанци кои не гласаа за традиционалните албански партии ја подржаа опозициската коалиција предводена од СДСМ.

Најважната лекција која треба да се научи од оваа постапка е дека голем број на Албанци успеаја јасно да ги постават своите приоритети во овие избори. Најважен приоритет за нив беше јасно да се каже “не” на политиката водена од Никола Груевски и ДПМНЕ. Тие разбраа дека најкусиот пат да се каже тоа одлучно “не” беше преку подржување на СДСМ, и тоа го направија, со што покажаа голема зрелост и разум во нивното постапување. Покажаа уште еднаш дека знаат да одлучат во каква Македонија сакаат да живеат, и дека за нив постоењето на правната држава е клучна и најважна од се. Покажаа дека можат да дават сериозен влог и да инвестираат во воспоставувањето на правдата и казнувањето на криминалот. Да не беа тие гласови на Албанците за најголемата македонска опозициска партија која првенствено се залагаше во воспоставувањето на правдата и на правната држава преку работата на СЈО, немаше да имаме вака изедначена состојба на гласовите, туку, ВМРО ќе си победеше со многу поголема разлика како и во претходните изборни циклуси. Тие Албански гласови ја прекинаа 10 годишната традиција на Груевски да слави победа уште во раните вечерни часови, и затоа, Албанците треба да бидат многу горди на себеси. Досега Албанските гласови важеа само за гласови на мали партии на една малцинска етничка заедница, кои не вредеа ништо кога ДПМНЕ неспорно победуваше. Овој пат, тие гласови беа гласови на разумен и уставотворен народ кои одлучуваат каква ќе биде таа Македонија во која што тие живеат. Албанците со ова нивно постапување од малцинство станаа народ во оваа земја и значаен фактор за нејзината иднина.

Албанците покажаа уште нешто во овие избори, а тоа е дека имаат многу понизок праг на толеранција за корупцијата и неправдата отколку нивните сограѓани. Како што објаснив погоре, тие јасно, неколебливо, и безмилосно ги казнуваа своите претставници заради тоа што последниве многу долго толерираа криминал преку нивните гласови. Ова се случува во ситуација во која Албанските партии се во сосема различна позиција во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, додека во сите бомби јасно се обелодени криминалот на ДПМНЕ како најважен и највлијателен носител на јавни функции, за кој што СЈО отвори 9 предмети, за Албанските партии не се обелоденија некои поголеми скандали во бомбите, додека пак СЈО сеуште не отвори некој позначаен предмет за нив.

Секако дека може да се очекува дека такви предмети ќе има во иднина, меѓутоа, сакам да истакнам дека Албанските гласачи ги казнија своите досегашни претставници не само за нивните криминали туку и заради фактот што предолго го толерирале својот коалиционен партнер и не придонеле доволно за казнување на истиот. Албанските гласачи излегоа многу построги во нивното казнување: додека Македонските гласачи повторно му дадоа мнозинство на партијата за која многу добро знаат дека е корумпирана и криминализирана, Албанските гласачи ги казнија своите претставници за нивниот криминал и за толеранцијата спрема криминалот на партнерот. Додека Македонските гласачи не беа во можност јасно и гласно да казнуваат докажано извршување на криминал, Албанците го казнија соучесништвото во таквиот криминал. Тоа треба да биде многу јасно и да се знае еднаш засекогаш кој е кој и какво е државничкото однесување на Албанците во оваа земја.

Но сепак, сево ова не е доволно за да има вистинска промена во Македонија. И повторно, сé зависи од Албанците, колку тоа да не му се допаѓа и да го иритира Груевски и неговите следбеници. Јасно е дека без нив никаква влада не може да се формира. Јасно е дека без нив ништо не е целосно, а цело е кога има сé.

Албанските гласачи како граѓани на оваа земја го исполнија првиот услов за да го рушат режимот во оваа држава, а тоа беше отворено, јасно и директно да ја подржат македонската опозиција предводена од СДСМ. Тоа го направија и постигнаа речиси изедначен резултат меѓу двете најголеми политички партии. Ова го постигнаа на штета на своите пратенички места, но со голема цел и со голема победа, а со тоа јасно покажаа кој е кој во оваа општество, кој е за а кој е против криминалот и неправдата. Гласот на Албанските граѓани беше јасен и бучен.

Вториот услов треба допрва да се исполни, а тој услов мора да го исполнат Албанските политичари. Сега е нивниот ред. Тие треба безкомпромисно да го изолираат Груевски и ДПМНЕ и под никакви услови, ама баш под кикакви, да не склучат коалиција со него. Со ова Албанските политички партии директно ќе придонесат во воспоставувањето на правната држава и во поднесувањето одговорност за сторениот криминал.

 

Албанските политички партии беа изненадени од потегот на граѓаните Албанци, па дури и навредени од истиот. Многу од нив ги нарекоа предавници на албанските интереси Албанците кои одлучија да гласаат за СДСМ. Не само што не се предавници, туку тие гласачи се вистинските албански патриоти во земјава. Затоа што каков е тој патриотизам кој не се залага за правда и еднаквост, каков е тој патриотизам кој не инвестира во ставање крај на едно мафијашко владеење, каков е тој патриотизам кој не е спремен селективната правда да ја замени со вистинска правда?! А доколку после сево ова и после оваа важна порака што албанските граѓани им ја испратија на своите политички претставници, тие сепак одлучат да го воскреснат Груевски и ВМРО од умрените и повторно да го факторизираат во нова коалициона влада, тогаш ТИЕ ќе бидат безкомпромисните предавници на албанските интереси во оваа земја. Ако одлучат да го оживеат Груевски треба да знаат дека самите ќе си заминат во политичката историја, како што си заминаа некои, и тоа многу брзо, во локалните избори кои се ближат. Оти било каква коалиција со субјект кој Албанците ги нарекува индијанско племе и владее преку најгрубо прекршување на нивните права не е само предавство на Албанските интереси, туку пред се е предавство на човечкото и хуманото во сите нас.

 

 



Comments are closed.