Од:

Почина детето искасано од овчарски кучиња

Усеини Џеваир (4) од селото Бачишта, Кичево денеска почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, откако во четвртокот беше искасано од овчарски кучиња.

Во билтенот на МВР пишува дека во четвртокот, детето сакало да помине улица кога било нападнато од кучиња кои биле сопственост на Ш.В. (48) против кој министерството ќе поднесе соодветна кривична пријава.

Од здружението за заштита на животни, „Анима Мунди“, велат дека се потресени од целата случка и дека тие не сакаат бездомни животни на улица и се единствени кои волонтерски, самостојно, континуирано дејствуваат и реално придонесуваат кон намалување на бројката бездомни кучиња. Здружението бара со закон да се дефинира задолжителна стерилизација, формулирање законска рамка која ќе санкционира неодговорно сопствеништво – напуштање и неконтролирано размножување на милениците, доследна примена на законите.

„Во оваа трагедија загубата е ненадоместлива и искрено жалиме. Ова е несреќа во која само еден миг човечки превид, или неодговорност има кобни последици. Кучињата кои го нападнале малото дете имале сопственик, но се шпекулира и дека се приклучиле и бездомни кучиња, се наведува во реакцијата на Анима Мунди. Повеќе од кога и да е, чувствуваме потреба повторно да го посочиме коренот на проблемот, причинителот на прекубројноста на бездомните кучиња, кои се на улица, но не по своја вина. Најголем причинител за бездомни животни е човекот, кој ги размножува неконтролирано, потоа исфрла на улица. Сето тоа е игнорирано, поминува неказнето од страна на институциите и неминовно води до продлабочување на проблемот. Тука лежи примарната одговорност. Неопходно е веќе еднаш да сфатиме кај кого е вината, а тоа не се здруженијата за заштита на животни во кои јавноста знае да го впери прстот“, пишува во соопштението на Анима Мунди.

Од Здружението велат дека не само што немаат никаква надлежност, туку се исклучени и целосно оневозможени да дејствуваат и им помогнат на институциите во третирање на овој проблем.

„Да биде пострашно освен што се одбива нашата волонтерска помош, се одбива секој друг вид помош која сме ја обезбедиле од странски организации – се одбила можност за нивно доаѓање во Македонија и теренско дејствување кое секако би придонело кон воспоставување контрола на бездомните животни на улиците и да се едуцира населението. Се одбива помош која е од интерес на граѓаните, животните и колективната благосостојба и безбедност. Сегашниот начин на справување со бездомните кучиња во Македонија е исклучително негативен“, велат од Анима Мунди.

Од здружението предлагаат забрана за размножување на кучињата и санкции за неодговорно сопствеништво се додека не се реши проблемот со прекубројноста на кучињата.