Од:

Почина Симон Вејл, феминистка и борец за социјални права

Симон Вејл, борец за женските права и жена што го преживеа Аушвиц, почина на 89 годишна возраст. Француските жени и го должат на Веил правото на абортус.

Оваа политичарка и филозоф во 1974 година ги убеди француските политичари дека жените мораат да имаат право на абортус, дека имаат право да го имаат последниот збор кога станува збор за нивното тело и живот. Три дена дебата му требаа на францускиот парламент за да конечно го усвои предлогот на Вејл за декриминализација на абортусот.

Родена беше на 13 јули 1927 година во Ница. Депортирана во Аушвиц со целото семесјтво, само таа и нејзината сестра го преживеаа ужасот на концентрациониот логор.

Таа влегува во политиката во 1974 година како министер за здравство во десничарската влада на Жак Ширак. И тогаш почнува нејзината борба со нејзиното десно политичко семејство за донесување на законот за декриминализација на абортусот. Оттогаш па до денес Вејл остана еден од најпопуларните политичари на Франција.

Од 1979 година до 1982 година таа е претседателка на Европскиот парламент, а помеѓу 1984 година и 1989 година таа е на чело на групата на либералите: “Тоа што работев за Европа ме помири со 20от век”, велеше Вејл.

Од 1993 година па се до 2007 година таа има повеќе функции како државен министер задолжена за социјални работи и здравство, претседателка на Високиот совет за интеграција и Уставниот совет.

Иако во политиката влегува во десниот блок, нејзиниот политички живот беше посветен на социјалните права. Помеѓу другото таа беше остар критичар на политиката што ја водеше Никола Саркози.

Францускиот претседател денес ја опиша Вејл како инспирација и најдоброто што Франција и го дала на Европа.

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани го поздрави нејзиниот голем европски ангажман велејќи дека “нејзината порака за правата на жената и антисемитизмот останува да живее”.