Од:

Почнува Самитот на НАТО во Варшава, главната порака е до Москва

Денеска во Варшава започнува Самитот на НАТО. Симболично, Самиот се одржува во Варшава, со што јасно се упатува порака за позицијата на Источноевропските земји во однос на Русија, чија политика станува се поагресивна кон овој дел од Европа.

Во тој контекст е и одлуката на Алијансата за распоредување на засилено воено присуство во неколку балтичките земји Летонија, Естонија, Литванија и во Полска –4 баталјони со вкупно 4.000 војници, или 600 до 1.000 во секоја земја, како „постојано присуство“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера изјави дека иако воената соработка со Русија е прекината поради анексијата на Крим, политичкиот дијалог со Москва нема да биде прекинат.

Но, Самитот сепак нема да се фокусира исклучиво на военото присуство во Источна Европа, туку на маса ќе биде ставено и едно од прашањата актуелно веќе подолго време – безбедносните закани на Југот. НАТО инсистира на воено присуство секаде на Југот – во Ирак и во Либија, кои се под закана од тероризам. НАТО со тоа сака да го потврди своето присуство и да ја покаже подготвеноста на сојузниците на заеднички настап  и обединетоста на Алијансата.

Исто така ќе бидат отворени и и некои политички поглавја, особено за односите НАТО – ЕУ што Алијансата сака да ги консолидира и не само оние кои се однесуваат на воени прашања, туку на граѓанските, дебата што ќе биде отворена на денешната вечера со лидерите на ЕУ.

Според најавите, клучниот збор веќе нема да биде „напревар“ меѓу овие две организации, туку за поделба на задачите и за меѓусебна соработка.

Излегувањето на Британија од ЕУ што ќе се случи во следниве години ќе го натера Лондон да ја зајакне својата улога во НАТО. Тука Британија би морала да ја покаже својата сила, влијанието и меѓународната тежина. Затоа разговорите меѓу НАТО и ЕУ лидерите ќе треба да се одговорат на прашањето – што после Брегзит.

Една од пораките од Самитот ќе биде и дека НАТО продолжува со проширувањето, а во тој контекст е и примерот на Црна Гора во членството. Оваа порака има симболика, бидејќи доаѓа по неодмнешното поштишување на Декларацијата за воено неутрален Балкан на Конгресот на партијата на рускиот претседател Путин, Единствена Русија во Москва, од страна на претставници на политички партии од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и Македонија. Од македонска страна потписник е Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите, дел од владината коалиција на ВМРО ДПМНЕ.

Во Варшава од македонска страна се министрите за ндаворшени работи и за одбрана Никола Попоски и Зоран Јолевски.

Уште пред да се објави агендата на НАТО самитот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов за домашните медиуми соопшти дека тој нема да присуствува на Самитот, поради, како што соопштија од неговиот Кабинет „игнорирањето на меѓународното право, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти, безбедносните предизвици во регионот“.

Но ова доби шпекуклативен карактер откако се појавија реакции дека Иванов и воопшто не бил поканет да присуствува.

Дипломатски извори за НОВА објаснуваат дека Иванов треба да биде поканет на состанок на шефови на држави и влади на НАТО кога темата се однесува на Авганистан, каде Македонија е дел до сојузничката мисија за поддршка. Но немаат обврска за покана на ниту еден друг официјален состанок на лидерите на Алијансата. Во случај да сака да поентира во овој контекст со повикување на меѓународната правда, тогаш, велат дипломати, Иванов тоа би требало да го направи во вид на писмо, но никој не верува дека тоа ќе се случи.



Comments are closed.