Од:

Под сенката на кризата Мијалков ја таргетира нафтената индустрија

Со години важеше за најмоќниот човек во општеството. Неговото име се кажуваше со шепот, а малкумина се осмелуваа јавно да го критикуваат. Припаѓаше на малата моќна група составена и од неговиот братучед како премиер на државата, а со години ги следеа обвинувања за корупција и злоупотреби, како и лично богатење на сметка на државните интереси. Ова истражување на НОВАТВ открива дека под сенката на политичката криза и надвор од институциите Сашо Мијалков ја таргетира нафтената индустрија.

Истражуваат: Александра Денковска Гоцевска и Сашка Цветковска

Минатото лето го одбележа политичката криза и тензичните договори кои требаше да доведат до датум за избори. Тие месеци преставуваа турбулентни и немирни времиња не само за политичките, туку и за бизнис интересите. Раководството на најголемиот нафтен гигант во земјава „Макпетрол“ водеше битка за опстанок откако анонимна офшор компанија регистрирана пролетта 2016 во Лондон сакаше да го преземе мнозинскиот пакет акции. Раководството обвини дека овој напад е креиран од моќници во власта, додека политичката партија СДСМ беше уште подиректна, па тие ги посочија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот братучед Сашо Мијалков дека стојат зад обидите преку анонимна компанија со капитал од непознато потекло да се преземе најголемиот нафтен бизнис во земјава.

Дотогаш името на Сашо Мијалков не може да се поврзe со никаков бизнис во дејноста со трговија со нафта. Но додека „Макпетрол“ и адвокатот на офшор компанијата водат јавна војна за тоа кој од чии интереси е воден во борбата за преземање на акциите, на 4 август 2016 година се формира компанијата „Ом Петрол Оил“ со седиште во Ржаничино, Петровец. Нова открива дека оваа компанија понатаму е клучна за да ги идентификува интересите на Мијалков во бизнисот со нафта.

Првите чекори на Мијалков во бизнисот со нафта

За долгогодишниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање нештата не одат во полза на негување на имиџот на првиот помеѓу недопирливите откако опозицијата почна да ги објавува „бомбите“, а Специјалното јавно обвинителство започна и истраги за злоупотреба на службена положба против него. Сцената на моќниот Мијалков кој влегува да биде испрашуван од три жени во обвинителството кое има непријателски третман во партијата водена од неговиот братучед, ВМРО-ДПМНЕ, го остави ранлив за неговите непријатели. Дотолку што, според МВР мораше да му биде доделено дополнително полициско обезбедување.

Јавноста подзаборави на аферите поврзани со разни домашни и странски компании врзани со неговото име. Фокусот беше ставен на истрагите. Но не бизнис агендата на Мијалков продоложи, овојпат ослободена од товарот на конфликт на интереси кој претходно одеше со неговата државна функција.

Во септември 2015 „Призма“ пишува дека двајцата синови на Мијалков заедно ја формираат градежната компанија „Бест Веј Инвестмент“.НОВАТВ трагаше по адресата на којашто е регистрирана оваа компанија, Орце Николов број 71-1. Во скопско Дебар Маало лесно ја пронајдовме зградата. Но на таа адреса се наоаѓаат две државни институции – Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати и Агенцијата за стокови резерви.

Пари и врски

Управител на „Бест Веј Инвестмент“ е 25 – годишниот Илија Тозија. Илија Тозија приватно е пријател на Јордан Мијалков. Дел е од раководството на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ, а членува и во Надзорниот одбор на Државната видео лотарија како претставник на капиталот на владата.

Оваа компанија нема никакви активности се до 5 јануари годинава кога за 5,000 евра ја купува компанијата „Ом Петрол Оил“ од Масер Омерагиќ којшто според изворите на НОВАТВ, но и некои написи на интернет, е роднина на судијката Софија Лаличиќ. Таа е позната од „бомбите“ во коишто можеше да се чуе како Сашо Мијалков и соопштува дека е избрана за судија и дека „таа работа е средена“.

Директор на „Ом Петрол Оил“ е извесен Васил Донаков којшто од 2011 е вработен на неопрделено време како правник во Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор во сопственост на Владата. „Ом Петрол Оил“ поседува и лиценца од Регулаторната комисија за енергетика. Според законите, за да добиеш лиценца за трговија со нафта мораш да поседуваш соодветна инфраструктура. Мијалков од компанијата „РТ Транслогистик“ има договор за закуп на резервоар за нафта за период од 10 години којшто се наоѓа во Ржаничино, Петровец. Во оваа компанија сопственик е семејството на Омерагиќ, додека самиот Масер е директор.

Визуелизација на врските (кликни долу десно за да погледнеш)

Вчера за новиот бизнис на синот на Мијалков, во Собранието зборуваа и пратениците од СДСМ.

„Додека вие овде го блокирате Собранието и институциите,  вашето раководство се богати. Шест милиони евра потрошил Мијалков во јануари и во март за да купи депо за нафта и бензински пумпи? За ова ли го блокирате Собранието? Овој ли криминал го штитите“, рече пратеникот Дамјан Манчевски.

Пратеникот Љупчо Николовски, пак, рече дека додека луѓето протестираат надвор, Мијалков ја Ом Петрол.

„Токму преку овие зделки, додека граѓаните протестираат се шири богатството од нафтени складишта и од повеќе бензински пумпи“, рече Николовски.

ПРОДОЛЖУВА.



Comments are closed.