Од:

Поглед на прекрасните лисја со Ачевска и Каранфиловска

Тука во Вашингтон има посебен дел во годината, го нарекуваат набљудување на есенските лисја. Тоа е токму овој период, кога лисјата пожолтуваат, но не се сосема сите жолти, затоа што се работи за некаков премин- некои се останати се уште зелени, некои поцрвенеле, а некои добиле портокалова боја и ги параат очите.

Тогаш, целиот град е мобилизиран и во функција на различните бои на лисјата. Метеоролошката служба го презема целото шоу- се известуваат граѓаните за овие денови, се упатуваат кон кои зони на градот можат да ги набљудуваат, се известува на телевизиските канали, се организираат тури со возови, автобуси и бродови. Градот е посветен на бајката на лисјата, а граѓаните сериозно го сфатиле ова уживање и ги комбинираат своите планови зависно од тоа во која зона е постигнат пикот на разнобојни лисја.

Зошто е ова важно? Никому не би му паднало на памет да се грижи и набљудува лисја, доколку тоа не станало факт, дека во животот и на овој свет, освен политичките интриги, говорот на омраза, опседнатоста со политичките византиски игри, постојат и едни обични, шушкави лисја, кои вредат да се гледаат со сериозна почит, со долг втренчен поглед, аналитично, компаративно, студиозно и со веселост.

Животот мора да е повеќе од тоа да се биде со горчина во политичката окупација, бес и јад за нечија успешност, за што би било добро да ги отвориме ширум очите. Тогаш кога паѓаат лисјата, пред да ги менуваат сите бои, зошто е вредно да се биде свесен и буден за сите, дури и тривијални нешта, затоа што само така се добива свест за почитта за вредностите, за крупните личности и текови од кои се луѓето дел, а не им кажал никој, барем никој од оној политички естаблишмент, од елитите генерално, кои се патоказ на обичниот народ. Негов пик и негова бездна.

Внимавајте, тука, во Вашингтон со децении живее и работи една жена. Таа беше прв амбасадор на Македонија во Вашингтон, претходно тогаш кога се лобираше за влез во ОН и признавање на Македонија од страна на САД, тоа беа годините кога војните во Југославија ни висеа над глава, и ни се закануваа националистистите да не фрлат во истиот крвав котел.

Љубица Аческа како прва амбасадорка подоцна, низ годините, откако и заврши мандатот после скоро цела деценија, беше заборавена сосема од политичките елити во Македонија. Никому не му беа важни нејзините квалификации, искуство, големиот број на контакти, се работи за широк дијапазон на луѓе- политичари, лобисти, бизнисмени, новинари. Со многу од овие луѓе студирала и на факултет и на постдипломските студии, влегува во нивните кабинети без најавување, знае ако е потребно да ја бутне вратата и да влезе онаму каде што никој во Македонија нема пристап. Но, никогаш никој не побарал од неа совет, мислење, контакти, нејзина помош и конекции со важните луѓе на политичката мапа во Вашингтон.

Слична е и приказната со Елеонора Каранфиловска, која живее во Вашингтон една деценија. Ниту власта, ниту опозицијата не помислија сите овие години да и се обратат ниту неа, како поранешен човек во Кабинетот на Киро Глигоров, амбасадорка во Албанија, на почетокот новинар. Контактите, познанствата се се во политиката, тогаш кога се градат дипломатски односи, кога се одржуваат пријателски врски со најважните луѓе, со најмоќната земја во светот, тогаш кога се оди мазно и тогаш кога земјата се затресува од политичка криза, како што е случај тоа во Македонија.

Способните, квалификувани, значајни луѓе се забораваат, игнорираат, отфрлаат- заради незнаење, ароганција, примитивност, љубомора и злоба. За македонцките работи, тоа се тие наши работи со кои се поткопува земјата и се рушат сите мостови за да потонеме сите. Ачевска и Каранфиловска ќе беа дел од нашиот спас, доколку елитите во Македонија, и власта и опозицијата имаа на ум дека моќта е во луѓето кои знаат да рушат ѕидови на препреки. Наместо тоа, се одбираат кафези и кревање ѕидови на непријателство и омраза кон се што е квалитетно, квалификувано и вредно. Така се рушат и соништата на луѓето кои наместо таа омраза и непријателство, одбираат весел, убав живот, тогаш кога сакаат да замолчи сето зло на овој свет и да се посветат на едно попладне да гледаат во лисјата и пред нивните очи да ги менуваат боите, затоа што некогаш тоа изгледа како најважната работа на светот.