Од:

Полицијата привела само неколку лица ноќта по тепањето во Собрание

Дел од приведените уште на патот кон станицата во Автокоманда биле растоварани по улици од полициските комбиња по ургеници на високи фунцкионери на ВМРО-ДПМНЕ

Ноќта по дивеењето во Собранието во полициската станица биле доведени само 9 лица од страна на полицијата но и тие биле веднаш пуштени затоа што полициските службеници ги пријавиле како доведени лица, а не како приведени, дознава НОВАТВ  откако разговараше со неколку извори кои што таа ноќ биле директно вклучени во задоцнетата полициска акција по тепањето пратеници и демолирањето на парламентот.

„Ги носевме во комбињата. Како што ги возевме постојано се јавуваа луѓе како градоначалници од Скопје и министри, но и поранешни високи функционери и само ни наредуваа „Пушти го овој, остави го овој“. Додека да стасаме до полициската во Автокоманда буквално беа празнети по улици комбињата. Таму донесовме 8 или 9 луѓе. Полицијаците се плашеа да кажат дека луѓето се приведени. Кога внесувате лице во станица мора да кажете по кој основ е приведен. Ако не кажете тогаш тоа лице е слободен човек, немате основ да го држите. Сите осомничени беа пријавувани во станицата како „доведени“ лица. Потоа сите беа пуштени“, раскажува извор во полицијата за НОВАТВ.

Од полицијата ниту еднаш официјално не соопштија дали и колку приведени има од толпата хулигани кои дивееја во парламентот. Додека медиумите екстензивно известуваа за тепањето пратеници во парламенетот, меѓу кои и лидерот на опозицијата Зоран Заев, а се појавуваа безброј извештаи и снимки од илјадниците хулигани кои го окупираа парламентот, во прес центарот каде што се одвиваше тепањето немаше ниту еден полицаец, а долу пред службените влезови имаше само малубројна полиција којашто според снимките ги пропушташе хулиганите во зградата на парламентот.

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу побара одговорност од директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Чавков соопшти дека полицијата интервенирала во 20 40 часот или неколку часа по стравотната заложничка крвава драма во парламентот. Тој дури изјавуваше дека пратениците од СДСМ требале да му кажат дека ќе бираат претеседател. Основното јавно обвинителство е уште потаинствено. Тие денеска пуштија едно соопштение во кое што се вели дека “Бројот на лицата лишени од слобода, конкретните дејствија на истражните органи, како и натамошните дејствија кои ќе бидат преземени, јавното обвионителство ќе и ги соопшти на јавноста кога ќе се создадат услови за тоа и откако надлежните јавни обвинители ќе завршат со првично утврдување на фактите.“



Comments are closed.