Од:

Полна сала, полна душа: Ракометарите со прв исчекор кон ЕП 2018

Македонија ги почна квалификациите за европското ракометно првенство во 2018 година како што посакуваше. Совладана е Украина во премиерата со 27:21 (13:10) во натпревар во кој гостите само во воведот имаа водство (2:3, 2:4, 3:4 и 4:5). Сè останато на теренот беше во знак на „црвено-жолтите“ и, пред се, на Кире Лазаров кој покажа дека ќе зависат многу работи од него и во овој циклус во кој националниот тим влегува со отпочнат процес на подмладување. Капитенот постигна 12 гола и токму неговиот ефект го пресуди победникот. Реализаторски добра вечер и за Манасков зад чие име се впишани шест погодоци, по четири за поразената селекција постигнаа Жуков и Козакевич.

Триумфот на домашната селекција во ниту еден момент не беше доведен во прашање. Украинците во позитива минаа вкупно седум минути (6′-13′). Лазаров и Манаскков со два брзи гола во 14 минута ја вратија Македонија во плус што до полувреме се одржуваше на два-три гола (во еден момент беше и четири 11:7).

Ништо ново во поглед на силите на теренот не донесе вториот дел. Првата половина (до 47-48 минута) македонските ракометари го држеа ривалот на дистанца од паузата (+3) што во преостанатите 12-13 минути беше удвоена за конечни 27:21.

Репрезентативците веќе утре заминуваат за Плзен каде во сабота ќе играат против Чешка во второто коло. Чесите, пак, вечерва му гостуваат на Исланд.

Mакедонија – Украина 27:21 (13:10)

ВИП арена „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 5.500. Судии: Саба Добровиц и Петер Тајок од Унгарија.

Македонија: Ристовски, Даскаловски, Манасков 6, Стоилов 2, К. Лазаров 12, Митков /, Јоновски /, Талески 3, В. Маркоски /, Н. Маркоски /, Прибак 1, Георгиевски 1, Ф. Лазаров /, Ојлески, Кузмановски 1, Нелоски 1. Селектор: Лино Червар.

Седмерци: 4/5. Иклучувања: 10 минути.

Украина; Чуприна, Деревјанкин, Жуков 4, Акименко /, Копишински /, Денисов 3, Дорошчук /, Тилте 2, Јужбаненко 2, Бражник /, Чичикало 2, Садовиј 3, Бјегал /, Северин /, Буиненко 1, Козакевич 4. Селектор: Виталиј Андронов.

Седмерци: 4/4. Исклучувања: 12 минути.