Од:

Половина од новинарите во МПМ може да останат без работа

Вработените во весниците на МПМ,  „Дневник“, Утрински“ и „Вест“ денеска спонтано се собраа на протест пред редакциите за да искажат револт од најновите случувања во компанијата.

Тие изјавија дека утринава добиле електронска пошта со која им се наложува да се пријават и да испратат биографија за вработување  во новата фирма ќерка на МПМ, „Медиа принт Дооел“.

НОВА се обиде да контактира со управителот на новата фирма, Александар Динев, но тој денеска не е достапен за коментар да објасни што се случува во компанијата.

Вработените во весниците велат дека се затечени од оваа ситуација и дека новата фирма во која треба да поднесат биографии и да конкурираат за вработување е фирма со идентично име како и оваа во која сега работат, односно Медиа Принт, а адресата на новата компанија е домашната адреса на управителот на фирмата и долгогодишен вработен во МПМ.

„Тука се вработените во Утрински весник, Дневник, Македонски спорт, Вест и Теа Модерна. Ова е спонтана реакција на сите вработени бидејќи денеска сме затечени од информацијата дека треба да се конкурира за да се прејде во некоја нова фирма. Досега имаме многу пати ситуации кога сме се префрлале од фирма во фирма, меѓутоа секогаш се правело преку службите. Но сега не е така се конкурира за двојно помалку работни позиции од што се сега. Се обидовме да контактираме, официјално со писмо се обративме до менаџментот сакавме средба да оствариме и да ни објаснат за што станува збор. Одговор засега немаме, од таму ни велат дека ни тие немаат информации. Во текот на денот планираме да влеземе во менаџментот и по секоја цена да добиеме информации. Не знаеме што се случува со фирмата во која сега сме вработени. Огласот е распишан за 55 новинари, а МПМ има дупло повеќе од тоа, што значи ќе се прави нова чистка. Ние сме тука за тоа да не го дозволиме“, рече Љубиша Станковиќ претставник од синдикалната организација на Утрински весник.

Тој додаде дека се зборува дека и МПМ, а и Графички центар се веќе е под стечај, но се уште немаат конкретни информации.

„Ништо од она што се договаравме не е испочитувано. Ќе се координираме дополнително и со ССНМ,  и ќе видиме што ќе правиме, но едно е сигурно, вака нема да дозволиме да останат работите“, додаде Станковиќ.

Срѓан Керим, директорот на Медиа Принт Македонија (МПМ) за БИРН ниту потврдува ниту пак негира дека фирмата „Графички Центар“, сопственикот на МПМ, ќе оди во стечај, со што без работа би останале над 250 вработени од весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“.

„Ве молам, на состанок сум, ова не е за по телефон. Не можам да ви кажам дали фирмата ќе оди во стечај“, кратко одговорил Керим за БИРН.

Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници вели дека начинот на кој МПМ се справува со финансиските потешкотии за кои менаџментот со години во континуитет говори е повеќе од скандалозен.

„Технолошките вишоци, отпуштањата, намалувањата на плати и нивно доцнење сега кулминира со формирање нова фирма преку ноќ, спроведување конкурс за вработување на 6 месеци, праќање пораки да се аплицира на работни места кои по својот број веднаш укажуваат дека речиси половина од вработените ќе останат без работа, не е ништо друго туку нов начин на чистење на неподобните и оние кои и досега даваа отпор на политиката на менаџирање која и ја доведе МПМ до ова дереџе. Со оглед на начинот на кој ова се спроведува едно е јасно – интересот на вработените е последната работа на која се мисли. Впрочем погледнете ги условите на кои во старт ќе мораат тие да се согласат – вработување на определено време за новинари, фоторепортери и медиумски работници кои, ако ништо друго, досега имаа статус на постојано вработени. Само овој услов јасно ја покажува целта: да се спречи какво и да е идно спротивставување затоа што вработените на определено време лесно се отпуштаат“, вели Чаусидис.

Фирмата „Медиа принт Дооел“ од семејството на МПМ што беше отворена во крајот на февруари оваа година вчера објави оглас за вработување 55 новинари. Ангажманот е на определено работно време од шест месеци, а платата е 20 илјади денари.

Лошата финансиска состојба во овие медиуми трае со години, а пред нова година новинарите излегоа на штрајк поради неисплатени плати.

На денешниот собир пред редакциите, новинарите рекоа дека последна плата им е исплатена во февруари, додека пак хонорарците последен хонорар примиле е за јануари.

Синдикалните претставници на весниците „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, попладнево имаа состанок со одговорната за човечки ресурси во компанијата, Гордана Русевска. Срѓан Керим не можел да ги прими под изговор дека е на состаноци, а сопственикот на новата фирма, Александар Динев, бил на службен пат.

Русевска немала одговор на прашањата дали компанијата „Графички центар“ ќе оди во стечај и зошто е објавен огласот за работа.

Синдикалните претставници до Русевска упатиле два ултиматуми: Состанок со менаџментот веднаш и да се пролонгира конкурсот за работа најмалку една недела.

Од МПМ денеска реагираа на тоа што НОВА и Телевизија 24 снимале во деловните простории на компанијата. Од компанијата се заканија дека ако ги објавиме снимките направени во деловните простории на МПМ, нивните права и интереси ќе бидат приморани да ги остварат по судски пат.



Comments are closed.