Од:

Половина век омраза: Демонстранти во Техеран го газеа знамето на САД

Граѓаните на Иран вчера ја одбележаа 38 годишнина од Исламската револуција со собири и масовни демонстрации на кои учесниците го газеа знамето на САД.

Претседателот на Иран Хасан Рохани, новата американска администрација на чело со Трамп ја нарече „проблем“.

Американскиот претседател веднаш по преземањето на функцијата како еден од главните нерпијатели го идентификува Иран и со тоа ги подигна тензиите во односите меѓу Вашингтон и Техеран.

Демонстрантите во Техеран извикуваа пароли против САД и Израел. Некои од нив носеле и транспаренти со револуционерсни слогани, газејќи и палејќи ги знамињата на САД и Израел и слики на Трамп и на поранешните американски претседатели, притоа гаѓајќи ја со стрели сликата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

На некои од транспарентите на англиски пишува „Благодарност до Американците што ги поддржуваат муслиманите“ и “Благодарност до Трамп што го откри вистинското американско лице“.

Во говорот Рохани рече дека Иран силно ќе возврати на заканите на своите непријатели. Во изјава за новинарите тој рече дека сите кои зборуваат со јазик на закана со Иран, ќе зажалат.

Врховниот лидер Али Хамнеи во вторникот рече дека доаѓањето на Трамп го покажало вистинското лице на САД, реагирајќи на изјавата на Трамп на Твитер дека Иран со балистичките проби, си игра со оган и не го цени тоа што Обама бил благ кон него.

Трамп претходно рече дека ќе го укине нуклеарниот договор со Иран и со шест големи сили за ограничување на иранската програма за збогатување на ураниумот во замена за укинување на меѓународните санкции.

Масовните демонстрации ја одбележуваат 38 годишнина откако приврзаниците на ајатолахот Рухолах Хомеини во 1979 година гои симнаа од власт шахот Реза Пахлави.

САД во 1953 година го помогнаа државниот удар во Иран со кој беше соборен тогашниот премиер Мохамед Мосадек, што го доведе Пахлави на власт и го означи почетокот на повеќедецениското непријателство на Вашингтон и Техеран.

Иран и САД немаат дипломатски односи од 1979 година, кога иранските студенти ја зазедоа американската амбасада во Техеран и 444 дена држеа заробени 52 американски заложници.