Од:

Поповски и Курц ја посетија котата 59, но го одминаа кампот со бегалци

Себастија Курц, шефот на австриската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, денеска попладне со вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски ја посетија котата  59 на македонското-грчката граница, кај Гевгелија. Сепак, го одминаа кампот „Винојуг“ каде се што се сместени бегалци и мигранти кои останаа заглавени во Македонија по затворењето на балканската рута.

Изјава за медиумите даде само Попоски кој рече дека Македонија одиграла клучна улога во  справувањето со мигрантската криза.

„Веројатно соработката што ја остваривме со повеќе членки на ЕУ, вклучително и Австрија, беше оној момент кој и овозможи на Грција да ги заштити на подобар начин своите граници, а тука го видовме и најлошото искуство од аспект на соработка меѓу двете држави, но и најдоброто искуство кое денеска покажа дека со таа соработка успеавме Грција да ја направиме помалку атрактивна и да спречиме неконтролиран бран на нелегална миграција кој минуваше преку Балканот“, изјави Попоски.

Двајцата министри посетија неколку локации во гевгелиско за електронско набљудување на границата, како и контингентот на австриски полицајци кои во моментот се во Гевгелија.

Посетата на Курц на Македонија продолжува вечерва за кога, според агендата, е закажан состанок со шефот на македонската дипломатија, а за во 18.10 часот е предвидена прес-конференција.