Од:

Поради брутално претепување, 73годишен новинар вчера почина во Русија

Вчера во Русија почина 73 годишниот новинар Николај Андрушенко, основач на неделникот Нови Петербург и критичар на власта на Путин.

На 9 март тој беше претепан од непознати напаѓачи, пренесен во болница каде што имаше операција на главата и вчера им подлегна на повредите.

Според уредникот на Нови Петербург, Андрушенко бил нападнат поради серијата написи за корупција во Санкт Петербург во кои истражувал врски помеѓу високите функционери во градот и организираниот криминал.

На ова реагираше и ОБСЕ. Неговата претставничка за медиуми Дуња Мијатовиќ изјави дека смртта на новинарот е предизвиката од “бруталниот напад” и додаде дека “новинарите во Русија се пречесто цел на заплашувања, закани и напади”.

Андрушенко бил член на советот на градот Санкт Петербург од 1990 година до 1993 година. Потоа станал познат новинар и пишувал за човековите права и организираниот криминал во Русија. Тој почна да го критикува Путин уште во 2000 година пишувајќи дека тајните служби ја преземаат власта во Русија.

Според Комитетот за заштита на новинари Андрушенко бил уапсен во 2007 година и осуден за клевета по еден негов текст во кој пишувал за истрагата за едно убиство и судењето што следело. Новинарот подоцна изјави дека во затворот бил предмет на тортура. Комитетот бележи исто така дека новинарот бил нападнат од непознати сторители и во 2007 година.