Од:

Повеќебрзинската Европска унија е во подготовка

Германија, Франција но и Италија, Белгија, Шпанија и Луксембург навиваат за повеќебрзинска Европска унија. Според овие земји, тоа е начинот да се надмине кризата што ја донесе британската одлука за излез од ЕУ.  Сценарио кое не им се допаѓа на новите земји членки на ЕУ како Полска.

Лидерите на ЕУ во петокот, собрани на самит во Брисел, имаа важна точка на дневниот ред – иднината на ЕУ. Помеѓу лидерите ја немаше британската премиерка Тереза Меј бидејќи темата беше токму иднината на ЕУ без Велика Британија.

Лидерите ја подготвуваа «Римската декларација» која треба да биде усвоена во Рим на 25 март. На овој датум се одбележуваат 60 години од првата европска Повелба усвоена во Рим на 25 март 1957 година. ЕУ сака достојно да го одбележи овој датум со тоа што ќе и даде нов импулс на ЕУ.

Потпишување на првата европска Повелба, 25 март 1957 година

«Треба да бидеме способни да одиме побрзо од некои други кои не сакаат», изјави во Брисел францускиот претседател Франсоа Оланд. Според него, Европа покажала дека во оваа ситуација «не е способна да ги донесе вистинските одлуки во вистинскиот момент».

Оланд ги наведе европската одбрана, евро зоната, даночната и социјална хармонизација. Области во кои една група земји треба да биде способна да оди побрзо и подалеку но истовремено, да не ги затвори портите за другите кои би сакале да тргнат по истиот пат.

Истокот стравува од нова железна завеса

Источно европските земји засега не покажуваат волја да тргнат во овој пат. Но истовремено стравуваат дека оваа повеќебрзинска Европа би можела да крене нова железна завеса.

Тоа воопшто не е намерата, извика претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер. Ова сценарио не крева нова железна завеса помеѓу Западот и Истокот, им порача тој на Европјаните од истокот.

Земјите од Вишеградската група – Унгарија, Полска, Чешка, Словачка и Полска – се загрижија дека ќе станат земји членки од втор ред.

Полската премиерка Беата Шидло изјави дека «ние нема никогаш да прифатиме повеќебрзинска Европа».

Земјите основачи на ЕУ напротив сметаат дека една земја не смее да ја спречува европската интергација на оние кои сакаат повеќе и побрзо.

Успешната Полска стана инаетчија и кавгаџија

На самитот Полска се скара со своите европски партнери поради Доналд Туск. Полска не сакаше да го даде својот глас за продолжување на мандатот на Полјакот Туск како претседател на Советот на ЕУ. Полските внатрешни политички кавги – Туск и новата полска власт се политички непријатели – се пренесоа во Брисел.

Сепак, Туск беше избран со 27 гласа «за» и само еден «против» – полскиот. Варшава се налути па одлучи да не го стави својот потпис на заклучоците од самитот. Тие беа објавени во име на претседателот на ЕУ со поддршка на 27 земји членки и без последици за мандатот на Туск кој е продолжен до ноември 2019 година.

Полското однесување почнува сериозно да им оди на нерви на другите членки поради чекорите што полската влада ги превзема дома а во ЕУ се видени како флагрантно кршење на полскиот Устав и европските правила и вредности.

Дојде и до дипломатска кавга помеѓу Полска и Франција на овој самит. Првата изјава дојде од Шидло која за полските новинари се запраша «дали треба сериозно да ја сфатам уцената на претседател кој нема ни 4 отсто поддршка и кој наскоро нема да биде претседател», рече таа мислејќи на Оланд кому мандатот на чело на државата му завршува во мај.

Според полските медиуми, Оланд зборувал за великодушните европски структурни фондови кои и се даваат на Полска велејќи дека «ова не е игра во која се пресметува кој колку добил за да врз основа на тоа решава колку може да даде».

Старо – новиот претседател на ЕУ Туск реши да и стави крај на оваа кавга па изјави дека главната цел на ЕУ е зајакнување на взаемната доверба и единство.