Од:

Прашањето со Русија, на првиот ден од Самиот на НАТО

Фото: Ројтерс

Претседателот на Полска  Анджеј Дуда и генералниот секретар на НАТО Јенс  Столтенберг , на првиот ден од одржувањето, го оценија Самитот на НАТО како клучен  бидејќи во овие два дена  членките на Алијансата имаат задача да ги постават темелите на новиот сојуз , за кој велат дека се соочува со многу предизвици и закани по безбедноста, пренесува Ал Џезеира.

Столтенберг нагласи дека Самитот се случува во момент на пресврт за НАТО кој се соочува со закани по безбедноста од различни страни, најголеми по завршувањето на Студената војна.

„ Нашиот став е јасен, а тоа е дека НАТО не бара конфронтации. Ние не сакаме нова Студена војна. Таа војна е дел од историјата и таму треба да остане. Ќе бараме нов конструктивен дијалог со Русија за да се отстранат недоразбирањата и да се намали ризикот од избувнување на воени инциденти или несреќни случаи кои може да ни избегаат од контрола. Русија е нашиот најголем сосед и составен дел од европската сигурност. Затоа, одржлив дијалог е неопходен.  Ќе формираме Совет за НАТО и Русија, кој ќе биде задолжен за ова прашање“изјави Столтенберг.

Полскиот претседател Дуда изрази надеж дека НАТО ќе се покаже во подобра состојба од било кога порано, низ конкретни одлуки, со посилен агажман, колективна одбрана и зголемување на воените капацитети, таму каде што е најпотребно.

„Мораме да создадеме чувство на сигурност паралелно со нашите сојузници во Централна и Источна Европа и да овозможи адекватен одговор на предизвиците и конфликтот во Северна Африка и на Блискиот Исток. Јакнењето на источниот блок со присуство на НАТО силите и одговор на предизвиците на Јужниот блок, се исто така наши приоритети. Тие две работи не се спротивни една на друга, тоа е прашање на заедничка одговорност на сојузниците. Затоа не можеме на никого да дадеме привилигиран третман“, рече Дуда.

На првиот ден на Самиот се планира договор за поголема присутност на силите на истокот и распоредување на меѓународни сили на четири т.н батаљони кои ќе ја вклучуваат Полска, Литванија, Латвија и Естонија, а силите ќе ги предводат Канада, Велика Британија, САД и Германија.

На Самиот се упати јасна порака за позицијата на Источноевропските земји во однос на Русија, чија политика станува се поагресивна кон овој дел од Европа.

На Самиот покрај другите челници,  присуствуваат и Американскиот претседател Барак Обама, германската канцеларка Ангела Меркел и Британскиот премиер Дејвид Камерон.

Во Варшава од македонска страна се министрите за ндаворшени работи и за одбрана Никола Попоски и Зоран Јолевски.

Уште пред да се објави агендата на НАТО самитот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов за домашните медиуми соопшти дека тој нема да присуствува на Самитот, поради, како што соопштија од неговиот Кабинет „игнорирањето на меѓународното право, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти, безбедносните предизвици во регионот“.

Но ова доби шпекуклативен карактер откако се појавија реакции дека Иванов и воопшто не бил поканет да присуствува.

Дипломатски извори за НОВА објаснуваат дека Иванов треба да биде поканет на состанок на шефови на држави и влади на НАТО кога темата се однесува на Авганистан, каде Македонија е дел до сојузничката мисија за поддршка. Но немаат обврска за покана на ниту еден друг официјален состанок на лидерите на Алијансата. Во случај да сака да поентира во овој контекст со повикување на меѓународната правда, тогаш, велат дипломати, Иванов тоа би требало да го направи во вид на писмо, но никој не верува дека тоа ќе се случи.