Од:

Правда ретка како брилијант

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Додека сите чекаме да започне неделата, и конечно да го видиме тој документ на ВМРО со кој би требало, според Груевски, да излеземе од кризата и додека чекаме конечно нешто да почне да се случи во Собрание, откако овој највисок законодавен орган веќе со месеци е во хибернација, се сетив на неодамнешното Советување што пред неколку дена го организираше Здружението за кривично право и криминологија а во кое се дискутираше на тема “Отворени прашања околу доказите и докажувањето во кривичната постапка”. Присутни беа повеќе од 60 лица, судии, јавни обвинители, специјални јавни обвинители, адвокати, професори и други познавачи на кривичното право. Присутен беше и Јавниот обвинител на РМ, Марко Зврлевски кој имаше навистина интересна дискусија на која сакам да се осврнам во овој текст. Впрочем, господинот Јавен обвинител на РМ кажа повеќе работи на кои јас во мојата дискусија изразив повеќе критики, но за жал, тој не остана до крајот на Советувањето истите да ги слуша. Затоа, се надевам дека ќе го прочита овој текст и дека ќе размисли малку подлабоко за кажаното, бидејќи сепак, тој е носител на највисоката обвинителска функција во оваа држава, и е најповиканиот да се справува со кривичните дела кои се случуваат во оваа земја, без разлика кој ги извршува.

Јавниот обвинител на РМ кажа три важни работи тој ден:

1. Осврнувајќи се на претходните излагања во кои се зборуваше за барањето на вистината и за значењето на правдата и владеењето на правото за едно општество, Зврлевски рече дека ние сите треба да знаеме дека правото и правдата не се иста работа. Понатаму, тој посочи дека праведната одлука во реалноста е ретка како брилијант. Според Зврлевски, толку се ретки праведните одлуки колку што е редок овој скапоцен камен во природата. Јас, како професор по кривично право, кој секој ден им предава на студентите за суштинските начела на законитост, легалитет, легитимитет, правичност итн. се вџашив и не можев да им верувам на сопствените уши! Да не бев лично присутна во таа просторија никогаш немаше да поверувам дека Јавниот обвинител на РМ, со своја слободна волја, потврдува дека правдата во оваа држава, а и општо во реалноста, била исклучок! Исклучок, како што е брилијантот исклучителен. Сакав да го прашам Зврлевски пред да си оди но не успеав, дали ова значи дека правдата, ако истата е како брилијант, не е само ретка, туку е и незамисливо скапа?! Можеби во некоја наредна прилика ќе може да добијам одговор на оваа прашање како и објаснување за тоа како сега јас да ги убедам моите студенти во нивната кариера да се водат од принципите на законитост и правда ако Јавниот обвинител на РМ јавно кажува дека правдата е исклучок? Сите правници знаат дека се случува една одлука да биде законска меѓутоа не и праведна, бидејќи законите може да бидат неправедни и затоа истите се менуваат кога наместо право произведуваат неправо, меѓутоа, таквите случаи треба да бидат реткост, исклучок, а не правило. Правилото треба е дека во повеќето случаи правдата се спроведува. Ако не е така, и ако правдата е исклучок, тогаш зошто треба да имаме држава, закони, судови, обвинителства? Ако е така, што ќе ни е организирано општество? Ако е така, да се вратиме во првобитната заедница кога секој сам ја спроведувал својата правда и немало институции што тоа го правеле. Која е целта на правосудните институции ако истите потврдуваат дека правдата е исклучок, дури и ретка, а јас би додала и скапа, како брилијант?!

2. Втората работа што Јавниот обвинител на РМ ја истакна е дека законите, кога се во сила, без разлика дали се праведни или не, треба да се спроведат додека истите не бидат променети. И ова сите присутни во таа просторија веќе го знаеја, бидејќи не е правило што Зврлевски го поставил туку извира од старото римско правило: „Dura lex, sed lex“ што на Македонски се преведува „Суров закон, меѓутоа закон (кој треба да се спроведе)“. На сите ни е јасно дека законите мора да се спроведуваат додека истите се во сила, меѓутоа на Зврлевски една работа не му е јасна, а тоа е дека законите мора да се спроведуваат еднакво за сите. Да му беше оваа работа јасна на Зврлевски денеска немаше да имаме Специјално јавно обвинителство, бидејќи обвинителството што тој го води ќе ја исполнеше функцијата на гонење на лица кои се осомничени за криминал, без разлика кои се тие. Да знаеше нешто повеќе Зврлевски за еднаквоста пред законите, кога ќе одлучеше да отвора истрага за начинот на кој се трошени парите од USAID, таква истрага немаше да отвора само за одредени невладини организации, туку и за обвинителството со кое тој раководи а и сите судови кои користеле такви средства преку кои нашите судии и обвинители, вклучувајќи го тука и самиот Зврлевски (кој впрочем, дента се пофали токму за таа работа), ја виделе Америка и нејзините судови и обвинителства, иако тешко може да се каже дека било што научиле во тие студиски посети. Да им беше јасна еднаквоста пред Законот за кривична постапка на нашите судии, денес немаше да имаме ситуација во која неовластено снимените материјали без ПИ мерки се законски докази во случајот Шпион бидејќи истите биле прибавени на законски начин, додека пак неовластено снимените материјали без ПИ мерки кои СЈО ги прибавила исто така на законски начин, се прогласуваат за незаконски во сите случаи кои оваа обвинителство ги гони. Не може истоветни докази, кои се прибавени на идентичен начин, во еден случај да се третираат за законски а во друг за незаконски, во зависност од тоа дали случајот го води редовното или специјалното јавно обвинителство. Кривичниот законик важи еднакво за сите, и Зврлевски на еднаков начин треба да го спроведе, и кога го обвинува Заев за поткуп, меѓутоа и кога Груевски, од телевизиски медиуми, повикува на војна и на насилно уривање на уставниот поредок на земјата преку тоа што повеќе пати очајно бара од граѓаните што го гласаа да го спречат уставното конституирање на државните органи, при што, волја на народот го нарекува таа на 450.000 граѓани наспроти волјата на „не-народот“ претставена од 700.000 граѓани кои стојат зад парламентарното мнозинство. Јавниот обвинител на РМ мора да има предвид дека Кривичниот законик важи и кога Иванов врши државен удар со непочитување на Уставот и со надавање на мандат со што се обидува да го менува уставниот поредок на земјата. Јас не гледам дека Зврлевски нешто многу реагира во последниве случаи, и затоа неговото залагање дека законите требало да се спроведуваат го земам за ништо друго освен за лицемерно однесување.

3. Државниот јавен обвинител обвинуваше тој ден дека Извештајот на Прибе не ги поминал сите демократски стандарди на донесувањето на таков документ. Имено, тој се пожали дека господинот Прибе бил во неговата канцеларија и разговарал со него за само 17,5 минути. Зврлевски прашуваше како можел тој врз основа на толку краток разговор да констатира која е состојбата со овој важен орган на правосудството во Македонија и така да го гради својот извештај?! Е сега би можела да бидам по малку дрска и да му кажам на Зврлевски дека всушност, претпоставувам дека господинот Прибе, кој долго работи во својата фела, уште првата минута на разговорот разбрал што е работата, меѓутоа, заради почит кон институцијата и заради културата и воспитувањето кои го има, останал уште шеснаесетина минути, ради реда. Меѓутоа, би сакала да дадам уште едно поткрепено објаснување на дилемата на Зврлевски околу тој извештај, а тоа е дека не се работи за единствен извештај кој е особено критичен за правосудството на оваа земја. Ако се прочитаат извештаите на Европската комисија за напредок на РМ во последниве години, а особено последниот, во кој се зборува за „киднапирани државни институции“, како и извештаите на Венецијанската комисија за повеќе наши закони, ќе може да се види дека не стоиме добро кога не само еден, туку повеќе извештаи истакнуваат сериозни критики за работењето на нашето правосудство. Затоа, пред да се обвинат пишувачите на извештаите за работи кои нам може да не ни се допаднат како ги пишувале, добро е да бидеме малку повеќе самокритични и да се обидеме да видиме каде грешиме. Решението не е во тоа да се однесуваме како студент кој нема научено доволно а сепак му се лути на професорот зошто добил слаба оценка. Решението е во признавањето на грешките и во учењето од нив.

И така, Советувањето заврши и ние се вративме во нашата работа, а претпоставувам и Зврлевски се врати во својата канцеларија, за да пречека нови експерти кои ќе пишуваат нови извештаи за кои тој пак критички ќе се осврне. Но тоа нема да ја подобри состојбата на нашето правосудство, ниту пак ќе овозможи правдата да се спроведе. Во такви услови, Зврлевски може и понатаму да тврди и да не убедува дека правдата е ретка, исто како брилијант.