Од:

Преку лажни фондации Груевски лобирал кај советниците на Трамп

По објавувањето на истражувањето на НОВАТВ и OCCRP , моќната лоби фирма од САД „Меркјури“ поднесе детална листа во американското министерство за правда за активностите кои што тие ги преземале за својот клиент Либертас Фондација за којшто НОВАТВ и партнерите докажаа дека криеле дека работат за ВМРО-ДПМНЕ.

Според поднесоците на „Меркјури“, во периодот помеѓу 16 и 26 фебруари тие во име на клиентот „Либертас“ оствариле дузина телефонски повици и праќале или добивале повратни мелјови од лица вработени во Стејт Департмент во САД и во Националниот Совет за Безбедност. Сите повици се пријавени со предмет на интерес „Позициите на Американската влада во формирањето на новата влада во Македонија“.

Во поднесокот е пријавено дека „Меркјури“ оствариле контакти со Кетлин.Ф.Макфарланд којашто во првите неколку месеци од 2017  и во времето на нејзините контакти со лобито на ВМРО-ДПМНЕ (20 и 22 фебруари два телефонски разговори пријавени во ФАРА) е назначаена за заменик-советник за национална безбедност на претседателот на САД Доналд Трамп. Во тоа време, пак, советник е контроверзниот Стив Бенон преку чијшто вебсајт „Бреибарт“ се водеше црната кампања против амбасадорот во Македонија Џес Бејли, УСАИД и Џорџ Сорос, а вработени во државната медиумска агенција МИА,  како  Цветин Чилиманов, често гостуваа во овој медиум и даваа интервјуа кои беа на линија на стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај неговиот веб сајт, црната кампања се одвиваше  и преку моќната телевизија „Фокс Њус“ којашто ги поддржува Републиканците, а во време на кризата во Македонија и проблемите со формирање на влада и парламент во земјава, „Фокс Њус“ објавуваше стории кои беа дел од мрежата платени лоби текстови и се објавуваа во конзервативните медиуми во САД, а во Македонија беа организирано објавувани од медуимите коишто ја поддржуваа тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено,  поднесокот на „Меркјури“ открива дека токму Кетлин.Ф.Макфарланд била ангажирана во оваа телевизија како аналитичар за безбедносни прашања.

Со ист предмет на интерес е контактирана и Кристин Чичоне. Американските медиуми за неа пишуваат дека е една од трите личности од највисока доверба на американскиот секретар за надворешни работи Рекс Тилерсон. Пријавен е и еден контакт со Марк Теракоски кој е на позицијата директор на Советот за национална безбедност, но и со други вработени во Стејт Департментот.

Сепак, „Мерјкури“ и овојпат потфрли да ја исполни својата законска обврска и да открие кој е вистинскиот клиент скриен зад тајната „Либертас“ фондација. Исто така, НОВАТВ нема докази дека лобистите имале некаков успех во контактите со овие лица.

Која е Либертас фондацијата и како „Меркјури“ ги прекрши законите прочитајте во продолжение.

 

Како Димитриев го помогна плаќањето на лобито на партијата со народни пари

Лобирање кон десно

Во време на најинтезивниот конфликт со домашните политички непријатели, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ тргнуваат во САД за лично да се среќаваат со политичари и новинари.

Клучен во овие напори, според интервјуата, е Владимир Ѓорчев, млад, амбициозен и конзервативен политичар со силни врски со конзервативците надвор од земјава и особено во САД. Во периодот помеѓу 2016 и 2017 година тој неколку пати патува во САД.

„Така дознав за приказната за Македонија. Влад од македонскиот парламент лобираше за ова“, вели во телефонски разговор за НОВАТВ Ли Странахан, новинар којшто пишуваше на тема Сорос и Македонија за „Брајтбарт“ во февруари годинава.

„Тој зборуваше наоколу со луѓето кои не знаат многу за оваа тема. Ни  јас не знаев многу“, додава Странахан.

„Кога пишувате за конзервативен веб сајт, секогаш кога ќе го споменете Џорџ Сорос во насловот тоа е добар ден“, вели тој додавајќи дека е уверен дека неговото известување независно ги потврдило тезите на Ѓорчев.

Влатко Ѓорчев одби да разговара на темата и да одговара на прашања поврзани со ова истражување.

Истовремено, „Меркјури Паблик Афаирс“ потпиша нетранспарентен и потенцијално нелегален договор за лобирање кој ја вклучува Македонија. Документите поднесени во Американското министерство за правда од почетокот на февруари покажуваат дека „Меркјури“ била ангажирана од извесна „Либертас Фондација“, корпоративно друштво со  месечен договор со лобистите од 15,000 долари за „владини, надоврешни и јавни работи за Романија, Бугарија, Македонија, Србија и Грција“.

Се чини дека „Либертас“ е наменски отворена организација којашто нема никакви други активности. Основана е во август или само еден ден пред „Меркјури“ да ги поднесе финалните документи од Конгресот во САД каде што ја декларираат својата лоби активност. Адресата на којашто е регистрирана „Либертас“ во САД е во Бруклин, Њујорк, на истото место каде што има сметководствено биро.

Според поднесоците во ФАРА и документите за регистрација во Њујорк, единствено јавно објавено име од одговорните лица е 38-годишниот Узбекистанец, Бегзод Исакдјанов, којшто исто така живее во Бруклин. Тој не одговори на прашањата испратени до него.

Но, постои и друг доказ којшто ја врзува „Меркјури“ директно со Македонија. Владата на Македонија доделила договор во висина од околу 150,000 долари на фирма од Лондон “Меркјури“ чии што основачи се директорите на „Меркјури“ од САД. Договор бил склучен во ноември минатата година, но стана јавен дури во мај годинава или еден ден пред техничкиот премиер Емил Димитриев да замине од функција. Договорот се однесува на активности од сферата односи со јавност.

Не е јасно дали овој договор е поврзан со договорот на „Меркјури“ со „Либертас“ или, пак, е за некаква друга работа. Ова откритие го покрена прашањето дали можеби ВМРО-ДПМНЕ за своите услуги плаќало со народни пари.

Член на највисокиот орган на партијата, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, разговараше со претставници на НОВАТВ и OCCRP под услов неговото име да остане анонимно вели дека „Меркјури“ работела за ВМРО-ДПМНЕ, а дека помеѓу другите, Влатко Ѓорчев бил контакт за овие активности.

„Не знам кој ја отворил фондацијата „Либертас““, но знам дека „Меркјури работи за ВМРО-ДПМНЕ“, вели тој. „И не само за нив, имаше и некаква координација со други групи од интерес во регионот и пошироко од други држави“, вели тој, но не елаборираше како тоа изгледало, велејќи дека тој не бил толку инволвран во овие нешта.

Кога ги прашавме „Меркјури“ дали и каква работа работеле за ВМРО-ДПМНЕ, партнерот во фирмата Вин Веберрече: „Работевме нешто за нив, но не знам што точно бидејќи јас не бев вклучен во таа работа, така што морам да ве упатам кај друг партнер во фирмата за детали“.

Ајал Френк, заменик-претседател во „Меркјури“ рече само кратко дека „Либертас е невладина организација и тие работеле во согласност со регулациите од ФАРА“.

Прашани за странските клиенти зад „Либертас“, Френк го прекина разговорот.

„Сега морам да ви спуштам, ок?“

Тие потоа не одговорија на прашањата испратени по маил.

Крег Холман, експерт по лобирање во вашингтонскиот тинк-тенк „Паблик Ситизен“ вели дека договорот помеѓу „Либертас“ и „Меркјури“ е можно кривично дело.

„ Навистина е сомнителна активност. ФАРА е кристално јасна за именувањето на странските клиенти и не е дозволено тие да се кријат за непрофитни друштва. Тоа е обврска, во овој случај на “Меркјури“ целосно да ги откријат имињата на странските ентитети кои ги најмил. Овде тоа не се случило“

Ова не е прв пат „Меркјури“ и Вебер да потфрлат во работата согласно правилата на ФАРА. Проблемот со неоткривањето на странските корисници на лоби услугите сега доби нов тек откакопоранешниот шеф на кампањата на Доналд Трамп, Пол Манафорт, како и поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, потфрлија да пријават дека работеле за странски интереси. Дел од работата на Манафорт за про-руската партија водена од поранешниот украински претседател Виктор Јанукович беше отпосле и под притисок од јавноста пријавена од страна на “Меркјури“ во формите на ФАРА.

Во април годинава, по тој принцип, „Меркјури“ и уште една моќна лоби фирма „Подеста Груп“, направија задоцнети пријави на нивните активности врзани со лоби работа направена во 2012 година за тогашниот претседател на Украина Јанукович, но претставуван преку НВО – „Европски центар за модерна Украина“. Исто како и во случајот со „Либертас“ тие не пријавиле дека работат за политичка партија, а на овој случај работел токму Манафорт.

Ако споредиме со украинскиот пример, тоа покажува дека работата на „Меркјури“ со „Либертас“ е во најмала рака неуредна, а во најлоша „тие учествувале во прикривање на странски клиент“, вели Холман додавајќи дека Министерството за правда во САД ретко ги гони прекршителите на законите.

До денеска не е јасно што точно моќната лоби групација работела за анонимната фондација „Либертас“.

Адам Ерели, поранешен амбасадор на САД во Бахреин којшто беше и заменик претседател во „Меркјури“ од 2013 до 2016 година, напиша најмалку два  текста за Македонија. Првиот, за Handelsblatt Global, се појави на 20 јули, кратко пред „Меркјури“ да ја започне својата работа  за „Либертас“ во август. Ерели е дури и регистриран како лобист во првиот поднесок на „Меркјури“ во Конгресот. Друг негов текст кој беше остар и критичен за работата на Специјалното јавно обвинителство се објави во американскиот медиум „The Hill“ во ноември, кратко откако Ерели ја напушти „Меркјури“. Ниту еден од овие текстови не споменува дали се дел од лоби напорите на „Меркјури“.

Во телефонски разговор, Ерели вели дека ниту еден од тие текстови не бил платен.

„Ги напишав затоа што ме интересира Македонија“, рече тој.

Сегментот од оваа сторија со поднаслов „Лобирање кон десно“ е извадок од големото истражување на НОВАТВ и OCCRP. Македонската верзија на целото истражување прочитајте ја овде.  Англиската верзија овде.  

 

 

 



Comments are closed.