Од:

Пресумпција на корумпираност

Автор: Беса Арифи, Вонреден професор при Универзитетот на Југо-Источна Европа

Невозможно е човек да биде индиферентен гледајќи ја собраниската расправа по годишниот извештај на Катица Јанева како главен специјален јавен обвинител. Невозможно е да не се забележи цинизмот во лицата на повеќето пратеници кои ја следат презентацијата на извештајот и поставуваат прашања. Морничаво е да се гледа дрскоста најпрвин на нивните изрази на лицето а потоа и на нивните зборови чиј што отров се шири во воздухот наоколу, полн со смрдеата на арогантен башибозлук кој едноставно во еден момент станува претежок за да се поднесе. Уште помизерно е последователното известување за тоа како специјалната јавна обвинителка пиела апчиња, како и се слошило, што се случило потоа, итн. како да е сето тоа дел од некој бизарен нискобуџетен сериски филм, а не расправа за извештајот на една институција формирана да ги гони случаите на тешка корупција и друг тежок криминал во оваа мала земја која зрачи арогантност, дрскост и невоспитаност.

Чудно е како може да бидеме сведоци на такво поведение на лица од кои голем број се лично осомничени за таков тежок криминал, а другите пак соработуваат со такви осомничени лица. Како е можно да постои толкаво високо ниво на арогантност спрема една институција од која лицата кои се огрешиле спрема законот, и знаат дека тоа го направиле, треба да се плашат, треба да се сокријат од срамот, треба да се потрудат убаво да се однесуваат па да имаат некоја основа да бараат олеснителна околност за нивната вина, заради фактот што Кривичниот законик предвидува факултативна олеснителна околност во облик на добро однесување после извршеното кривично дело. Меѓутоа не, никаде не се гледа ни трага од таквиот страв ниту пак било каква загриженост а камо ли капка морална одговорност (па ве чувме бре луѓе, слушнавме што сте правеле, засрамете се, покајте се, извинувајте се!).

Таквата ароганција има само еден извор: а тоа е чувството на сигурност дека делата за кои известува специјалната јавна обвинителка нема никогаш да бидат осудени. За да има осуда за таков тежок криминал откако истиот неспорно ќе биде докажан, треба непристрасен суд, за да има непристрасен суд, неопходни се судии со интегритет кои слободно ќе одлучуваат по тие предмети, наместо ропски да му се понижуваат на наредбодавачите. Таквата ароганција која сега неколку дена ја гледаме не само во Собрание туку и веќе подолго време ја приметуваме и во другите институции кои треба да и помогнат на СЈО наместо дрско да ја саботираат, извира од сигурноста дека судиите од “тефтерчето” на Јанкуловска ќе ја извршат својата работа, така мирно и спокојно, баш како од нив ќе се побара. Ете оттука извира целата таа ароганција и дрскост што ја гледаме најотворено деновиве и е реален, очебиен показател на состојбата со судството на оваа држава.

Знам, сите судии не се исти, можеби не се сите корумпирани, можеби некој ден ќе се појават тие херои кои ги очекуваме со години. Но за жал, во овој момент, состојбата во која се наоѓаме сама по себе кажува јасно за тоа каде стоиме со независноста на судството.

Притоа, сакам да укажам на неколку работи: Јасно е дека за да постои независно судство мора да постојат одредени предуслови, како на пример:

  1. Доживотен мандат на судиите. Секако! Еве според нашите закони судиите имаат доживотен мандат. Јасно, може да се прераспределат во други позиции, може да се разрешат во не многу транспарентни постапки, сепак, имаат свој доживотен мандат и треба да си го одбранат тоа право кое им е гарантирано. Во некои понормални времиња тој доживотен мандат треба да значи гаранција на одредената позиција и потранспаренти процеси на разрешување на судии.
  2. Достоинствени плати. Нормално! Гарантирани плати кои ќе ги направат судиите имуни од корупција. Во Македонија платите на судиите се пристојни во однос на економијата на земјата и средните приходи на граѓаните, па дури се доста добри во однос на некои други професии.
  3. Слободно уверување на судиите. Јасно! Тие мора да се оставаат да одлучуваат според нивното слободно уверување, но во некои земји тоа не е право кое се дава туку самиот судија мора да го добие. Судската професија не е лесна професија бидејќи особено во одредени земји тие се соочуваат со големи притисоци, но сепак, таквата професија сами си го избрале, па како и лекарите кои се должни да работат според Хипохратовиот завет, така и судиите имаат должност да го придобијат и зачуваат правото на слободно уверување и да носат праведни одлуки.
  4. Меѓутоа, многу автори тврдат дека има една четврта компонента на независноста на судиите, а тоа е независноста од самиот себеси, која се должи на интегритетот и внатрешната градба на самиот судија. Многу студии покажуваат дека во земји каде што не постои ниедна од горенаведените компоненти се наоѓаат судии со восхитувачки интегритет кои секогаш ќе носат праведни одлуки без разлика на својата положба, плата и безбедност. Додека пак во други места, каде судиите работат во беспрекорни услови, имаат високи плати и обезбедување, доживотен мандат итн. тие сепак подлегнуваат на корупција. Чезаре Ломброзо, италијански правник и психијатар тврдел дека луѓето се делат на родени криминалци и нормални луѓе кои не вршат кривични дела. Тој вика дека родениот криминалец е детерминиран да изврши кривични дела според својата антрополошка структура. Интересно е што состојбата со независноста на судовите наведува на мислење дека постојат родено корумпирливи судии и родено некорумпирливи судии. Непотребно е да се нагласи дека последниве се раритет во овој потполно изопачен систем на вредности.

За жал, во нашата држава веќе подолго време е создадена состојба во која никој не верува во независноста на судството. Во прес-конференциите на СЈО гледаме колку се тие внимателни во однос на пресумпцијата на невиност според кое начело секој ќе се смета за невин додека со правосилна судска одлука не се докаже неговата вина.

Граѓаните во Македонија одамна не веруваат во пресумпцијата на невиност на судовите. Наместо тоа, нова пресумпција е создадена, таа на корумпираност која гласи вака: Сите судии ќе се сметаат за корумпирани се додека со своја правосилна судска одлука не го докажуваат спротивното. Кога ќе паднат неколку такви пресуди кои ќе ја оборат таа пресумпција на корумпираност на нашите судии, ете тогаш ќе видиме малку поинаква снимка од собранието при презентирање на извештајот на СЈО, кое дотогаш ќе прерасне во вистинско и единствено јавно обвинителство.