Од:

Претседателот Иванов му ја честиташе победата на Доналд Трамп

Претседателот Ѓорге Иванов, му честиташе на Доналд Трамп, по повод изборот за претседател на САД.

„Република Македонија придава исклучително значење на стратегиското партнерство со САД, а заложбата за негово натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Македонија и за нејзините граѓани. Вие застанувате на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и непоредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија. Во нашите 25 години независност и сувереност, Република Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат. И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Република Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД“, му порача Иванов на Трамп.

Иванов во честитката вели дека е длабоко уверен дека САД под лидерство на Трамп, ќе и помогнат на Македонија во исполнување на овие стратешки цели.

„Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратегиско партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност“, пишува во писмото на Иванов.