Од:

Прилепската гимназија окупирана од „патриоти“, повикуваат на протести

Тензична атмосфера и утрово имаше во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Ученици од ова училиште до НОВА ТВ испратија видеа на кои што се гледа како група ученици, за кои велат дека се од друго средно училиште, влегле во гимназијата и ги повикувале да излезат на протест.

Учениците се од индустриското училиште во Прилеп и побарале поддршка од нивните соученици од гимназијата за поголема масовност, бидејќи на протестите немало многу од нив.

НОВАТВ го побара директорот, Кире Николоски, за да објасни како дозволува ученици од други училишта да го окупираат школото и да ја спречуваат наставата, но тој не одговори на нашите повици.

директорот на училиштето Кире Николоски

Учениците од другото училиште пред малку си заминале од гимназијата и како и вчера се упатиле кон центарот на Прилеп.

Прилепската гимназија веќе втор ден е на удар на поддржувачите на „Иницијативата за заедничка Македонија“, кои упаѓаат во училиштето со знамиња и скандирање и повикуваат на протести. Вчера и директорот Николоски ги убедуваше неговите ученици дека треба да застанат против албанската платформа. Tие му рекоа дека е срамота да држи политички говори во образовна институција.

НОВА ТВ и вчера и денеска побара информација од Државниот просветен инспекторат за случувањата во прилепската гимназија. Но, досега не добивме никаков одговор.



Comments are closed.